fbpx

Контраспин: Проблемот со кучињата скитници не се решава со спинови

-

Проблемот е многу сложен и голем имајќи ги предвид и отштетите што ги плаќаат општините на годишно ниво (Само во Скопје беа над еден милион евра) и траумите на оштетените граѓани, па оттука со овој проблем треба да се занимава и државата и општините. Добро е што премиерот Ковачевски денеска ретерираше дека државата нема ингеренции и дека тоа е проблем на општините кои ништо не правеле и што кажа дека дал налог за изготвување на сосема нов закон. Добро би било и ВМРО-ДПМНЕ да не генерализира и спинува, туку таму каде што нејзините градоначалници и нивните совети управуваат со општините да ги преземат сите мерки, пред сè во смисла на регионализација на проблемот и негово решавање со здружени сили и средства. Но, исто така, наместо активна блокада да иницираат законски измени или да бидат активни во носењето на новиот закон, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Во врска со решавање на проблемот со кучињата скитници „Вистиномер“ детектираше два спина. Првиот е на власта, вториот е на опозицијата:

Спин: Јас разговарав со министерот за земјоделство, при следната посета на Брисел со соодветните сектори да разговараме за одредена соработка преку ИПАРД програмите, доколку може да се направи некој модел на одреден стационар којшто ќе може да биде некаков државен проект, иако не е ингеренција на државата, со цел да можеме да помогнеме на граѓаните и на општините во справувањето со овој проблем, бидејќи се работи за навистина голем проблем, а гледам дека градоначалниците воопшто не се занимаваат со него.

[Извор: META.мк – Ковачевски:…;Датум: 12.01.2023 г.]

 

Спин: Само за оваа влада решавањето на проблемот со кучињата скитници преставува непремостлив проблем.

Ковачевски е толку неспособен што ќе барал странска помош, тогаш се поставува прашањето зошто постојат институции ако за секој проблем се бара странска помош.

Законска обврска е чипирање на кучињата исто како и тоа да ниту еден ветеринар не прегледува куче кое не е чипирано, а ако има такво куче треба истото да биде пријавено. Кога последен пат е направена инспекција од Агенцијата за храна и ветеринарство врз ветеринарните ординации и дали некој сопственик на куче е казнет што се откажал од својот миленик и го пуштил на улица?

Срам е за институциите на државата што граѓаните сами се препуштени да се снаоѓаат и се допушта средновековни масакри врз животни. Проблемите со кучињата скитници, нападите врз луѓе како и средновековните масакри значат отсуство на функционалноста на институциите.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/веб; Датум: 13.01.2023 г.]

Контраспин:  За проблемот со егзистирањето на кучињата скитници низ општините во државата што стана одново актуелен по масакрот врз нив извршен пред неколку дена во Струга, спинуваат и власта и опозицијата.

Премиерот Димитар Ковачевски запрашан за овој проблем апропо протестот на активистите за заштита на животните во Скопје, изјави (на 12.01.2022) дека дека проблемот е навистина голем и дека ќе побара помош од ЕУ преку програмите ИПАРД за некаков државен проект „иако не е ингеренција на државата“ и бидејќи гледа дека „градоначалниците воопшто не се занимаваат со него“.

Овие цитирани делови од исказот на Ковачевски се спин, т.е. извртување на вистината. Проблемот е пред сè на локално ниво, но како што точно забележал Ковачевски, тој е толку голем, што со право државата може и мора да интервенира за да помогне да се реши максимално можно. Имено, овој проблем е регулиран со неколку закони од кои главни се Законот за комунални дејности и Законот за заштита и благосостојба на животните. Во првиот закон во член 5 е дефинирано што се комунални дејности и меѓу другото во тоа спаѓа и „уловување на животни скитници“ и „чување на животни и домашни миленици во населени места“. Во вториот закон во член 26 се наведени одредби како да се постапува со домашни миленици, што им е дозволено, а што забрането на сопствениците, а во наредните членови обврските за регистрација, чипирање и слично.

Овие два закона се важни за да се види дека проблемот, сепак е и проблем на државата и од државата. Неомнено дека е важно какви се законите, но и казните за непостапување и како воопшто се применуваат законите. А, според разговорите што ги имаше „Вистиномер“ со две активистки за заштита на милениците, има проблем и во спроведување на првиот и на вториот закон.

