fbpx

Контраспин: Невозможно е за 100 дена да се реализираат проектите со кои се пофали ВМРО-ДПМНЕ

-

Според визуелниот приказ на ВМРО-ДПМНЕ, направен е обид да се протурка манипулација дека во период од 100 дена, градоначалниците од партијата реализирале 1.090 проекти. Станува збор за извртување на вистината и манипулација со јавноста, со оглед на тоа што по ниту една основа не е можно во рок од три месеци да бидат реализирани проекти, (како на пример 33 градинки и 68 училишта), како што тврди ВМРО-ДПМНЕ во својот отчет, бидејќи за да се оствари сето тоа, потребни се многу подолги процедури, пишува „Вистиномер“ во новиот Контраспин.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Под слоганот  „Промени што носат иднина – 100 дена градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ“, партијата, која на локалните избори освои најголем дел градоначалнички места – 42, даде отчет за сработеното, во неделата, на 13 февруари.

Во соопштението, односно според визуелниот приказ што го објави ВМРО-ДПМНЕ на нивната веб-страница за реализираните проекти на градоначалниците, се препознава спин.

Спин: За само 100 дена 1090 реализирани проекти – 166 капитални објекти; 33 градинки; 68 улилишта; 206 улици и патишта се градат и реконструираат; 111 водоводи и канализации; 96 игралишта и паркови; 200 диви депонии се расчистени.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение, датум: 13.02.2022]

Контраспин: Во визуелен приказ на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, каде што се тврди дека во првите 100 дена, градоначалниците од партијата оствариле 1.090 проекти, меѓу кои и 33 градинки и 68 училишта, се препознава класичен спин.

Станува збор за извртување на вистината и манипулација со јавноста, со оглед на тоа што по ниту една основа не е можно во рок од три месеци да бидат реализирани проекти како 33 градинки и 68 училишта. Според визуелниот приказ што го дава партијата, направен е обид да се протурка манипулација како во овој период од 100 дена, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ да изградиле толкав број објекти, со оглед на тоа што истите се ставени како „реализирани“.

Инфографикот на партијата е придружен и со соопштение, каде што малку подетално се објаснува за што станува збор, односно меѓу редови, партијата дообјаснува, но сепак непрецизно, дека станува збор за „68 проекти во областа на образовната инфраструктура и 33 проекти во градинки“. За проект во градинка може да се смета и одреден проектен настан, како на пример, одбележување детска недела, одбележување на месецот на книгата и слично. Како проект во образовната инфраструктура, пак, може да се смета и опремена училница или реновиран тоалет во училиште.

Но, сето ова не смее да се прикажува како проект којшто кај јавноста, според објавената фотографија, оддава впечаток дека е изграден цел објект, односно училиште или градинка за период од само три месеци.

Во врска со ова министерот за локална самоуправа Горан Милевски, говорејќи на „Утрински брифинг“ на 14 февруари изјави дека станува збор за проекти кои се веќе започнати од претходниците, а сега само се финализираат.

Велат улици изградиле. Не може вие за 100 дена проект да направите, тендер да распишете, да асфалтирате, да пуштите во употреба. Сето тоа е направено од нивните претходници. Во овој период од 100 дена тие можеа единствено да исчистат депонии, да нивелираат шахти и да почнат да изработуваат градежни проекти за да можат да ги аплицираат, изјави Милевски.

За градинките и училиштата кои се наведени во отчетот за оствареното, Милевски тврди дека тие се проекти на министерствата за локална самоуправа и на образование.

Тие се проекти на Министерството за локална самоуправа и на Министерството за образование, кои почнале минатата година, како на пример, реконструкции на училишта и на градинки, и тие се финализираат сега. Ова е фалење со туѓи перја и манипулирање со јавноста.

Дополнително, на официјалните веб-страници од општините не може да се најдат детални податоци за остварените проекти во општините во првите 100 дена, а на Фејсбук страниците нема податоци за нови проекти за градинки.

За пример да земеме дел од скопските општини каде што ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалници од партијата. Последната објава на Фејсбук страницата на Кисела Вода за изградба на градинка датира од 27 септември 2021 година, кога сè уште не беа одржани локалните избори. На страницата на Општината Ѓорче Петров воопшто нема податок за изградба или проект за градинка, а единствено на Фејсбук страницата на Општина Бутел стои дека „во градинките се опремиле десет училници со нови масички и столчиња, нови дидактички играчки за дечињата, нови меки подлоги и нови шкафчиња“. Во Општината Аеродром, пак, во ноември минатата година на иницијатива на градоначалникот Тимчо Муцунски, Советот донел одлука за изградба на нова градинка на местото од кафаната во склоп на ОУ „Блаже Конески“, нешто што е далеку од „реализиран проект“.

Според овие податоци, на градинките не може да се гледа како на остварени проекти. Во одредени случаи, кога се донесени одлуки за изградба на нови инфраструктурни објекти, може да се каже дека истите се започнати, но не и остварени.

Оттаму, визуелниот приказ на ВМРО-ДПМНЕ дека се остварени 1090 проекти, меѓу кои 33 градинки и 68 училишта претставува класичен спин и манипулација со јавноста, дотолку повеќе што голем дел од проектите се започнати од претходните структури или, пак, како што изјави министерот Милевски, со финансиска поддршка од ЕУ и од министерствата за образование и локална самоуправа, пишува „Вистиномер“.

Пишува: Мери Јордановска

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...