Локацијата покрај реката Вардар каде што треба да се изгради пречистителната станица за отпадни води во Скопје | Фото: Мета.мк

Сè додека за тоа што навистина се случувало не се произнесе официјално овластен орган, со добро поткрепени докази кои во транспарентна постапка би биле на увид на јавноста, секое натамошно обвинување во една или друга насока од двете главни партии во земјава, плус од Арсовска, може да се оцени како извртување на вистината. Од ова силно спинување, освен вистината, жртва многу реално може да биде не само пречистителната станица за отпадни води, туку и целокупното функционирање на градот, како и угледот на државата за натамошни задолжувања, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Серија од обвинувања помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ (како и од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска) се пласирани деновиве во јавноста, кои можат да се подведат под терминот спин:

Спин: Не поминаа неколку дена се покажаа вистинските мотиви на Арсовска, тајните средби со дезертерот Ковачевски и Зечевиќ имаат ефект, тие и ги плаќаат билбордите низ Скопје, за политичка пропаганда. Арсовска наместо да работи се занимава со политиканство, одработува затоа што е уценета.

Арсовска свесно го загрози проектот за прочистителна станица на реката Вардар. Таа спротивно од препораките и правилата на ЕИБ и ЕБОР сакаше да менува комисија во тек на постапка…

[Извор: Курир – ВМРО-ДПМНЕ/соопштение, датум: 20.09.2022]

Спин: ….Скопје стагнира цела година. Во меѓувреме, изби корупциски скандал тежок 136 милиони евра, кавги и превирања внатре во ВМРО-ДПМНЕ. Заеднички именител на сите овие скандали се парите и бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Откако се скара со Арсовска, на виделина излезе дека шпицниот градоначалник Мицкоски и неговите кадри како Перински се фатени со рацете во медот.

Шпицниот градоначалник Мицкоски треба да излезе пред граѓаните и да одговори: За колку мед му пропаѓаат тендерите на Мицкоски во Град Скопје?

[Извор: СДСМ – Соопштение, датум: 20.09.2022]

Контраспин: Oткако на 12-ти септември годинава градоначалничката на Скопје Данела Арсовска упадна на прес конференцијата на дотогашниот директор на ЈП Водовод Златко Перински, кој тој ден бил разрешен, се случува „театар“ во кој можеше да се видат недолични закани, обвинувања за злоупотреби, возвраќања, навреди… а јавноста е континуирано бомбардирана со обвинувања за корупција од двете најголеми партии во државата, владејачката СДСМ, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и од самата градоначалничка Арсовска. Сепак, најголемиот дел од овие соопштенија можат да се препознаат како спинови.

Главната тема околу која се вртат овие обвинувања е изградбата на пречистителна станица за отпадни води што се сливаат во реката Вардар на излезот од Скопје, проект кој е стар како идеја и чија реализација треба да биде пред почеток, а е вреден 136 милиони евра, кои во најголем дел треба да се финансираат од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Ова треба да биде една од најголемите инвестиции наменети за почиста животна средина во Град Скопје, но и во државата генерално и за овие пари гарантира и државата и Град Скопје, а го спроведува ЈП Водовод, за што беа потпишани пет договори уште во 2019 година. Со тогашната финансиска конструкција се обезбедуваат кредити од двете банки (58 милиони евра д ЕБОР и 68 милиони од ЕИБ + 10 милиони грант од ЕУ, односно од неколку земји членки на ЕУ).

Од тогашната церемонија објавена во соопштение на Министерството за финансии, може и да се разбере значењето на инвестицијата која ќе ги опфаќа 9 од 10 скопски општини, за што зборувала директорката ЕБОР Сузан Горансон, која истакнала дека Скопје е еден од ретките главни градови во Европа кои немаат пречистителна станица:

Проектот ќе го смени ова. Со него за првпат ќе се воведат услуги за третман на отпадни води во градот Скопје, и ќе се опфатат 9 од неговите 10 општини. Покрај подобрување на услугите за граѓаните на Скопје, влијанието на овој проект ќе биде многу пошироко. Со него ќе се намали загадувањето на реката Вардар што позитивно ќе влијае врз животот на граѓаните течението на реката.  Со проектот ќе се зголеми и отпорноста на Скопје на климатските промени преку зајакнување на градскиот систем за третман на отпадни води во справување при екстремни временски непогоди рекла Горансон.

