Историчар од Бугарија дал интервју за Слободен печат околу нашите спорови со неа, при што попатно го споменал Путин, чисто како пример за некој, кој ја злоупотребува историјата за политички цели, а руската амбасада од тоа направила драма и објавила негативна реакција, во која, за сè да биде уште полошо, има и куп спинови, пишува Вистиномер во контраспинот кој го пренесуваме во целост.
Амбасадата на Руската Федерација во С. Македонија објавила негативна реакција за интервјуто со бугарскиот историчар Стефан Дечев, објавено на 18.11.2024 г. во весникот Слободен печат, а во неа можат да се детектираат повеќе спинови:
Спин: Го свртевме вниманието на дел, посветен на Русија, од интервју со бугарскиот историчар г-н Стефан Дечев, објавено во весникот “Слободен печат” на 18 ноември годинава. Сметаме дека не е целисходно да влегуваме во полемика со него, исто како и да испраќаме несогласување до редакцијата на изданието, кое во тек на многу години се одликува со објавување на слични материјали на редовна основа.
Меѓутоа, би сакале да го привлечеме вниманието на македонската јавност кон тоа дека изјавите на г-н Дечев за Претседателот Владимир Путин, кој ја ужива поддршката на огромното мнозинство од населението на Русија, се токму тој пример на дезинформација и злоупотреба на историја, за која тој расудува, одговарајќи на прашањата на новинарот.
Сметаме исто така дека е неопходно да истакнеме очигледен факт – нашата држава отсекогаш беше во првите редови на антифашистичката борба и денес продолжува – доста успешно – да се спротивставува на неонацизмот во Украина.
[Извор: Фејсбук-објава на амбасадата на Руската Федерација – датум: 19.11.2024]
Контраспин: Во објавата има повеќе спинови, но, да нема забуна, тема на интервјуто, на кое реагира амбасадата, воопшто не е Русија, туку спорот меѓу С. Македонија и Бугарија. Дури и амбасадата признава дека само дел од интервјуто има врска со Русија, а под претпоставка дека онлајн-верзијата од истото е комплетна, тој дел започнува кога Дечев одговара на прашање на новинарот Срѓан Ивановиќ дали историјата се злоупотребува, цитираме:
Се разбира дека се злоупотребува историјата, на пример од еден Владимир Путин, кој со злоупотребата на историјата прво изгради еден авторитарен режим во самата Русија, а потоа повторно со злоупотреба на историја ја легитимизираше инвазијата врз Украина.
За Русија тука има само една реченица, а тоа што нејзината амбасада реагирала на таква ситница ја потврдува тезата на Дечев дека Владимир Путин е авторитарен владетел. На пример, дали вака реагира амбасадата на САД ако некој го критикува Џо Бајден? Демократски земји тоа не го прават.
Според руската амбасада, Путин ужива доверба, но се премолчува фактот дека најбитните руски опозиционери се убиени или починати в затвор (Алексеј Наваљниј, Борис Њемцов и др.), а некои се апсени само за искажан збор или не смеат да учествуваат на избори, ниту да протестираат, па таму нема слободно изразување на довербата, со што тврдењето на амбасадата паѓа во вода.
Сакајќи да ја побие тезата на Дечев дека Путин ја злоупотребува историјата, амбасадата го прави токму тоа – ја злоупотребува, а дел од тоа е излитената теза дека „Украинците се нацисти“. Амбасадата тврди дека Русија секогаш била во првите борбени редови против фашизмот, но таа воопшто не е доследна во тоа. Така, на пример, во агресијата врз Украина учествуваат руски неонацисти како Антон Раевскиј или Алексеј Миљчаков со одредот Русич.
Иронично е и тоа што со Пактот Молотов-Рибентроп (23.8.1939), Русија како дел од СССР му била сојузник на Адолф Хитлер. Тие меѓу себе си ја поделиле Полска, по што одржале дури и заеднички воени паради и конференции на германската тајна полиција Гестапо и советската НКВД, а кај Мурманск во Русија била отворена германска морнаричка база – Базис Норд.
Хитлер го нарушил пактот со нападот врз СССР на 22.6.1941 г, а среде Русите и тоа како нашол соработници, кои формирале свои војски: РОА на Андреј Власов, РОНА на Бронислав Каминскиј , РНА на Борис Смисловски и козаците како Иван Кононов.
Но, руски фашисти имало и пред војната, во белогардејската емиграција: Сèруската фашистичка организација на Анастасиј Вонсјацкиј, Руската фашистичка партија на Константин Роѕаевскиј и Руското национално и социјално движење на Павел Бермонт-Авалов.
Русија има развиена неонацистичка сцена, а на 22.3.2015 г., во С. Петербург се одржа меѓународен конгрес на такви партии, среде кои беа: НДП (Германија), БНП (Британија), Форца нуова (Италија) и Златна зора (Грција), што руските власти го толерираа, а гостите дури упатија пофалби до Путин.
Украина не е нацистичка држава, а Володимир Зеленски има еврејско потекло. Неговиот дедо Семјон Зеленски се борел против нацизмот како советски војник. Со закон донесен на 9.4.2015 г., Украина го забрани нацизмот, а некои негови следбеници во неа има, но тие се маргинални. Тие беа поактивни во 2014 г., кога украинската војска беше слаба, па тука се појавија понекои полудиви паравојски, но тоа се промени и за тоа веќе пишувавме.
Навистина, некои Украинци соработувале со Хитлер. Но, пред тоа, илјадници Украинци умреле под власта на Москва (т.е. на СССР) во Гладоморот и сталинистичките чистки, што натерало некои Украинци спасот да го бараат во таквата соработка со Хитлер.
