fbpx

Контраспин: Понудата за помош на Мицкоски е спин зад кој се крие единствената цел – предвремени избори

-

Сè што наведуваат како причина Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во овие два дена за понуда од четири тимови експерти и средба со Ковачевски, е обланда претставена како помош за справување со кризата и „катастрофата“ во која се наоѓа земјава, зад што единствено стои барањето датум за предвремени избори, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Во изминатите два дена и Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ изнесоа барање до Димитар Ковачевски и СДСМ за итна средба на која би се разговарало за помош на Владата за излез од кризата, при што може да се детектираат повеќе спинови, вклучувајќи го и денешниот:

Спин: СДСМ и Ковачевски се однесуваат недораснато и неодговорно. Тие без да размислат  ја одбиваат пружената рака од страна на ВМРО-ДПМНЕ за помош во справувањето со кризите и проблемите во кои е западната Македонија токму поради нивното владеење.

Велиме дека нивното однесување е инфантилно, бидејќи одбија средба на која ќе се разговара за понудата за формирање на четири тима во делот на економијата, надворешната политика, здравство и образование и ќе работат без привилегии за да им помогнат на владата и граѓаните да излезат од акутни проблеми во општеството и тензијата во која што живеат.

СДСМ бега и од темата за предвремени избори, бидејќи тие знаат дека ќе загубат.

[ Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение; Датум: 29.04.2022 ]

 

Контраспин: Најголемата опозициска и парламентарна партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател, Христијан Мицкоски два дена по ред спинуваат околу нивната крајна цел – предвремени парламентарни избори што поскоро, виткајќи ги во обланда – помош на актуелната Влада и на граѓаните за излез од кризата.

Ништо нелегитимно нема во тоа опозициска партија да бара предвремени избори, проценувајќи анкети, состојба на терен, итн., но притоа, нема ништо нелегитимно во тоа јавноста да прави проценки на искажаното и да оцени дали аргументите и тезите врз кое лежи тоа барање се извртување на вистината, т.е. спинување или се реални аргументи и факти базирани врз вистината.

Ова денешно соопштение и став на ВМРО-ДПМНЕ е исто така спин, во иста насока како што и вчерашните ставови и аргументи искажани од лидерот на ВМРО-ДПНЕ Христијан Мицкоски се базираа врз спинување, додека суштината беше и останува една – предвремени избори час поскоро.

Да потсетиме. Мицкоски подолгото излагање, со претходно пледоаје за тоа колку состојбата во земјата била лоша и никогаш полоша, односно „катастрофална“, го заврши со предлог понуда за четири тима експерти од ВМРО-ДПМНЕ кои треба да ѝ помогнат на Владата, а притоа на лидерска средба што би се одржала час поскоро, тој и премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски да седнат на маса за да договорат датум за предвремени избори.

Еве што прецизно кажа Мицкоски на 29.04.2022 година:

„Затоа денес јавно и отворено предлагам до Ковачевски заедничка и јавна средба на која ќе разговараме и ќе договориме, датум за одржување на предвремени парламентарни избори како природно решение за состојбите во Македонија.

На тој состанок имам намера да предложам 4 тима, составени од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе бидат составени од луѓе со искуство и луѓе кои се покажале и докажале во минатото во 4 акутни области во кои се детектирани клучните проблеми во нашата земја.

Четири тима кои ќе работат заедно со тимови од власта во меѓу периодот од сега до денот на одржување на предвремените парламентарни избори. Про боно без никакви права и привилегии. Тука сме да и помогнеме кога на Македонија и е најтешко“. (Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб)

А, доколку предлогот не биде прифатен, Мицкоски порача дека раководството на партијата ќе заседавало и ќе се преземат чекори кои де факто би значеле радикализација на политичките методи и употребените средства:

„Затоа, доколку ја одбие и оваа порака, за средба за излез од националната катастрофа која живее Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ќе заседава и потоа следат сериозни и досега непрактикувани чекори.“

За да дојде до ваков предлог и завршница, која навистина личи на ултиматум, Мицкоски претходно искажа неколку клучни поголеми и помали аргументи, кои ако се раздробат поединечно, не се ништо друго, туку спинови.

Спин за инфлацијата

Спинот број еден е дека граѓаните живеат никогаш поскапо, односно инфлацијата била огромна (цената на бензините повиски за 80 отсто, брашното за 80 отсто, маслото за јадење 107 отсто, шеќерот за 36 отсто, итн.) и за тоа не е виновен никој друг, туку претходната Влада на Зоран Заев и оваа на Ковачевски кои не преземаат ништо.(„И најголемиот проблем за секој еден човек се токму скапите цени на производите, наспроти ниските плати. Додека Владата пак не презема ништо“ вели Мицкоски).

Ниту збор дека инфлацијата и зголемените цени не се ендемска појава во Македонија, туку во огромен, најголем дел станува збор за „увезена инфлација“, односно многу важни структурни промени на повеќе економска фактори во Европа и светот, почнувајќи од последиците од пандемиската криза, преку минатогодишната и овогодинешната енергетска криза и војната во Украина, која само ја продлабочи енергетската и кризата со храна, пред сè во Европа, чиј составен дел сме и ние. Ниту збор дека сето тоа доведе до инфлација од 7-10 отсто насекаде во Европа и во најголемиот дел од земјите во развој, поради тоа што ММФ направи ревизија и надолен тренд на стапките во развој насекаде, вклучувајќи ја и земјава. (зборови на гувренерката на НРБ Анита Ангеловска – Бежовска на меѓународен форум посветен токму на кризата).

