fbpx

Контраспин: Николоски за политички поени одново ги споменува децата

-

Спиновите се специјалитет на политичарите и политиката од рано во историјата, до денес, па, така е и во земјава. Она што е недозволиво и многу загрижувачко е што, користејќи ги за политички поени, политичарите, а во овој случај и Александар Николоски и неговата партија, не внимаваат на правата на децата. А, тие права се нарушуваат и со непотребно споменување на деца кои се жртви на сексуално вознемирување и кои веќе користат и психолошка помош за да се справат со последиците, пишува „Вистиномер“ во најновиот Контраспин.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во изјава во врска со скандалот со извидничкиот камп, искажа тврдења во кои се забележува извртување на вистината, т.е. спин:

Спин: Ќе има одговорност. Ќе го повикаме и Петре Шилегов да каже зошто давал пари на здруженија, на извидници што ги сквернават нашите деца, кои што им ги уништуваат животите. Зошто давал пари да се нарушуваат семејните вредности? Дали нивната цел е да го уништат традиционалното семејство во Македонија и да ги уништат децата? До денес не даде релевантен одговор. Ако навистина нема врска со целата таа работа, зошто не побара да се вратат парите и да одговараат тие што го направиле тоа? Нема да побара зашто тоа е дел од една агенда за уништување на македонското семејство.

[Извор: Канал 5/Youtube – А. Николоски (од 2.23 – 3 мин.) –Датум: 03.10.2021]

 

Контраспин: Вториот човек на првата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, во предизборна атмосфера, говорејќи општо за локалните избори и што ќе се случува по нивното завршување, го допре и прашањето за скандалот со летниот камп на Првиот скопски извиднички одред (ПСИО), за што се води предистрага поради можно сексуално вознемирување на малолетници. Николоски тврди дека ќе имало одговорност за власта генерално, а во тој контекст и за првиот човек на Град Скопје, Петре Шилегов. И сè дотука е во ред, доколку во оваа изјава на Николоски не се детектираат извртувања на вистината т.е. спинови.

А, во овие неколку реченици, ги има најмалку два. Првиот спин е поврзан со одговорноста на Град Скопје и на Шилегов како градоначалник, зошто финансирал активности „на здруженија, на извидници што ги сквернават нашите деца, им ги уништуваат животите“. Овој спин е еклатантен, за што произлегува дека Градот, со потпис на градоначалникот и со одобрение на Советот (таква е постапката за сите финансирања на граѓански организации или спортски клубови или други струкови здруженија што ги потпомага Град Скопје) финансирал нелегални активности.

Град Скопје веднаш го демантираше ова тврдење со соопштение во кое прецизно се наведува дека во апликацијата за финансиска поддршка на активностите на скопскиот одред никаде не се наведувала конкретната „сексуална обука“ која сега е предмет на предистрага на Јавното обвинителство:

Сакаме да информираме дека во проектната документација доставена до нас, ја нема наведено спорната активност ниту имаат доставено каква било информација која би укажала на одржување на истата. Дополнително, учесниците на настанот учествувале во приватна режија и не биле организирани од училиштата. Имајќи предвид дека настанот кој се случил предизвика лавина негативни реакции во јавноста и не шокираше и нас како институција, Град Скопје го прекинува договорот со Првиот скопски извиднички одред.

И ова е сосема така, имајќи ги предвид и мисијата и визијата и активностите според годишни програми на извидниците. Тоа може да се види и ако се посети веб страницата на Сојузот на извидници на Македонија, кој, исто така, донесе одлука за суспенизија на Првиот скопски извиднички одред од членството во Сојузот.

Значи првиот спин е очигледен: Град Скопје и Шилегов не знаеле што ќе спроведуваат на летниот камп старешините од ПСИО, документот за финансирање минал и на Советот, а веднаш по скандалот се прекинува договорот со ПСИО. Дали при ваков прекин на договор може да се бараат парите назад е прашање што ќе одговорат правниците, но и поука градот во иднина да води поголема сметка или контрола дали парите се трошат за онаа намена за која се дадени.

Вториот спин е уште посилен од аспект на дезинформации. Власта, во овој случај локалната, претставена од еден човек, Петре Шилегов, давала пари да се уништува традиционалното македонско семејство, да се уништуваат животите на младите луѓе, а одговорност немало да бара „зашто тоа е дел од една агенда за уништување на македонското семејство.“

Овој спин имаше и „предигра“, односно голем дел од медиумите соопштија дека ваквите активности на ПСИО биле финансирани и од Соросовата фондација во земјата, т.е Фондацијата Отворено општество-Македонија, зашто од демантот што го испратија од ФООМ веднаш се покажа дека е манипулативна вест.

Но, знаејќи дека Соросовата фондација е виновна за сè што е лошо во земјата, секогаш од страна на конзервативната јавност и конзервативните партии, каква што е и ВМРО-ДПМНЕ, очигледно тоа било доволно Николоски да го „тресне“ спинот – „агенда за уништивање на македонското семејство“. Без ниту еден релевантен податок, аргумент, макар и пусулче…

Спиновите се специјалитет на политичарите и политиката од рано во историјата, до денес, па така е и во земјава. Она што е недозволиво и многу загрижувачко е, што користејќи ги за политички поени, политичарите, а во овој случај и Александар Николоски и неговата партија, не внимаваат на правата на децата. А, тие права се нарушуваат и со непотребно споменување на деца кои се жртви на сексуално вознемирување и кои веќе користат и психолошка помош за да се справат со последиците, нагласува новиот Контраспин на „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Зеленски не ја вовлече Украина во војна

Украина не е таа која сака војна, ниту, пак, украинскиот претседател Зеленски ја вовлекол земјата во војна, како што неточно тврди објавата. Русија ја нападна Украина, а таа има...