Од почит кон починатите и кон оние чиј живот виси на конец, неумесно и нечовечки е министерот Тошковски да го вперува прстот кон бендот, барем не во овие први моменти по трагедијата. И да е така, а тоа допрва ќе се види, што е со недостатоците на системот и со корупцијата во него и низ него, за која министерот говори два дена? А, за огромни пропусти говореше и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој рече дека тие се толку големи што предизвикале „ерозија на системот“. Чудно е што повеќе од една деценија не е извршена пренамена на објектот од лесна индустрија во угостителски објект, а истиот добил дозвола за работа од Министерството за економија како за угостителски објект издадена пред 15 години! И за ова ли е виновен бендот?, пренесуваме текст во целост од Вистиномер.
Mинистерот за внатрешни работи, Панче Тошковски нa денешната прес-конференција, говорејќи за трагедијата во Кочани во која животот го загубија 59 млади луѓе, а повредени се 162 лица, во еден момент ја спинуваше вистината:
Пиротехничките средства или прскалки во дискотеката „Пулс“ во Кочани ја донел бендот „ДНК“, но лицето кое било задолжено за нивна употреба е починато
По завршување на увидот, ќе биде доставен извештај на ОЈО, по што ќе се утврди дали истите требале да поседуваат одреден сертификат за употреба.
[Извори: Грид.мк; Либертас – Датум: 17.03.2025]
Контраспин: Оваа изјава на министерот Панче Тошковски во која вината за трагедијата во Кочани ја фрла врз бендот е во најмала рака невкусна. Неколкумина членови на бендот (пејачот, придружни вокали, соработници) починаа во пожарот што ја зафати импровизираната дискотека во Кочани, а некои се борат за живот. Од почит кон починатите и кон оние чиј живот виси на конец, неумесно и нечовечки е министерот да го вперува прстот кон бендот, барем не во овие први моменти по трагедијата. И да е така, а тоа допрва ќе се види, што е со недостатоците на системот и со корупцијата во него и низ него, за која министерот говори два дена? А, за огромни пропусти говореше и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој рече дека тие се толку големи што предизвикале „ерозија на системот“.
Објектот немал хидрантска мрежа ни хидрант во употребна функција. Немало доволно противпожарни апарати според квадратурата на објектот, односно имало само два. Немало две излезни врати пропишани за евакуација за луѓе, туку една метална врата, импровизирана на задниот дел од објектот, но била заклучена со катанец и без квака од внатре и обложена со гипс картон и сунѓер за звучна изолација. Немало пристап за противпожарни возила од двете страни согласно правилникот за заштита од пожари експлозии и опасни материи. Внатрешноста на објектот била обложена со гипс картон, но не со огноотпорни својства. Немало спуштен таван со противпожарна отпорност од најмалку 30 минути. Немало врати со противпожарна отпорност со најмалку 1 час, ни систем кој би ги предупредил посетителите дека настанал пожар со јак звучен сигнал. Дискотеката била непрописно обложена со материјали за звучна изолација и лесно согорливи материјали. Во објектот противзаконски биле користени пиротехнички материјали на висина од 3 метри без дозвола. На лице место бил присутен и државен инспекторат за градежништво и урбанизам со тоа што констатирано е дека објектот во кој е случена несреќата е регистриран како објект за лесна индустрија со површина од 419 квадрати. Не е извршена пренамена на објектот од лесна индустрија во угостителски објект. И покрај тоа што немало пренамена, истиот добил дозвола за работа од Министерството за економија како за угостителски објект издадена пред 15 години, соопшти Коцевски доцна вечерта на 16 март.
И каде е вината за сето ова, за тоа што „сѐ во државата било труло“? Зарем баш за сѐ е виновен бендот?
За ова со право реагираше сопругата на пејачот од групата ДНК Андреј Ѓоргиески, кој загина во пожарот во Кочани, откако двапати се вратил да спасува деца и да им помогне. Изреволтирана од лажни информации, меѓу кои и онаа дека „пиротехниката е донесена од страна на бендот“, таа во објава на Фејсбук , меѓу другото, напиша:
…. ве молам, НЕ ШТИТЕТЕ НЕКОЈ КОЈ ТРЕБА ДА Е ПОЗАДИ РЕШЕТКИ!
Но, дали ќе дојдеше до несреќата ако ѕидовите не биле од лесно запаливи материјали, ако на објектот имало излези за итни случаи онолку колку што треба, ако немало импровизирана заклучена врата на задниот дел од објектот, без квака одвнатре и обложена со гипскартон и сунѓер за звучна изолација, ако имало пристап за противпожарни возила од двете страни согласно правилникот за заштита од пожари експлозии и опасни материи, ако имало спуштен таван со противпожарна отпорност од најмалку 30 минути…. Уште многу прашалници висат над оваа претажна македонска приказна, но особено зачудува фактот дека повеќе од една деценија не е извршена пренамена на објектот од лесна индустрија во угостителски објект. А и покрај тоа што немало пренамена, истиот добил дозвола за работа од Министерството за економија како за угостителски објект издадена пред 15 години!
И за ова е виновен бендот?
Институциите кои ова го дозволиле и кои го толерирале цели 15 години, немаат никаква вина? Или вина има само во бендот и евентуално во оние кои минатата година, или предминатата, издале фалсификувана лиценца за работа? Што правел системот другите десетина години, но и во последнава година, во која таканаречената дискотека сосема лабаво си функционирала? Или тоа никој не го видел ни на локално, ни на централно ниво? Чудно е како оваа „дискотека“ била невидлива, незабележлива во Кочани, небаре е град од типот на Чикаго, а не општина со едвај 25.000 жители.
И околу пиротехниката – поточно „прскалките“ од кои, според надлежните, започнале првите искри по што се запалил таванскиот простор и кровната конструкција. Каква е обврската и одговорноста на организаторот за ова? Дали им укажал на претставниците на бендот дека просторијата е со ниски тавани, дали пријавил во полиција и дали побарал дозвола за употреба на пиротехника?
Сите овие дилеми се сосема легитимни и нема зошто министерот Тошковски да им се лути на новинарите кога бараат од него одговори, независно дали прашањата му се допаѓаат или не.
Но, изгледа најлесно е сега вината да се бара во бендот и починатите. Што претставува спин, а истовремено е некоректно и нечовечки
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар