Контраспин: Николоски само треба да погледне во Собранието, а не во анкетите, па ќе знае кој е опозиција

Спинот на Николоски, кој остава впечаток дека сакаше да иронизира, се состои во тоа што дефинирањето на политичкиот противник најпрво и главно се одредува според освоените пратенички места во Собранието на последните парламентарни избори, зашто таму е пренесена сувереноста на граѓаните преку понудени и избрани претставници на изборите

-

Александар Николоски, потпретседател на Владата и министер за транспорт направи спин од прашањето кој е опозиција во државата, со тоа што се повикува на анкетите, генерално. Сепак, дефиницијата кој им е главниот политички противник се одредува според местата освоени во Собранието на РСМ на последните парламентарни избори. Се разбира, може опозицијата да биде и вонпарламентарна, но партиите на власт во земјава обично не ја „есапат“ ниту парламентарната, а камо ли вонпарламентарната опозиција, пишува Вистиномер. 

Во продолжение ви го пренеауваме текстот во целост:

Потпретседателот на Владата на РСМ, Александар Николоски, во интервју за „Сител“ даде изјава за состојбите во СДСМ, при што може да се детектира спин:

Спин: Мислам дека е здраво да има силна опозиција, но во моментот не можеме точно да дефинираме која е главната опозициона партија – дали тоа е СДСМ, дали е ДУИ или е Левица. Горе-долу и на анкетите се приближно еднакви овие три политички структури, така што тешко е да водите политичка битка со непознат противник од другата страна и затоа има една ваква конфузија. Секако СДСМ е традиционалниот противник. Гледам дека се обидуваат да направат одредени промени, но тие промени суштински не се гледаат. 

[Извор: Сител/Јутјуб – А. Николски (после 5.50 мин.); датум – 26.11.2024]

Контраспин: Министерот Николоски, од нему познати причини кои оддаваа впечаток во јавноста дека се поврзани со иронија и омаловажување, ја извртува вистината дека на ВМРО-ДПМНЕ не му било јасно кој е политичкиот противник – дали е СДСМ, дали Левица или ДУИ, зашто горе-долу и на анкетите стоеле приближно еднакво.

Николоски, со други зборови, сака да каже дека на анкетите стоеле ниско, па оттаму и го вади заклучокот дека за неговата владејачка политичка партија постоела конфузија зашто не им бил познат политичкиот противник. Една реченица потоа, тој малку се поправа, па вели, традиционално СДСМ, но дека не гледа суштински промени во партијата.

Спинот на Николоски, кој да повториме, остава впечаток дека сакаше да иронизира, се состои во тоа што дефинирањето на политичкиот противник најпрво и главно се одредува според освоените пратенички места во Собранието на последните парламентарни избори, зашто таму е пренесена сувереноста на граѓаните преку понудени и избрани претставници на изборите.

Оттаму, сосема е јасно и нема никаква конфузија околу тоа кој е главниот политички противник на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кој преку Коалицијата за Европска иднина освоија, заедно со другите партии доби 18 пратенички места. Потоа, подеднаков број места освоија и од ДУИ, кои преку коалицијата Европски фронт се застапени исто така со 18 пратенички места. И конечно, Левица, со освоени 6 места и скок од 200 отсто, бидејќи во претходниот мандат имаа само двајца пратеници.

Ете, тоа е опозицијата која не му била јасна на Николоски и на ВМРО-ДПМНЕ и околу која имале конфузија. Се разбира дека опозиција може да биде и непарламентарна партија, движење, група, итн, но во парламентарните демократии секогаш се брои најпрво оваа парламентарната.

Тоа е, инаку, таа иста опозиција на која претставниците од Министерството за финансии и од пратеничките групи на власт во досегашната расправа за буџетот за 2025 година (до 25.11.) не им прифатија ниту еден амандман од претресените дотогаш 70, што од пратеникот Јован Митревски беше искоментирано, дека такво нешто ниту еднаш досега се немало случено во македонскиот парламент. Иако, не е одвишно да се потсети јавноста дека нешто слична беше состојбата и при носењето на буџетот за 2013 година, кога се случи фамозниот „црн понеделник“ и кога тогашната партија на власт ВМРО-ДПМНЕ нареди со сила да се исфрлат пратениците од тогаш опозицискиот СДСМ, кои се обидоа да го блокираат носењето на буџетот. Настанот опишан како „смрт на парламентарната демократија во Македонија“ се случи откако сите амандмани на опозицијата или беа одбиени или не беше завршена процедурата во собраниските комисии.

Спин за „Сорос“, СДСМ и медиумите

Николоски во овој дел од разговорот направи уште еден спин, коментирајќи го изборот на Фани Каранфилова-Пановска за потпретседател на СДСМ на последниот конгрес, оценувајќи дека СДСМ со тоа направиле конфузија во општеството, демек Сорос директно влегол во политика преку СДСМ и со тоа оваа опозициска партија ги измешала картите и не се знаело што е партија, што невладина организација, што медиуми.

Една е улогата на политичките партии, друга е улогата на медиумите, а трета е на невладините организација, а сега гледам дека СДСМ сака да направи една симбиоза на сите три, што вклучува едно непринципиелно дејствување вели Николоски.

Фани Каранфилова – Пановска со години работела во Фондацијата Отворено Општество Македонија, популарна како „Сорос фондација“, бидејќи е дел од мрежата 40-тина Фондации Отворено општество низ светот создадени од Џорџ Сорос. Од 2015 година до 30.12.2022 година ја извршувала позицијата Извршен директор, по што ја напушта организацијата. Така што, сосема е нејасно од каде Николоски спинува дека Сорос „еклатантно влегла во СДСМ“. Со тоа Николоски на некој начин ја омаловажува поранешната кариера на Каранфилова – Пановска, а на друг начин ја дискриминира, бидејќи заклучокот е дека ако сте биле во невладина организација, посебно во некоја „соросова“, не смеете да бидете биран и во некоја политичка партија. Сосема е јасно дека Николоски и другите коментари во иста насока што доаѓаат од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се извртување на вистината, т.е. спин, заборавајќи притоа дека и во своите редови имаат луѓе кои биле активни во невладини организации.

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината од отворањето...

Весна Дамева поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет, обвини за притисоци од власта

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, како што рече, за да го зачува својот личен интегритет. Таа ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и...

За справување со пожарите и поплавите итно ни треба Национален план за адаптација

Македонија, како држава која нема финансиски средства да се справи со поплавите и пожарите, мора итно да изработи Национален план за адаптација кој ќе помогне да се организираат и координираат мерки...

Линеарното покачување на пензиите бара повисоки даноци и работен век до 67 години и за мажи и за жени

Линеарното покачување на пензиите од 5.000 денари, 2.500 денари во октомври и уште 2.500 денари во март в година, на долг рок ќе ја наруши одржливоста на Фондот за пензиско и...

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината...