Контраспин: Неколку извртувања на вистината на Ангеловски за ЕУ во „Само вистина“

Евроскептицизмот на Ангеловски и неговата оценка дека не треба да брзаме кон ЕУ преку преговори со Бугарија, односно треба да ги прекинеме истите бидејќи европските вредности и демократијата значеле уништување на семејството, нацијата и црквата се спинови, односно извртување на вистината

-

Политичкиот став на Ангеловски и на МААК се право на слободен избор и тој е неприкосновен, но кога комуницира со јавноста во обид да ги убеди граѓаните, спиновите не се фер и коректен политички метод. Со други зборови, евроскептицизмот на Ангеловски и неговата оценка дека не треба да брзаме кон ЕУ преку преговори со Бугарија, односно треба да ги прекинеме истите, бидејќи европските вредности и демократијата значеле уништување на семејството, нацијата и црквата се спинови, односно извртување на вистината, пишува Вистиномер.

 

Пишува Теофил Блажевски

 

Претседателот на МААК Страшо Ангеловски во дебатна емисија на Канал 5 говорејќи за ЕУ искажа некои ставови во кои може да се препознае спин:

Спин: Европскиот сојуз го прави истото (она што го правел Советскиот сојуз). Им го одзема суверенитетот на државите, преку трансџендер и таа лгбт идеологија се обидува да ги уништи семејствата, да ја уништи нацијата и да ја уништи верата (Прв дел од Само Вистина од 12.50 мин-14 мин)…

Двојните стандарди на т.н меѓународна заедница го овозможи ова што ни се случува и ден денес…(зборува за апартхејд спроведен преку Охридскиот рамковен договор каде што со мнозинството управувало 20 отсто од малцинството преку принципот на Бадентер). За среќа, со демонтажата повторно ќе речам, на таа либерална елита во САД, започнува демонтажата на таа лицемерна, на таа либерална елита со двојни стандарди и во Европа и во ЕУ. ЕУ ваква каква што е, е пред распаѓање, како европска над држава, како сонот на Хитлер – затоа што да се разбереме Европа како над држава беше сон на нацистите (тука појаснува за Договорот од Месина и за улогата на Валтер Холштајн, претседател на Европската комисија во два мандати, тврдејќи дека бил „министер во владата на Хитлер“)…Која е таа европска демократија? Тоа ли се тие вредности кои сакаат да ми го уништат внукот, кои сакаат да ни ги уништат семејствата, кои велат црквата да от…тие ли се тие вредности за кои ние треба да сонуваме да мечтаеме и да си го одземеме името, да си го одземеме идентитетот?…Во овој момент ЕУ е една забрзана композиција која паѓа во бездна…Да се разбереме, јас сум против ЕУ како над држава која ги одзема суверените права на државите членки. Ние мора да бидеме свесни дека најголем непријател на европските суверени држави е Европската унија. Колку помоќна е ЕУ толку понемоќни се европските држави, затоа што таа го исцицува целиот суверенитет од европските држави. Против таква Европска унија сум и ќе бидам секогаш за Европска унија на суверени држави, она што Патриотите на Европа на седми и осми месецов во Мадрид веќе го воспоставија како барање(Втор дел Само Вистина, од 7-25 мин.)“.

[Извор: Канал 5/Само Вистина прв дел и Втор дел – Страшо Ангеловски: Датум – 11.02.2024]

 

Контраспин: Лидерот на МААК Страшо Ангеловски, во дебатната емисија на Канал 5 „Само вистина“ искажа повеќе извртени вистини и невистини околу ЕУ, испраќајќи ја пораката и директно дека РС Македонија во моментов треба да ги прекине преговорите со Софија, а со тоа индиректно и со ЕУ.

Политичкиот став на Ангеловски и на МААК се право на слободен избор и тој е неприкосновен, но кога комуницира со јавноста во обид да ги убеди граѓаните, спиновите не се фер и коректен политички метод.

