fbpx

Контраспин: Пропаѓањето на ЈСП е заедничко дело на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Градското сообраќајно претпријатие е во многу лоша состојба поради повеќе политики што биле водени (па прекинувани), кон оваа јавна фирма, вклучувајќи ја и главната политика за тоа каков треба да биде јавниот превоз во Скопје

-

Вистината е дека градското сообраќајно претпријатие е во многу лоша состојба поради повеќе политики што биле водени (па прекинувани), кон оваа јавна фирма, вклучувајќи ја и главната политика за тоа каков треба да биде јавниот превоз во Скопје. Доволно е само да се погледнат набавките на автобусите, јавните набавки од ЈСП и судбината на проектот „Брз автобуски превоз“, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

 

Опозициска партија СДСМ искомуницира со јавноста со спин во врска со состојбите во Јавното сообраќајно претпријатие Скопје:

Спин: …Последната несреќа со неисправен автобус на ЈСП само потврдува во каква ужасна состојба е градот и претпријатието, но ВМРО-ДПМНЕ тоа не го засега ни малку.

Да биде иронијата уште поголема, во моментов нивната екс миленичка Данела Арсовска ги обвинува, дека самите советници на ВМРО-ДПМНЕ ја блокираат набавката на нови автобуси за градот.

Има ли поголем доказ дека користољубието и партискиот интерес на ДПМНЕ се пред се и над се? Воопшто не има важно дали небезбедни автобуси ќе се возат и дали некој ќе настрада, важно е самo дали Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат контрола и интерес во набавката…

Извор:СДСМ: Скопјани страдаат…/Соопштение – датум: 09.06.2024]

Контраспин: Обвинувањето за состојбата на ЈСП, искомуницирано од СДСМ во соопштение, а во врска со несреќата на еден од автобусите на ова претпријатие е спин, односно извртување на вистината.

А вистината е дека градското сообраќајно претпријатие е во многу лоша состојба поради повеќе политики што биле водени (па прекинувани) кон оваа јавна фирма, вклучувајќи ја и главната политика за тоа каков треба да биде јавниот превоз во Скопје.

Се разбира дека СДСМ како опозиција или ВМРО-ДПМНЕ како централна власт, ова нема да го признаат. Исто како што никој не сака да има јавна врска со градоначалничката Данела Арсовска, која како независен кандидат дојде на чело на градот со помош на ВМРО-ДПМНЕ. И која е позната по скриеното политичко флертување де со едните, де со другите. И по своите брзи (блиску до брзоплети) одлуки за тоа кој ќе директорува со градските служби и компании, па како резултат на тоа се испосменети повеќе директори и во ЈСП за овие неколку години. Но, кратко потсетување на неколку факти кои ги отсликуваат маркантните политики околу ЈСП, доволно речито зборуваат дека лошата состојба е заедничко дело градено изминатите барем десетина години:

ЈСП од секогаш било во тешка позиција поради огромниот сооднос што постои поради огромните трошоци за функционирање и потребата од евтини карти за различни слоеви од населението;

ЈСП, како и стотици други примери во светот, оваа дупка ја покриваат главно од локалната власт, т.е. од Град Скопје;

Поради намалени приходи, а зголемени трошоци, ЈСП беше помагано и од владите и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, преку разни мерки, од кои поголемите беа за бесплатен превоз за пензионери, ученици и студенти;

Владите на ВМРО-ДПМНЕ до 2017 година, како и Владата на Зоран Заев до 2021 година, го субвенционираа или го помагаа преку други мерки ЈСП, главно преку купување автобуси (кинески, украински и германски) и преку исплаќање милионски суми по основ на водење социјални и образовни политика. За големите набавки од времето на Груевски се водеа судски постапки во кои некој признаваше вина (Јанакиевски), а за некои што не признаа (Јанушев), постапката беше искомпромитирана со ланските скандалозни измени на Кривичниот законик;

Од 2021 година, повеќе информации говорат дека откако е Арсовска градоначалничка, Владата на СДСМ, предводена од Димитар Ковачевски престана да ги исплаќа овие субвенции. Формите беа различни (студентите не оделе физички на настава), но и кога се плаќаа, се плаќаа со задоцнување. Нема јавна информација, барем досега, но несомнено дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ не би исплатила милионски суми за да ги штити политиките на својата некогашна штитеничка, а по големата кавга за „рацете во медот“, една од главните непријатели. Во Програмата на Владата 2024-2028 не може да се најде директно посочување за субвенционирањето на ЈСП за ученици, студенти и пензионери иако индиректно се посочува дека оваа политика ќе продолжи;

ЈСП како и во минатото, така и денес, отсекогаш било место каде што партиите на власт на локално и централно ниво си ги вдомувале своите активисти и симпатизери кои имале потреба од вработување;

ЈСП како и во минатото, така и денес, со своите огромни потреби, отсекогаш било во фокус на бизнис секторот, посебно на партиски цврсто определниот, па оттаму и скандалите околу јавните набавки кои предизвикуваа голем интерес на јавноста и на телата и институциите да го заштитуваат јавниот интерес. Впрочем, само набавката на гориво за автобусите во која победи „Пуцко петрол“ и сите детали околу таа набавка на крајот од 2022 година, доволно речито зборуваат за бизнис-партиските интереси околу ЈСП;

Состојбата со проектот „Брз автобуски транспорт“, за кој Град Скопје зеде кредит од 70-тина милиони евра и за кој во крајна линија гарантира и државата, покажува дека ЈСП со овој застарен концепт на јавен превоз уште долги години ќе мора да опстојува, зашто во спротивно колапсот на сообраќајот во Скопје би бил стопроцентен;

Поради сè погоре наведено, сосема е јасно дека СДСМ во своето соопштение спинува, исто како што спинерски одговараат и од ВМРО-ДПМНЕ преку партиското соопштение.

 

Пишува:Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

В среда стартува Балканскиот етно фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција“ 2024

Со концертниот настап на македонскиот гитарист Мухамед Ибрахими во НУ Завод и музеј Битола на 17 јули, среда, со почеток во 20.30 ч. започнува 18-то издание на Балканскиот етно...