Проблемите се пред сè во недоволните средства што се одвојуваат од општинските буџети за целосно спроведување на законот и според бројот на инспектори што треба да се грижат за спроведување на законот за благосостојба, особено пак, во делот на казнената политика, односно во главата прекршочни одредби, каде за физички лица казната е до 30 евра одредена во членот 64 од законот. Уште ако се земе предвид дека со главниот закон за прекршоци овие казни дополнително се намалени и може да се преполоват ако се плати веднаш по изрекувањето, но и дека прво треба да има опомена, тогаш е јасно дека проблем има и во законската регулатива, а таа и нејзиното спроведување дефинитивно се во надлежност на државата.

 

Општините сепак постапуваат за решавање на проблемот

Но спин има и во тврдењето на Ковачевски дека градоначалниците воопшто не се занимаваат со овој проблем. Само со просто пребарување на интернет може да се види дека градоначалниците и советтите на општините расправаат и носат програми за справување со кучињата скитници.

На пример, покрај Скопје кое направи и стационар и ЈП „Лајка“, тој проблем се обидува да го решава и Битола уште од 218 година, Кавадарци во 2017 г, Куманово од 2022 година, Пехчево од 2020 година, Велес од 2022 година каде се одржал состанок и со општините од регионот и проблемот се гледа во регионален стационар, па дури и Струга, каде што се случи страотниот инцидент, која во буџетот за 2023 одвоила некои десетина илјади евра за заловување на скитниците. Дека градоначалниците се занимаваат со проблемот може да се види и од линковите за јавни набавки што редовно се објавуваат, види тука, тука, тука и тука.

Ова значи дека е спин изјавата на Ковачевски дека градоначалниците не се грижеле за проблемот, иако може да се дискутира дали можеле повеќе да се фокусираат и да одвојат нешто повеќе средства од секој буџет. И дали и колку е подржана и Програмата за хуман третман на „Лајка“ што ја усвоил Град Скопје, а без да расправаат и за дополнителните проблеми што ги има „Лајка“ (која во моментов не работи поради зараза на кучињата), како што е на пример и загревањето на стационарот во текот на оваа зима. Исто така,  самиот буџет од 100 илјади евра е најверјатно мал, а и цените на стерилизација генерално се високи. За куче мажјак тие изнесувале 2.000 денари, за женка над 3.000 денари.

Фото: ЈП „Лајка“, веб

ВМРО-ДПМНЕ спинува дека институциите не постапуваат

За овој проблем спинува и ВМРО-ДПМНЕ и како по обичај, за неа ова бил доказ дека Ковачевски бил неспособен зашто ќе бара помош од Брисел и доказ дека институциите не функционираат.

Прво, ВМРО-ДПМНЕ генерализира и оценува дека „е срам за за институциите на државата што граѓаните сами се препуштени да се снаоѓаат и се допушта средновековни масакри врз животни. Од експликацијата во текстот погоре може да се види дека и државата и општините постапуваат по овој проблем, а со ваквата генерализирани констатација ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, си ги обвинува и нејзините градоначалници каде што постапиле или постапуваат.

Второ, ВМРО-ДПМНЕ шпекулра и спинува дека дека Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) не постапува по проблемот. Колегите од друг медиум уште вчера објавија дека АХВ само во минатата година од над 500 пријави добиле и 91 пријава за несоодветно постапување кон домашни миленици и дека АХВ постапила по најголем број од нив:

Постапено е по 83, а 8 од претставките се во фаза на постапување. По спроведените инспекциски контроли донесени се 66 записници за утврдување на фактичка состојба, изречени се 13 мерки за спроведување на едукација заради утврдени неусогласености, издадени се 19 решенија со наредба за отстранување на неусогласеностите во одреден временски рок, изречени се и 12 парични казни за сторен прекршок (види ТВ 24).

Според тоа, ВМРО-ДПМНЕ спинува и за непостапување на институциите на државата и генерализира и спинува дека тоа значело неспособност на Ковачевски и дека за овој проблем не требало да се бара помош од Брисел.

* * *

Проблемот е многу сложен и голем имајќи ги предвид и отштетите што ги плаќаат општините на годишно ниво (Само во Скопје беа над еден милион евра), па оттука, со овој проблем треба да се занимава и државата и општините. Добро е што премиерот Ковчавески денеска ретерираше дека државата нема ингеренции и дека тоа е проблем на општините и што кажа дека дал налог за изготвување на сосема нов закон. Добро би било и ВМРО-ДПМНЕ да не генерализира и спинува, туку таму каде што нејзините градоначалници и нивните совети упрауваат со општините да ги преземат сите мерки, пред сè во смисла на регионализација на проблемот и негово решавање со здружени сили и средства. Но, исто така, наместо активна блокада да иницираат законски измени или да бидат активни во носењето на новиот закон.

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...