СССР и ЕУ се неспоредливи

Првиот спин на Ангеловски на темата ЕУ е тој дека Европскиот сојуз, мислејќи на земјите членки на ЕУ го прават истото она што во ерата на социјализмот го правел Советскиот сојуз (СССР), односно дека им го одзема суверенитетот во целост. ЕУ никогаш не им го одзема суверенитетот на државите во смисла дека тие немаат право сами да решаваат за сите важни прашања за сопствениот народ и територија, како што тоа го правел СССР. Еве како ЕУ самата појаснува што е и што се случува со суверенитетот на државите.

Европската Унија (ЕУ) е уникатна. Таа не е федерална држава како Соединетите Американски Држави, бидејќи нејзините членки се независни суверени држави. Но таа не е ниту меѓувладина организација како Обединетите нации, бидејќи нејзините земји-членки ѝ отстапуваат дел од својот суверенитет и на тој начин стекнуваат поголема колективна сила и влијание од онаа што би ја имале кога би дејствувале самостојно. Тие отстапуваат дел од својот суверенитет по пат на донесување заеднички одлуки преку заедничките институции, какви што се Европскиот парламент, кој е избран од страна на граѓаните на ЕУ, и Европскиот совет и Советот, кои ги претставуваат националните влади. Земјите-членки донесуваат одлуки врз основа на предлози на Европската комисија, која пак ги претставува интересите на ЕУ како целина.

Еве како и Собранието на РСМ ја појаснува Европската Унија и проблемот со суверенитетот:

Европската Унија претставува единствена интеграција на суверени европски земји кои цврсто решиле да делат заедничка иднина и да здружуваат дел од својот национален суверенитет. Земјите членки на ЕУ дел од своите овластувања за донесување на одлуки им го делегираат на европските институции што ги имаат создадено за да можат одлуките за специфични работи од заеднички интерес да се донесуваат по демократски пат на ниво на Европа.

Значи станува збор за дел, помал дел од суверенитетот за одлуки во заеднички интерес на сите држави членки кои се претставени преку свои граѓани во Европарламентот и преку свои функционери на пониско или повисоко ниво во Комисијата и во разни други агенции и тела на ЕУ. Ангеловски тоа не го споменува, исто како што не споменува дека некои одлуки на ЕУ тешко и долго се носат токму поради правото на вето на секоја земја членка, што е директна потврда за не одземениот суверенитет.

 

Извртено претставување на вредностите на ЕУ

Следниот спин на Ангеловски е околу вредностите на ЕУ. Поврзувајќи ги со либерализмот правата што произлегуваат од родовите политики („Истанбулска конвенција“ која е ратификувана од РСМ), личните права на секоја индивидуа и во смисла на недискриминација поради пол или сексуална ориентација, тој ги наведува како клучни европски вредности, иако е тоа само едно мало делче од демократските слободи кои ги врамува самата ЕУ во своите документи. Во истите тие документи, преку почитувањето на граѓанските права и слободи никаде не се сугерира дека семејството или дека нацијата треба да се уништи, ниту пак тоа се прави индиректно. Уште поголем спин е дека ЕУ ја уништува црквата. Слободата на вероисповест и на верските организации и објекти е високо вреднувана вредност на ЕУ и како таква спаѓа во Фундаментите, т.е. основните права и слободи на граѓаните, запишана впрочем, во Повелбата на ОН, преку Европската конвенција за човековите права, до нашиот Устав.

Спин е исто така, дека поради лицемерието на ЕУ и поради Охридскиот рамковен договор во земјава владее некој вид на апартхејд каде што малцинството управува со мнозинството. Принципот на Бадентер, т.е. условено гласање со двојно мнозинство за клучни прашања е воведен по конфликтот или војната од 2001 година, како метод да се избегне мајоризацијата и на централно и на локално ниво, но повторно потекнува од основните вредности вградени уште во првиот Устав на почетокот на осамостојувањето на Македонија. И токму затоа, Словенија и Македонија добија признание во 1991 г. од сега покојниот Робер Бадентер – експерт на Мировната конференција за поранешна Југославија, дека се единствени држави од СФРЈ кои заслужуваат меѓународно признавање. Принципот со гласање со двојно мнозинство секако дека да биде проблематичен и различно толкуван, но е можеби најважната алатка за недискриминација и избегнување конфликти во општеството.