Но, тој „брак од интерес“ бргу завршил. Украинските националисти биле за независна Украина, што за Хитлер било неприфатливо, па тој ги стрелал и затворал, дури и нивниот лидер Степан Бандера, кој скоро сета војна ја одлежал во нацистичкиот логор Саксенхаузен, додека браќата му умирале во Аушвиц. Како реакција на тоа, била создадена Украинската востаничка армија, која се борела и против Москва и против Хитлер.
Што е за право, историјата не е егзактна наука, па за еден настан може да има разни верзии, но за добивање на целосна слика, редно е тие да се наведат, што Кремљ не го прави.
Тука доаѓаме и до клучното прашање: дали Путин ја злоупотребува историјата за политички цели? Тој и тоа како ја злоупотребува за да ја оправда агресијата врз Украина, а пример за тоа беше интервјуто дадено на американскиот новинар Такер Карлсон, во кое Путин се враќаше назад дури до 9 век. Тоа е апсурдно, затоа што настаните од пред еден милениум не ја оправдуваат агресијата, а и Путин ги изнесува историските факти извитоперено или селективно.
Тој тврди дека Украина е вештачка творба на Владимир Илич Ленин, но Украинците пред тоа сами си ја создале Украинската Народна Република (1918 – 1922), која Ленин всушност ја нападнал и задушил. По урнекот на неговата Советска Русија, тој тогаш ја создал Советска Украина и насила ја внел во новооснованиот СССР. Ленин тоа им го сторил и на Белорусија, Грузија, Ерменија, Азербејџан и др.
Следело дотерување на границите меѓу тие советски републики, а според Путин, Ленин неоправдано решил регионот Новорусија (Донецк, Луганск, Херсон итн.) да спаѓа во Советска Украина. Путин тоа го користи како аргумент за својата илегална анексија на регионот, нагласувајќи дека тој порано бил дел од Руската Империја. Но, тоа не бил исконски руски регион, туку Империјата го освоила и токму затоа го нарекла Новорусија.
Претходно, тоа била слабо населена степа, наречена Диво Поле, но таму скитале украинските запорошки козаци и Кримските Татари, кои час војувале меѓу себе, а час соработувале. Со тек на времето, регионот бил сè повеќе населен и мнозински етнос во него станале Украинците (тогаш нарекувани Малоруси), за што сведочи пописот од 1897 г. Но, Путин за ова молчи.
Патем, Путин шири носталгија по СССР, дел од што е и почитта кон Ленин, но тука него го критикува, што е малку противречно. Но, како и да е, тој наратив дека Украина добила територии „на тацна“ е доста застапен кај Путин, а таков подарок, според него, ѝ дал и Јосиф Висарионович Сталин, кога им одзел територии населени со Украинци на Полска, Романија и Чехословачка. Во тоа има вистина, но, повторно, Путин премолчува битни детали во врска со тоа.
Далеку пред Сталин, Украинците на тие простори самите се бореле за свое ослободување, при што во периодот 1918-19 г. создале дури и краткотрајни држави: Западноукраинската Народна Република, Република Команча и Хуцулската Република, а десетина години подоцна и Карпатска Украина. Но, Путин за сето тоа молчи.
Тој нагласува дека делови од Украина порано биле делови од соседните држави, со цел да ја прикаже како конструкт од туѓи територии, но ние пишувавме за таквата злоупотреба на историски мапи, која не држи, затоа што многу земји некогаш биле под туѓинска власт.
Русија, пак, била империја, па таа самата се состои од туѓи освоени територии: Чеченија, Дагестан, Татарстан, Башкортостан, Чувашија, Удмуртија, Бурјатија, Јакутија, Чукотка итн. Калининград бил германски, Карелија – финска, Сахалин – јапонски, Владивосток – кинески, итн.
Путин го наведува сојузничкиот Перејаславски договор (1654) меѓу Хетманатот (државата на украинските козаци) и царска Русија како наводен доказ дека Украинците сакале да бидат здружени со неа, но таа, всушност, го злоупотребила тој договор за да ги пороби.
Русија подоцна го разурнала центарот на козаците, Запорошката сеча (1775), го гонела украинскиот јазик со забрани како Валуевскиот циркулар (1863) и Емскиот указ (1876), а и украинските дејци како Тарас Шевченко, но за сето тоа Путин молчи.
Тој манипулира и со средновековната држава Киевска Рус (рус. Киевская Русь), која ја изедначува со Русија (Россия), но таа нема ексклузивно право над таа историја, кое го имаат сите Источни Словени. Тоа наследство го има и кај Белорусија (Беларусь) и кај етничките Русини, а и Украинците го користеле тој етноним. Кај нив, во Киев, процутела таа култура во 10 век, кога Москва не постоела.
За нашите читатели полесно да нè сфатат, како пример ќе наведеме дека врска со Старите Словени имаат и Словачка и Словенија и Славонија, па не може само една од нив да има ексклузивно право на тоа и да ги напаѓа останатите, да им го оспорува идентитетот и да тврди дека тие „вештачки“ настанале од неа – како што Русија на чело со Путин сега тврди за Украинците.
И, иронично, Рус прво бил назив за шведските викинзи на чело со војсководецот Рурик, кои биле основачи и владејачка класа на споменатата средновековна држава.
Тоа се сложени теми, кои Путин ги симплифицира и извитоперува, а на крајот на краиштата, дури и неговите историски факти да се точни, тоа не ја оправдува агресијата и воените злосторства.
Пишува: Вангел Башевски