fbpx

Контраспин: Николоски спинува за употребата на македонскиот јазик според Преспанскиот договор

-

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски спинува кога вели дека со член 7 од Преспанскиот договор е забранета употребата на македонскиот јазик надвор од територијата на државата. Членот 7, точка 4 од Преспанскиот договор се однесува на деклариран став на официјално Скопје дека ништо од идентитетот на македонската страна во македонската држава, вклучувајќи го и јазикот, не се однесува на територијата на северниот дел од Грција и дека не се поврзани со античката историја. Де факто, официјално Скопје се откажува не само од античката историја, туку и од официјално тврдење за постоење на македонско малцинство таму, но никако дека тоа може да се толкува како забрана за говорење на јазикот таму или каде било на друго место во светот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервју за ТВ Алфа изрече два спина од кои едниот се однесува на членот 7 од т.н. Преспански договор:

Спин: Последиците од штетните договори допрва ќе се чувствуваат. Иначе едно е пропагандата, а друго е вистината. Пропагандата трае одреден временски период, и после тоа доаѓа вистината. Во однос на јазикот, јас и во разговори со вас пред четири години кога го анализиравме Преспанскиот договор една од работите на која што најмногу забележував беше третирањето на македонскиот народ и македонскиот јазик согласно овој т.н. Преспански договор. Таму членот 7 е јасен, и за жал е на линија на она што го зборуваат сега грчките власти. Имено таму се дефинира македонскиот јазик ограничен само на територијата на денешна Република Македонија и се забранува да се користи терминот македонски јазик било каде надвор од територијата на Македонија“

[Извор: Курир.мк – Николоски:…; Датум – 09.01.2023]

 

Контраспин: Вториот човек во најголемата опозициска парламентарна партија, ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски ја изврте вистината за употреба на македонскиот јазик според член 7 од Преспанскиот договор, тврдејќи дека „македонскиот јазик е ограничен на територијата на денешна Република Македонија“.

Имено, таму се дефинира македонскиот јазик ограничен само на територијата на денешна Република Македонија, и се забранува да се користи терминот македонски јазик каде било надвор од територијата на Македонија, вели Николоски, што е спин.

„Вистиномер“ одново го прегледа текстот на Спогодбата за конечно решавање на разликите опишани во резолуциите на ООН…односно конечниот договор за решавање на македонско грчкиот спор за името и за стратешко партнерство, посебно членот 7 и затоа тука го пласираме во целост токму тој член:

1 Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.

2 Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.

3 Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).

4 Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна.

5 Ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни.

Како што може да се види, во петте точки од овој член од Договорот, никаде нема споменување за ограничувањето за употреба на македонскиот јазик на територијата на РМ, како што вели Николоски. Единствениот член кој што директно говори за јазикот е точката 4 од членот 7 од Договорот, којшто се однесува на дефинирање на македонскиот јазик од страна на тогашната РМ:

Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна – вели ставот 4 од членот 7.

Со други зборови, со овој став во Договорот официјално Скопје се откажува од каква било поврзаност на потеклото, културата, идентитетот и јазикот со „античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна“, односно она што тука колоквијално се нарекува Егејска Македонија. Односно покрај конекциите со античката цивилизација оваа клаузула ѝ дава предност на првата страна, Грција, да каже дека нема македонско малцинство во нивната земја коешто зборува македонски јазик и дека се припадници на делови од македонскиот народ што живее во северна Грција.

И тоа не беше тајна ни тогаш, ниту денес. Потписниците на Договорот од македонска страна (Никола Димитров) тоа јавно го кажуваа, додавајќи дека суштината на компромисот е во тоа што, сепак, самобитноста на македонскиот народ, неговото постоење, вклучувајќи го, пред сè, македонскиот јазик, се признати од страна на Грција и нема да бидат оспорувани, додека македонското малцинство во северна Грција ќе продолжи да си ги бара и остварува своите права преку други меѓународни механизми, а не со директно мешање на РСМ или со некакви билатерални договори за тоа прашање.

Но, никаде, поточно со ниту еден збор, не се споменува забраната за употреба на македонскиот јазик, па дури и на територијата на северна Грција, поточно во Егејска Македонија, ниту пак, таква забрана може и да биде ставена во меѓународен договор.

Уште помалку, пак, постои одредба со која македонскиот јазик смее да се зборува и да се претставува како официјален само на територијата на тогашната РМ, нешто што Николоски го тврди во крајот на неговиот одговор („..нити се остава можност дека некој надвор од територијата на Македонија може да зборува македонски јазик“ во 61 мин. од емисијата).

Патем, со овој Договор, како што кажува и неговиот долг наслов, се елиминира спорот, се затвораат одредбите од двете резолуции на ООН и официјално Поранешната југословенска Република Македонија, акронимот под кој членуваме во ООН од 1993 година, до потпишувањето на Преспанскиот договор се анулирани и оттогаш во ООН фигурираме како Република Северна Македонија, со официјален јазик во државата македонски.

Поаѓајќи од овие факти, тврдењето кое Николоски го даде како одговор дека јавниот обвинител во Грција забранил постоење на клуб за македонски јазик во Лерин, повикувајќи се токму на Преспанскиот договор, може да се оцени како извртување на вистината, односно спин. Јавниот обвинител можеби донел таква одлука, но таа нема поткрепа во членот 7 од Преспанскиот договор, како што Николоски ја извртува вистината.

Или што вели самиот Николоски, „едно е пропагандата, друго е вистината“. Во овој случај, Николоски ја извртува вистината.

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...