Во контекст на успешен спин Мицкоски ништо од ова не споменува, а оценува дека сето тоа е резултат на владите на Заев и Ковачевски, за да го искаже и следниот голем спин, дека Владата ништо не прави. А дали прави или не прави, на кратко во Собранието вчера се искажа и Ковачевски, како одговор на пратеничко прашање:

„Владата, согласно оваа ситуација, подготви пакет на мерки, навремено, во вкупен износ од 615 милиони евра, со цел да го ублажи ценовниот шок, за зачувување на стандардот на граѓаните и за одржување на ликвидноста на компаниите“ (Извор: Ковачевски/Влада/говор)

Спин за задолжувањето и трошењето

Дека за „националната катастрофа“ Владата сепак нешто прави, покажува вториот голем спин што го употреби Мицкоски, околу задолжувањето, за кое непотврдено тврди дека ќе изнесува 900 милиони евра.

„Оваа Влада најави ново задолжување од цели 900 милиони евра, повторувам 900 милиони евра и обнова на односите со ММФ, нешто што беше напуштено пред речиси 15 години. Со овој заем Македонија влегува во должничко ропство, повторувам должничко ропство кое ќе ги опфати и се уште неродените чеда на Македонија… Овие пари нема да завршат за нови повисоки плати, пензии, туку ќе повторам за тековни трошења, за повеќе луксуз на министрите, за повеќе тендери во четири очи, за нови пари во приватни џебови“, вели Мицкоски.

Настрана што не се потврдени 900 милиони евра задолжување, Мицкоски не кажува, се разбира во контекст на поуспешен спин, зошто се бараат пари од ММФ, а не преку првични напуштениот, се чини, план за евро-обврзница. А тоа се каматните стапки за новиот капитал. Преку евро-обврзницата каматните стапки сега во моментов би изнесувале над 4 отсто, додека заемот од ММФ би изнесувал со каматна стапка од 1 отсто. А, парите требаат веднаш и не како што спинува Мицкоски за „тековни трошења, за повеќе луксуз и тендери во четири очи“, туку за покривање на дефицитот во буџетот, во кој меѓу другото, парите се трошат и за милионските износи за мерките за ублажување од кризата, која, да повториме, не е домашна, туку најмногу „увезена“. Но и за повисоки пензии, а и за повисоки плати и на администрацијата и на вработените во образованието и на другите вработени во јавниот сектор, чии плати до септември треба да се усогласат со порастот на минималната плата од 18 илјади денари постигнат во март годинава.

Спин преку премолчени бројки за платите

На пример, кога говори Мицскоски за платите и целосно ги подржува штрајковите во образованието и на администрацијата, ниту збор ни тој, ни лидерите на синдикатите што ги подржува, за вкупните бројки. Со цел за поуспешен спин, Мицкоски ниту збор да каже колку ќе ја чинат државата зголемувањето на платите во образованието. А математиката е егзактна наука и тука нема место за флоскули.

Во образованието, според годишниот извештај на МИОА за вработените во јавен сектор, работат 36.663 лица (стр. од 30-110 во годишниот извештај). Од тоа, само во основното и средното образование, според истите податоци работат 30.817, плус ако се додадат вработените во градинките (4.897), доаѓаме до бројката од 35.714 лица за кои Владата води преговори со СОНК за зголемување на платите.

Притоа, во јавноста циркулираат само општите бројки – прво понудено зголемување од 2.500 денари нето по вработен во просек, 10 отсто, па втора понуда од 3.000 денар по вработен во просек, 12 отсто и барањето на СОНК за 4.600 денари по вработен во просек, односно 18.4 отсто, на просечна нето плата од 25 илјади денари.

Но, кога ќе се помножи бројката од над 35 илјади лица за кои се преговара, со понудата од Владата за нето зголемување од 12 отсто, кога на тоа ќе се додадат и важечките надоместоци за плата и персоналниот данок (околу 38 отсто од бруто платите), доаѓаме до вкупна сума од околу 75 евра зголемени расходи за плати и надоместоци по вработен или околу 2 милиона 680 илјади евра повеќе на месечно ниво или околу 32,16 милиони евра повеќе на годишно ниво. И тоа само за вработените во градинките, основното и средното образование (види на калкулаторот за плати).

Ниту Мицкоски, ниту лидерите на синдикатите на кои тој им ја дава целосната поддршка, (а тука виновна е и Владата што молчи за ова), никогаш не зборуваат за овие, вкупни бројки, ниту пак, за вкупните бројки за околу 530 илјади вработени во јавниот сектор, за кои во Буџетот за 2022 (без планираниот ребаланс) се предвидени 37,2 милијарди денари или околу 531 милиони евра само за плати и надоместоци (Буџет за 2022, стр.20 и стр.23). А и за нив се преговара.

Наместо за вкупни бројки и математики од стотина и кусур милиони евра неопходни за зголемени плати во целиот јавен сектор за годинава, од што само во образованието повеќе за 32 милиони евра, во контекст на успешен спин, Мицкоски наведува примери како оној со „златните лажици и вилушки“ кои ги купува како јавна набавка СОЗР при Владата, од 37-те илјади евра, нешто што е веќе деспинувано и од страна на „Вистиномер“.

***

Според сите наведени факти и аргументи, може да се оцени дека тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ и Ковачевски се однесуваат недораснато и неодговорно. Тие без да размислат  ја одбиваат пружената рака од страна на ВМРО-ДПМНЕ за помош во справувањето со кризите и проблемите во кои е западната Македонија токму поради нивното владеењее класичен спин, т.е. извртување на вистината. Сè што наведуваат како причина и партијата и Мицкоски во овие два дена за понуда од четири тимови и средба со Ковачевски, е обланда претставена како помош за справување со кризата и „катастрофата“ во која се наоѓа земјава, зад што стои само барањето за датум за предвремени избори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...