Имајќи ги предвид долгогодишните сојузништва на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ и подадените раце за „коалициска прегратка“ со Левица, делува чудно тоа што Мицкоски сега кај нив препозна патолошка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Или тогаш за ВМРО-ДПМНЕ било политички прагматично и најнормално цели осум години (од 2008 до 2016) власта да ја дели со интегративците на Али Ахмети. Истиот тој „Али“ за кој Мицкоски сега вели дека „патолошки ја мразел ВМРО-ДПМНЕ“. Исто како и „Димче“, лидерот на Левица, партијата од која Мицкоски побара поддршка пред вториот круг на локалните избори во октомври 2021 година, пишува „Вистиномер“
Во продолжение, ви го пренесуваме текстот во целост:
На изборен митинг во Демир Хисар премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски говорејќи за тоа дека на овие локални избори сите најпрво мора да имаме јасна претстава кои се опциите коишто ги имаме пред нас, го икажа следнит спин:
Спин: Едната опција е коалицијата којашто се здружи на основа на два принципа. Првиот е желбата за власт по секоја цена, без разлика на нивните политички и човечки разлики. Нивната желба за власт и привилегии коишто ги уживаа и безмилосно ги користеа е основна за да тие се здружат, а второстепена е патолошката омраза кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата која ја предводи СДСМ, а после СДСМ се редат ДУИ и политичката партија Левица. Значи се здружиле Венко, Али и Димче за власт и поради патолошката омраза кон ВМРО-ДПМНЕ.
Притоа тој посочи дека втората опција е коалицијата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, тоа се двете опции со коишто ние се соочуваме на овие избори како граѓани и како гласачи, додавајќи дека секој којшто мисли дека има трета, четврта опција се лаже, затоа што тоа не постои.
[Извор: Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ; Официјален ФБ профил на Христијан Мицкоски ( од 33,50 до 35 мин од видеото);Тајм; Датум – 11.10.2025]
Контраспин: Премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски деновиве на митинг во рамките на кампањата за локалните избори порача дека „на овие избори има две понуди – едната опција СДСМ, ДУИ и Левица, другата опција е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а трета опција нема“. Притоа тој спинувајќи ја вистината кажа дека „се здружиле Венко, Али и Димче за власт поради патолошката омраза кон ВМРО-ДПМНЕ.“
Испровоциран од ваквата изјава на премиерот, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, од трибината во Јегуновце, му порача на Мицкоски, дека никој не го мрази, туку сите го презираат поради, како што рече, лагите, манипулациите и деструктивната реторика што ја шири.
Никој тебе не те мрази Мицкоски – туку те презира. Те презира за сите лаги и безочни манипулации кои ги сервираш секогаш кога ќе бидеш соочен со неуспех или вистина која те боли. Те презираат оние кои со лаги ги измами за да дојдеш на власт, а потоа не исполни ништо. Те презираат сите кои веруваа дека си човек од народот, а испадна дека си најарогантниот премиер кој го имала Македонија, изјави Филипче.
Како премиерот препозна патолошки мразачи?
Мицкоски повеќепати досега во кампањата кажува дека има неформална коалиција СДСМ-ДУИ-Левица. Иако посочените партии го негираат тоа.
Но, еве да речеме, хипотетички и да постои некој сојуз меѓу СДСМ, ДУИ и Левица, зошто таквото здружување би било поради патолошка омраза кон ВМРО-ДПМНЕ? Зарем не можат тие да коалицираат ако процениле дека на таков начин би имале поголем успех на локалните избори? Што во крајна линија е и нивно легитимно право.
Од друга страна, како ВМРО-ДПМНЕ, која во минатото правеше сојузи со ДУИ и со Левица, тогаш не ја забележуваше нивната „патолошка омраза“? Ако, пак, гледаме низ призмата на Мицкоски, дали сојузништвото на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ и Левица било поради патолошка омраза кон СДСМ?!
Или тогаш за ВМРО-ДПМНЕ било политичка прагматично и најнормално цели осум години власта да ја дели со ДУИ. Во тоа време ВМРО-ДПМНЕ е под водство на Никола Груевски, ама Мицкоски, според неговата биографија, бил дел од партиските структури, а во периодот 2015-2017 бил и советник за енергетика на премиерите Груевски и Емил Димитриев. Инаку, почнувајќи од предвремените парламентарни избори во 2008 година, потоа оние во 2011 г., па во 2014 г., сè до парламентарните избори во 2016 година во сите Влади предводени ВМРО-ДПМНЕ, коалициски партнер беа интегративците на Али Ахмети.
Истиот тој „Али“ за кој Мицкоски сега вели дека „патолошки ја мразел ВМРО-ДПМНЕ“. Исто како и „Димче“ лидерот на Левица, партијата која на претседателските избори во 2019 година, во вториот изборен круг, ја поддржа кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова.
А пред вториот круг на локалните избори во октомври 2021 година Мицкоски побара поддршка од Левица, но остави тие сами да одлучат каква соработка сакаат:
Нашата рака е подадена, оставам тие да изберат каква сакаат соработка со блокот дали тоа ќе биде во рамки на формална коалиција, дали ќе ги поддржат кандидатите, оставам нека одлучат тие. Протестните гласови, гласовите против коалицијата на власт се во поголем број и се најмалку два пати поголеми од оние кои ја поддржуваат коалицијата на СДСМ. Затоа местото на гласачите на Левица е во најголемата коалиција и ги повикувам да дадат поддршка за да ја направиме Македонија пристојно место за живеење, изјави тогаш Мицкоски.
Па, имајќи ги предвид долгогодишните сојузништва на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ и подадените раце за „коалициска прегратка“ со Левица, делува чудно тоа што Мицкоски сега вели дека „Али и Димче се здружиле со Венко поради патолошката омраза кон ВМРО-ДПМНЕ“. Сето ова, некако многу наликува на манипулативна, спинерска конструкција во функција на изборите.
Пишува: Оливера Војновска
