fbpx

Контраспин: Прашањето на Ковачки за разрешување на министерката Петровска е спин

Сосема е јасно дека документот вештачење од стручно медицинско лице е наменето за судската постапка и не се однесува генерално на здравствената состојба на министерката, туку на даден период во која таа опишала како се чувствува, пишува „Вистиномер“

-

Пратеникот Драган Ковачки постави пратеничко прашање до премиерот за евентуално разрешување на министерката за одбрана поради нејзина здравствена состојба, криејќи го притоа главното – медицинското мислење се однесува на даден временски период и е издадено заради оштетно побарување на Петровска од Ковачки, кој е тужен од нејзе за клевета. Наместо тоа, Ковачки го претстави прашањето пред јавноста како прашање од висок јавен интерес, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, комуницирајќи со јавноста преку собраниската говорница упати прашање до премиерот Димитар Ковачевски кое може да се оцени како спин:

Спин: Дали мислите дека има потреба за итно разрешување на министерот за одбрана која е со наведените манифестации на психичката состојба и за која има писмен документ од психијатар, односно дали ќе ја разрешите

[Извор: Јутјуб – 108 Седница на Собрание (1:23:50) – датум: 28.03.2023]

Контраспин: Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Димитар Ковачки изнесувајќи аргументација и прашање до премиерот Димитар Ковачевски околу деловната способност на министерката за одбрана Славјанка Петровска спинува, т.е. ја извртува вистината, затоа што не ја кажува вистинска причина за медицинското мислење што го презентираше.

Ковачки и изнесе на јавноста цитати од медицинско мислење за министерката Петровска во кое се опишува депресивна состојба на министерката:

На министерката за одбрана согласно извештај од специјалист психијатар, цитирам: Ѝ се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалено внимание и концентрација, има проблеми во мислењето, збунета е и конфузна, има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите работи што претходно ги извршувала. Почитуваната министерка според извештајот, чувствува бесцелност на нејзината активност и залагања и цели три месеци има повторувачки слики, опседната е, постојано е напната, често има немир и нарушен сон. Министерката сама доброволно се јавила за преглед и доброволно ги вршела психијатриските прегледи, се констатира дека има оптеретен мисловен процес. На министерката ѝ е препишана и седативна терапија, односно 3 месеци е под седативи… (извор: Слободен Печат)

Откако заврши со цитатите, тој упати прашање до премерот Димитар Ковачевски, повикувајќи се на јавниот интерес:

Дали мислите дека има потреба за итно разрешување на министерот за одбрана која е со наведените манифестации на психичката состојба и за која има писмен документ од психијатар, односно дали ќе ја разрешите?

Ваквото прашање, но и аргументацијата се извртување на вистината и тоа станува јасно од дел од одговорот што преку собраниската говорница и овластена од Ковачевски го изнесе самата министерка Петровска:

Toa што го читавте е извадок, да, точно, од вештачењето и се однесува на моето однесување за вашата бескрупулозна лага која ја изнесовте пред неколку месеци. Причината за вашиот бес и немоќ да се справите со тужбата е тоа што, всушност, ве натера да излезете на оваа говорница и тоа да го читате. За тоа што пишува во тоа вештачење и што го предизвикало таквото мое однесување, се разбира дека ќе се видиме на суд… (од 1:03 до 1:25 во видеото).

Од кажаното, а кое се однесува на тужбата на Петровска до Ковачки за наводна „хациенда“ во Радишани што ја имала Петровска, а не ја пријавила во својот анкетен лист – тврдење на Ковачки од ноември 2022 поради која заработи тужба за клевета – сосема е јасно дека документот вештачење од стручно медицинско лице е наменето за судската постапка и не се однесува генерално на здравствената состојба на министерката, туку на даден период во која таа опишала како се чувствува по она што таа го оценува и го доживува како клевета.

Оттука, бидејќи Ковачки тоа не го појасни во својот говор и во аргументацијата што ја искористи да постави прашање до премиерот поради висок јавен интерес како што рече, може да се оцени дека Ковачки ја извртува вистината и комуницираше со јавноста преку спин, зашто ја залажува истата таа јавност во врска со фактите околу документот.

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...