fbpx

Контраспин: Протестот на матичните лекари од приватното здравство е оправдан и навремен

-

Симболичниот протест на матичните лекари од приватното здравство, што се одржа на 7 април, е навремен и оправдан, затоа што низата барања што ги имаат се барања од поодамна и од претходните протести, а досега, освен на едно-две, ниту им се удоволени, ниту, пак, има суштински напредок во комуникацијата со МЗ и со ФЗО. А, меѓу суштинските барања е покачување на капитациониот бод, кој е ист од 2018 година од 63 денар по пациент и навремена исплата од ФЗО од месец за месец, а не со доцнење од три месеци. Реформи за примарното здравство се бараат од 2018 година, па, сепак, досега МЗ не успеало да ги пронајде, пишува „Вистиномер“ во својот најнов Контраспин.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Министерот за здравство, Беким Сали, на денот на протестот на матичните лекари од приватното примарно здравство изјави дека како министерство се во постојат контакт со сите здруженија на матичните лекари и дека протестот бил ненавремен, при што може да се препознае спин:

Спин: Овој протест е легитимен, но не е навремен. Ние работиме на нов модел на финансирање на примарната здравствена заштита. Сметам дека денот е за одбележување на Денот на здравјето, а не за протестирање. Јас ќе им се придружам, тоа е легитимно право. Тие ќе ми бидат гости и драго ќе ми биде да ги видам како група, изјави Сали по најавениот протест на лекарите.

[Извор: Локално – изјава на Беким Сали – датум: 07.04.2022]

Контраспин: Министерот за здравство, Беким Сали, при отворање на нов оддел на Клиниката за педијатрија кратко искоментира за протестот на матичните лекари од приватните здравствени установи дека протестот бил легитимен ама не е навремен, што не е ништо друго туку извртување на вистината, т.е. спин.

Спинот е јасен, иако од кратката изјава на Сали не е најјасно што мисли под тоа дека „е легитимен ама не е навремен“. Не е најјасно затоа што во следната реченица вели дека „денот бил за одбележување на Денот на здравјето“, па останува нејасно дали мислел на денот 7-ми април како за протест, или на претходната реченица, дека министерството „работело на нов модел на финансирање на примарна здравствена заштита“. Но, и во двата случаи, исказот дека не е навремен е спин.

А спин е, затоа што, под број еден, ако огромна групација претставена преку Здружението на приватните лекари од РМ, која обединува околу 6.000 лекари и медицински работници во приватните здравствени установи и која има Управен одбор, кој во кратко време од неколку месеци два пати носи одлука за протест, тогаш причините мора да се значајни и, ако ништо друго, мора да бидат слушнати од властите, односно во секој случај протестот е навремен. А, основното суштинско барање или барање број еден, е изнаоѓање начин за да можат лекарите и ПЗУ да опстојат, односно да се најде ургентно финансиско решение за да не дојде до затворање на ПЗУ.

Барањата се исти подолго време и се логични

Ако се направи мала хронологија на настаните околу овој проблем, ќе се види дека ваквото барање беше упатено и во февруари, кога беше одржан вториот протест на членовите на ЗПЛРМ на 18.02.2022, кој беше прекинат за еден ден, затоа што на состаноци со министерот за здравство и заменикот беа оправдани барањата и беше најавено дека ќе има промени. А, барањата се горе долу исти и на овој и на вториот и на протестот од пред повеќе од една година.

Првото барање е покачување на капитациониот бод по пациент од 63 на 90 денари, бидејќи од 2006/07 година, кога се почнало со капитационен бод од 45 денари, тој е пораснат на 50, а второто покачување било во 2018 година. Второто клучно барање е околу пациентите кои се регистрирани во една ПЗУ. Имено, според важечките одредби на Законот за здравствена заштита, доколку еден доктор од ПЗУ се пензионира или ја напушти конкретната ПЗУ, автоматски му се бришат и неговите пациенти. А, пациентите се основа од која ПЗУ опстојуваат. Здружението ова го барало од и од поранешната влада и вистина, во ноември 2021 година, тогашниот министер за здравство Венко Филипче поднесува во Парламентот предлог за измени на Законот за здравство, во кои се ставени и овие барања на ЗПЛРМ. Но, законот, иако помина собраниска процедура и може да се најде во затворени прописи, според ЗПЛРМ е повлечен од новиот министер за здравство на ново разгледување, со што, барањето околу пациентите е повторно отворено. Освен ова, со измените, меѓу другото, им се овозможуваше на специјалистите да работат каде сакаат, во државно или приватно здравство, како и да мигрираат согласно дефицитот во нивната специјалност.

Едно од поважните барања на приватните лекари е да се смени начинот на исплати од Фондот за здравство, кој исплаќа капитациони листи со доцнење од, два, три и четири месеци. Според претставниците на ПЗУ, ваквото доцнење стои во договорите што ПЗУ ги потпишува со Фондот, но ако одбијат да ги потпишат или бараат промена на овој член од договорите, ФЗО воопшто нема да работи со таквите ПЗУ, со што практично ги остава на целосна милост или немилост на пазарот. И навистина, ако се погледнат соопштенијата на ЗПЛРМ до своите членови, може да се види дека во февруари ја добиле капитацијата за ноември, а на почетокот на март капитацијата за декември.

Има и барања да се смени казнената политика на ФЗО, кој на лекарите им изрекува високи казни за административни пропусти, како казната од 15 илјади денари за лекар од Штип за која сведочи претседателката на Здружението д-р Лидија Чолакова Дервишова, настапувајќи на денот на протестот на Утрински брифинг. Впрочем, за ваквата казнена политика, лекарите од ПЗУ, на крајот од јануари годинава добија подршка и од Лекарската комора.

Едно од пологичните барања е терапијата за хронично болните пациенти да не биде врзана со чести потврди од специјалисти, зашто има хронични болести кои се доживотни. Во иста логична насока е и барањето ПЗУ да се тргнат од листата на субјекти кои струјата ја плаќаат како индустриска, со што добиваат премногу високи сметки за потрошена електрична енергија, итн.

Здружението досега остварило две средби со министерот за здравство Беким Сали на крајот од јануари и во февруари, но според нивното тврдење нема суштински придвижувања на ниту едно барање, освен разбирањето што го изразил заменикот министер за здравство за лекарите од околу 500 загрозени ПЗУ, кои имаат многу мал број на пациенти поради депопулацијата и регионите каде што работат и едно прифатено барање за намалување на сумата за акредитација на ПЗУ.

Потрагата по реформи во примарното здравство трае со години

Како што може да се види, проблемите се повеќеслојни, засегаат голем дел од медицинскиот кадар и средно-медицинскиот персонал, а што е најважно ги тангираат речиси сите жители во земјата, бидејќи законски и на терен, првиот степен на здравствена заштита оди преку системот на матични лекари во примарното здравство, а најголемиот дел од нив се во ПЗУ. Впрочем, самиот министер вели дека се бара нов финансиски модел за примарното здравство, во интервјуто дадено за РСЕ на почетокот на март годинава. Иако тој вели дека е оптимист и дека за неколку месеци може да се дојде до нов модел, сепак, не е одвишно, доколку има предвид дека менувањето и реформирањето на моделот на примарното здравство трае од 2018 година и е подржан и од СЗО (види во првите две-три минути од видеото), но сепак и по цели четири години не се дошло до крајно решение.

Оттука, имајќи ги предвид погоре изнесените факти, јасно е дека протестот не само што е легитимен, туку е и навремен, а исказот за ненавременост на министерот го оценуваме како спин или извртување на вистината.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...