fbpx

Контраспин: Пресуда за тепачка од 1993 година не може да е основa за оставка

-

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, со пресуда од 1993 година за кривично дело со кое била нанесена тешка телесна повреда не може да бара основа за разрешување на актуелниот в.д. директор на Ј.П. Водовод и канализација – Скопје, затоа што таа наводна пресуда и да постоела, одамна е избришана од казнената евиденција. Можеби има други синдикално оправдани причини да се бара оставка или разрешување на еден в.д. директор, но таква пресуда сигурно не е меѓу тие причини, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Лидерот на ССМ, Дарко Димовски, даде изјава за новинари во врска со случувањата во ЈП Водовод и канализација, Скопје, при што зборувајќи за актуелниот в.д. директор изрече став во кој може да се препознае спин:

Спин: Од денеска јасно кажуваме дека директорот на Водовод не ги исполнува критериумите за в.д, бидејќи еден од критериумите е да донесе потврда дека не е осудуван. Лицето Марјан Митовски е осуден за кривично дело. Во ниту еден случај не може да биде вршител на јавна функција. Имаме уште една пресуда која ќе ја обелодениме доколку овој директор не си поднесе оставка или градоначалничката Арсовска не го разреши.

[Извор: 360 Степени – Димовски објави пресуда., датум: 27.10.2022]

 

Контраспин: Претседателот на Сојузот на синдикатите, Дарко Димовски, во изјава за новинари откако истече синдикалниот услов до градоначалничката Данела Арсовска да го разреши директорот на ЈП Водовод и канализација Скопје, Марјанчо Митовски, ако тој сам не си даде оставка, се повика на критериумот неосудуваност на Митевски, наведувајќи дека (и) тоа е основата на нивното синдикално барање.

Имено, Димовски откако уште претходниот ден најави дека Митовски бил кривично осудувано лице, на прес конференција на новинарите на 27.10.2022 им поделил копија од пресуда за настан од 1993 година. Според прегледот на снимката од пресот што на својата ФБ страна ја објави агенцијата МИА, Димовски вели:

…Денеска се собравме пред зградата на ЈП Водовод да укажеме на уште една работа со која сметаме дека в.д. директорот Маријанчо Митовски не ги исполнува условите за да биде вршител на јавна функција согласно правосилната пресуда која ја имам пред мене и ќе ја поделам на сите – извршил кривично дело напад на лице со ладно оружје нож, нанесувајќи му тешки телесни повреди…Затоа го повикувам в.д. директорот Маријанчо Митoвски да си поднесе оставка барем од морални причини, бидејќи ние работниците веќе се плашиме да одиме на работа, знаејќи што овој в.д. директор направил….Од денеска велиме дека овој директор веќе не ги исполнува критериумите за вршител на јавна должност бидејќи еден од критериумите вели да донесе потврда дека не е осудуван – вели Димовски.

Тој повтори дека тоа е услов, дека имале уште една пресуда што ќе ја обелоденат, а имале и „сериозен лекарски извештај каде што кажува дека психичката состојба на овој директор е нарушена и дека се лечи“.

Неколку медиуми објавија дека според она што го поделил Димовски, Митовски за тепачка во еден скопски ресторан и нанесени телесни повреди врз едно лице, бил осуден на парична казна од 20 илјади денари, а откако не ја платил бил упатен во затвор 20 дена. „Казната била парична, но потоа наводно Митовски не ја платил и бил во затвор 20 дена“, наведува еден од медиумите што објавија вест за пресот на Димовски.

Не навлегувајќи во демантите на самиот Митовски, кој тврди дека никогаш не бил осуден на затворска казна, Димовски прави спин затоа што се повикува на пресуда од 1993 година.

Имено, целото укажување на Димовски дека пресудата за кривична одговорност на в.д. директорот е сериозен критериум, е повторено два пати на пресот, иако за волја на вистината, Димовски во еден момент бара оставка, „макар од морални причини“.

Но, дури и да постои ваква пресуда, таа не може да биде критериум кој Митовски не го исполнил (макар и од морални причини), затоа што Кривичниот законик (КЗ) има посебни глави и членови во кои се регулира прашањето на казните во казнената евиденција и престанувањето на какви било последици (макар и морални), за сторено кривично дело за кое казната е извршена. Во Глава Девета од КЗ постои член кој се вика Законска рехабилитација. Во ставот 4 од членот 104 се наведува:

Осудите на затвор до три години се бришат од казнената евиденција кога ќе поминат пет години од денот на издржаната, застарената или простената казна ако за тоа време осудениот не стори ново кривично дело.

Кога некоја пресуда за некое дело е избришана од Казнената евиденција, лицето во целост ги ужива сите права како секој друг граѓанин на земјата. Оtтука, евентуалната пресуда на Митовски од 1993 година, дури и да постоела, не би можела да биде услов (тешко, макар и морален, зашто би било предмет на широко толкување), за сегашното именување или разрешување на Митовски.

Репрезентативниот синдикат и ССМ си имаат синдикални барања за разрешување на овој в.д. директор, кои ги истакнаа откако тој донесе одлука за прекинување на договорите за вработување на околу 100 лица, откако биле истечени и поради други негови акти, откако во Град Скопје беше „раскината“ коалицијата меѓу градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ и откако дојде до смена во ЈП Водовод. Барањата на ССМ можеби се законски оправдани според ЗРО и колективниte договори, може не, но секако, пресуда од 1993 година за нанесување тешка телесна повреда при тепачка во кафеана не може да биде ни формален ни неформален критериум за разрешување од раководна улога на споменатото лице.

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...