Но, по разрешувањето на Перински и оставката или разрешувањето на секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски, она што може да се разбере е дека сето ова се случува поради обиди за влијанија врз комисиите кои ја оценуваат тендерската понуда од технички и финансиски аспект за изградба на објектот.

Па така, Данела Арсовска уште на прес конференцијата на Перински изјави дека не била информирана од ЈП Водовод околу текот на постапката и дека се сомнева дека се работело незаконито, додека Перински тврдеше сосема обратно и дека од банката добил известување дека во оваа фаза на постапката не би било добро да се менуваат членови на комисиите. За сето ова сведочат насловите од речиси сите медиуми во земјава кои тој ден се најдоа на еден од агрегаторите на вести – Тајм.мк.

Во првите два дена следуваа обвинувања и препукувања најчесто меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, по што излезе и она драматично обвинување на Арсовска за тоа како „му ги фатила директоричињата на шпицниот градоначалник Христијан Мицковски со рачињата во медот“ – што требаше да и укаже на јавноста дека корупцијата доаѓа од страна на ВМРО-ДПМНЕ. По ова следуваше нова серија оставки во јавните претпријатија во Скопје и  обвинувања за Арсовска дека „се однесува како четири годишно дете“ од страна на претседателот на Советот Трајко Славески, со што, сосема е јасно, дека и проектите во Градот и функционирањето на клучните јавни претпријатија кои треба да испорачуваат услуги кон граѓаните, се помалку или повеќе доведени под прашање.

Не помина долго време и владејачката партија на државно ниво СДСМ, се вклучи во обвинувањата, а и во поставување билборди низ градот со идентичен речник каков што употребуваше Арсовска: „шпицен градоначалник“ (Христијан Мицкоски), „рачиња во медот“, корупција, итн.

Покрај ова, од СДСМ секојдневно почнаа да лиферуваат по најмалку две соопштенија дневно, плус и по некоја прес конференција, со наслови од типот „За колку тегли мед на Мицкоски пропадна…“, или „До кога ќе се крие шпицниот градоначалник Мицкоски…“, итн.

Вистината може да ја открие само овластен орган – другото се спинови

Настрана речникот што се употребува во овие напади кој дефинитивно е во целосна спротивност со едно пристојно ниво на култура во јавната комуникација со граѓаните, може да се оцени дека сите или речиси сите досегашни тврдења се спинови.

Причината е јасна и едноставна. Никој, ама баш никој во досегашните обвинувања не изнесува доволно јасно, прецизно или конкретно некакви докази од кои би можело да се стекне поцврсто уверување или сомневање дека овој или оној би можел да биде навистина виновен за корупција. Единствен потврден факт кој проциркулира во јавноста за овие десетина дена е официјалното соопштение од ЕИБ кое е одговор на прашања поставени од ТВ Телма и во кое во еден дел се вели:

…До денес, Комитетот за евалуација, потпомогнат од искусен тим од меѓународни консултанти, ги извршуваше своите задачи на посветен начин.

Ја следеше тендерската документација и бараше совети од ЕИБ кога тоа беше потребно.

Обидите да се ревидира стратегијата за набавки без соодветно оправдување во оваа фаза од процесот на евалуација, или неусогласеноста со важечките принципи за доверливост, може да предизвика значително одложување во процесот на набавка и на тој начин може да ја загрози достапноста на средствата….

Разрешениот директор на ЈП Водовод, Перински тоа го толкува како аргумент дека тој е во право, но и покрај ова, јавноста не беше „почестена“ од двете партии со ништо повеќе за да може да поверува дека претежнуваат аргументите на едната или другата страна . Во меѓувреме нешто поконкретно може да се очекува единствено од овластените органи кој ги проверуваат тендерите финансиската полиција и обвинителството. Но, ако и во нив има сомневања има и други органи, па и не само домашни, бидејќи станува збор и за европски грант.

Од тука, се додека за тоа што навистина се случувало не се произнесе официјално овластен орган, со добро поткрепени докази кои во транспарентна постапка би биле на увид на јавноста, секое натамошно обвинување во една или друга насока од двете главни партии во земјава, плус од Арсовска, може да се оцени како извртување со вистината. Од ова силно спинување, освен вистината, жртва многу реално може да биде не само пречистителната станица за отпадни води, туку и целокупното функционирање на градот, како и угледот на државата. Во најмала рака, ЕУ и банките два пати ќе размислат околу следните пречистителни станици во Штип и Велес, како и во Битола и Тетово, што беа најавени тогаш, во 2019 г., од министерот за животна средина Насер Нуредини.

Пишува: Теофил Блажевски