Иако е фер да се каже дека и оваа влада на СДСМ „игра“ предизборно со пензионерите, разликата со ВМРО-ДПМНЕ е огромна, затоа што дупката во Фондот е стабилизирана, дури и намалена и тој остварува „ќар“ на сопствените приходи, а зголемувањето на пензиите нема да резултира и со зголемен одлив од Буџетот, пишува Теофил Блажевски во рубриката „Контраспин“ на „Вистиномер.мк“.

Спин:

Зоран Заев и Мила Царовска им земаа на пензионерите 1.800 денари. Три години по ред власта не им дава на пензионерите покачување од 600 денари, кое го имаа во време на ВМРО-ДПМНЕ. Пензионерите за три години владеење на СДСМ се оштетени за 1.800 денари. Наводното покачување кое од догодина ќе го имаат пензионерите е само покачување за една година, а притоа власта им ги задржа на пензионерите парите кои ќе ги добиеја со ВМРО-ДПМНЕ.

Контраспин:

Откако беше променет Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2012 (најголема промена во член 37) и на крајот од 2018 г. стапи во сила нов закон со измените за тоа како ќе  усогласуваат (растат) пензиите, не престануваат полемиките во јавноста и меѓу двете главни политички партии за тоа дали пензионерите биле оштетени, дали дупката во пензискиот фонд се зголемувала или, пак, ќе се стабилизирала и дали конечно тие, пензионерите, се користат во предизборни цели?

Со најновиот предлог Буџет за 2020 година е предвидено во јануари 2020 г. пензионерите да добијат линеарно покачување од околу 700 денари, дополнително од со закон предвиденото усогласување на пензиите согласно трошоците на живот (член 37 од Законот), а со калкулација и на тие пари, пензионерите да имаат повисоки пензии, повторно линеарно, помеѓу 800 и 900 денари месечно. Просечната пензија, пак, според пресметките од Министерството за труд и социјална политика, во јануари 2020 година ќе изнесува 15.500 денари, што е за нецели две илјади денари повеќе отколку просечната пензија во 2018 година.

ПЕНЗИОНЕРИТЕ ГИ ЕСАПАТ СИТЕ

Дали може да се каже дека станува збор за предизборно калкулиран буџет кога станува збор за пензионерите? Владата тврди не, туку дека станува збор за вложување во човечки капитал кај сите, особено кај дефицитарните или потценетите професии (лекари, медициснки персонал, наставици професори), но и кај највозрасната група – пензионерите, за кои, како што вели Заев, не би било фер да не добијат покачување на пензиите, ако веќе има значителни покачувања на минималната и на просечната плата.

Веројатно фер е да се каже дека, сепак, при зголемувањето на пензиите линерано за сите пензинери во овој буџет, се калкулирало и со нивното гласачко расположение на предвремените избори во април 2020 година, но, сепак, има една битна разлика.

Овие пари, околу 3 милијарди денари за зголемувањето се обезбедуваат од зголемените приходи на самиот Фонд за 10 отсто, благодарејќи на изменетиот член 37 од кој во 2019 г. беа иземени усогласувањата и по основ на просечните плати, но главно и на мерката за зголемена стапка за издвојување во бруто платите од 0,4 отсто во Фондот, која што стапи на сила во 2019 година и зголемениот број на вработувања, зголемените просечни плати, при што, сè заедно, поголема маса на луѓе издвојувале повеќе средства во Фондот.

Впрочем, Владата проектирала за 2020 година дека ќе издвојува 19.3 милијарди денари (околу 313 милиони евра), за покривање на дупката во Фондот за редовна исплата на пензии. Во 2018 година исплаќа 19.4 милијарди денари (околу 315 милиони евра), додека проекциите за 2019 година се дека ќе завршат со исплата од Буџетот до Фондот со само 15,6 милијарди денари (околу 253 милиони евра – 17 мин од пресот на Царовска). Другите пари до околу 48 милиони евра повеќе, колку што ќе чинат зголемените пензии во 2020 година, доаѓаат, така да се каже, од „ќарот“ на Фондот што го остварува во оваа година и од оној што ќе го остварува во 2020 г. благодарение на пензиската реформа.

ВМРО ДПМНЕ ЈА НАПРАВИ ДУПКАТА ВО ФОНДОТ НЕИЗДРЖЛИВА

Тука некаде доаѓаме и до спинот кој го „деспинуваме“. Номинално, пензионерите во времето на ВМРО-ДПМНЕ почнаа да добиваат постојани зголемувања на пензиите од 2013 до 2016 година за по околу 600 денари месечно, колку што вели денес ВМРО-ДПМНЕ.

Но, фактички, дупката во пензискиот систем постојано се зголемуваше, уште од она фамозно намалување на одвојувањето за пензискиот систем во бруто плата од неколку проценти што го воведе владата на Никола Груевски од 21,2 на под 18 отсто од 2007 до 2010 година, како и на воведувањето на повеќестолбен пензиски систем (втор и трет фонд). Овој вториот пак,  во предизборни цели и се злоупотребувал (не се уплаќале пари во вториот столб за Фондот да има пари за да исплаќа зголемени пензии во предизборни цели – сомневања кои не се потврдија судски за жал, но злоупотребите останаа).

На крајот, дупката растеше и она зголемување што им го исплаќала владата на ВМРО-ДПМНЕ го плаќаа сите граѓани на Македонија, со сè поголеми издвојувања од Буџетот на државата.

За прв пат по над една деценија, парите од државата кои одат за редовна исплата на пензиите се минимално намалени. Во таа смисла, иако е фер да се каже дека и оваа влада на СДСМ „игра“ предизборно со пензионерите, разликата со ВМРО-ДПМНЕ е огромна, затоа што нивната „употреба“ на пензионерите како гласачко тело ја плаќаа сите граѓани, со ризик Фондот да се урне и да нема извори за исплата на пензии за идните пензионери.

Оттука, соопштението/ставот на ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека тие им давале на пензионерите, а Заев и Царовска им земале, се извртување на вистината или спин.