А за причините зошто избил конфликтот и дали Охридскиот договор е добар, лош или непотребен, водени се многу дебати и напишани се многу академски трудови. Но, почитувањето на индивидуалните и колективните права е темелна вредност и на ООН и на ЕУ и е вградена и во меѓународните и во домашните правни механизми. Двојни стандарди се разбира дека сè уште има околу ова прашање, но тоа не значи дека таа вредност – почитување или непочитување на правата на малцинствата, треба да биде причина земјава да го напушти процесот на евроинтеграции.

Патриотите за Европа и нивните 86 европратеници од 720

Уште еден спин е дека ЕУ забрзано оди кон бездната. Тоа е премногу невтемелена и слободна проценка. ЕУ, иако е во длабоки дискусии и размислувања за реформи, во моментов сепак е истата ЕУ со сите свои проблеми какви што беа и пред Брегзитот во 2016 г., освен што е зголемена моќта на крајно десничарските европски политичари во неколку клучни земји, кои сега се обединети во неформална унија Патриоти за Европа и кои го исфрлија слоганот „Да ја направиме Европа повторно голема“, по примерот на американскиот претседател Доналд Трамп. Овие европјани, кои ги предводеа во Мадрид Виктор Орбан и Марин Ле Пен и кои уште се нарекуваат и суверенисти, мнозинските политички групации во ЕП ги нарекуваат „неевропјани“, се разбира и недемократи, конзервативци, авторитарци, итн., токму поради радикалното отстапување од некои од темелните европски вредности. Она што не го кажува Ангеловски е дека Патриотите имаат само 86 од вкупно 720 пратеници во Европскиот парламент. Исто така, она што не го кажува е дека во Обединетото Кралство, на пример, анкетите покажуваат дека земјата треба да се врати во ЕУ.

 

Холштајн никогаш не бил министер на Хитлер

Меѓу спиновите што ги кажа Ангеловски за ЕУ кажа и една директна невистина, а тоа е дека Валтер Холштајн, претседател на Европската комисија во два мандати, бил министер за правда во владите на Адолф Хитлер. Холштајн, познат и по таканаречената Холштајнова доктрина, може во младоста и да бил дел од некои наци организации, но никогаш не бил министер. Бил професор и декан на Франкфуртскиот универзитет, бил поручник во артилериска единица во Франција за време на Втората светска војна и воен затвореник на САД, но никогаш не бил висок член на некоја влада на Хитлер, иако има тврдења дека бил поблизок со него отколку што пишува во официјална биографија.

Промовирана нова генерација дипломци и магистри на ФИНКИ, Јаневска им порача да работат во Македонија

Денес беше промовирана новата генерација дипломци и постдипломци на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). На церемонијата, министерката за...

Пукање во Сплит, убиен разбојник кој се обидел да ограби банка

Обид за грабеж во банка се случил денес околу 12 часот на улицата „Гундулиќева“ во хрватскиот град Сплит, јави Слободна Далмација, а пренесоа повеќе регионални медиуми. Според првичните информации, две полицајки минувале...

Водите на Крива Река полни со олово и цијанид, градоначалникот Митовски бара кривична одговорност

Водата во Крива Река има десет пати поголема концентрација на олово и стотици пати повеќе цијанид, азот и фосфор, информираше денеска градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски. Тој најави дека ќе...

Српските студенти на медицина бараат одговорност и оставки поради посетата на Вучиќ на пациенти од Кочани

Студентите на Медицинскиот факултет во белград, побараа да се покрене постапка против одговорните во Ургентниот центар, откако на 17 март без заштитна опрема, во едницата за интензивна нега биле примени претседателот...

Промовирана нова генерација дипломци и магистри на ФИНКИ, Јаневска им порача да работат во Македонија

Денес беше промовирана новата генерација дипломци и постдипломци на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). На церемонијата,...