Колаж на Вистиномер.мк

Дали Мицкоски треба да појде кај Ковачевски или обратно, за да се презентира КОНЦЕПТ за набавка на поевтин гас и електрична енергија за претстојната зимска сезона, при што ќе се заштеделе околу 300 милиони евра? Оваа тема вака поставена е самата по себе спин, покрај сите други потспинови што ги нуди. Спинуваат и Мицкоски и Ковачевски. Најблизок неспинерски став засега е изнесен од министерот за економија, Крешник Бектеши, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Околу темата за понудата на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за концепт за решение за набавка на поефтин гас и мазут за С. Македонија, можат да се регистрираат два генерални става од двете страни, а и во двата се забележуваат спинови:

Мицкоски: Жалам што премиерот и министрите во владата во вакви исклучително сложени и важни моменти за Македонија, граѓаните и стопанството никако не можат да ја надминат својата суета, еднаш да го остават политиканството и да се стават на страната на државата и граѓаните.

Побарав средба со Димитар Ковачевски за да го образложам концептот за оваа но и за следната година, како да се оптимира искористувањето на домашните ресурси и да се обезбеди евтин енергенс, дезертираше, одби. Го повикав на ТВ дебата пред македонската јавност, повторно дезертираше, одби со изговор дека не било сега време. Го повикав и Фатмир Битиќи како одговорен за економски прашања во владата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, одби да дојде и ме повика на економски совет да сум го презентирал концептот, бидејќи така успешно работеле за корона пандемијата, итн…

Доколку сакате да покажете дека не се точни информациите за големи провизии од увозот на мазут, транспортот преку инстант компании на јаглен и сè уште нејасната конструкција за гасот и затоплување на граѓаните, тогаш ви стојам на располагање да ви го објаснам концептот што го нудам. Одберете тим и дојдете во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во време и ден кој вас ќе ви одговара. Немаме уште многу време…

[Извор: Христијан Мицкоски – Објава на ФБ профил; датум:02.09.2022]

 

Ковачевски:  Во врска со понудите, кои ВМРО-ДПМНЕ ги споменуваат деновиве во медиумите, со оглед на ургентноста, верувам дека веќе и ги имаат доставено до ЕСМ, како што побара и предочи директорот на компанијата, со оглед на фактот дека тоа е институционалната процедура по која државата може да постапи…Економскиот совет во проширен состав е формиран во рамки на Владата, со цел во кризни времиња, во широка консултација, да се донесат сеопфатни и издржани одлуки во интерес на граѓаните. На овој Економски совет секогаш и во време на корона кризата, покана имале сите чинители, претставници на опозицијата, стопанските комори, претседателот на ЗЕЛС, професори од академската заедница, со единствена намера да се креираат најдобрите решенија за економската иднина на државата….Поканата за нив останува отворена и за следниот Економски совет кој ќе се одржи оваа среда во 12:00 часот. Владата е отворена и тие се секако добредојдени да ги презентираат решенијата кои ги имаат…

Оваа тешка зима и економско-енергетска криза ќе се преброди само доколку сите сме насочени кон изнаоѓање на решенија кои ќе обезбедат енергенси, струја и храна за граѓаните. Ова не е време за политички поени и лицитации, покани за дуели и средби, туку време за работа, за заедништво и за креирање на политики за добробит на сите граѓани

[Извор: Димитар Ковачевски – ФБ профил; датум: 01.09.2022]

 

 

Контраспин: Во двете објави од двајцата лидери на најголемите партии во земјава, при што едниот е претседател на Влада, а другиот раководи и со најбројната пратеничка група во Собранието на РСМ, може да се забележи една заедничка нишка: И Мицкоски и Ковачевски повикуваат на надминување на суети и политички поени, за работа и за креирање политики за добробит на сите граѓани.

Па, оттука и прашањето што е легитимно за јавноста, кога станува збор и за Мицкоски и за Ковачевски: Како јавноста да поверува во искреноста на понудите со толкав број навреди еден кон друг  – дали во иста изјава за искрена покана (Мицкоски), дали во секојдневно политичко делување во одговор на пратенички прашања или во соопштенија и изјави на партијата (Д. Ковачевски)? За овој неприкладен и неодговорен начин на комуникација со јавноста „Вистиномер“ пишувал повеќепати, а последниот пат минатата недела. И притоа, јавноста ниту ја интересира, ниту е должна да води белешки за тоа кој прв почнал.

Освен за овој заеднички спин, кај двајцата може да се специфицираат и неколку други во објавите. Најнапред за спиновите кај Мицкоски.

Мицкоски немал време за губење!?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, откако ја презентираше својата понуда во текот на минатата недела, дека знае како и има решение за набавка на гас и мазут по поевтини цени, при што севкупната заштеда за земјата ќе била околу 300 милиони евра, најнапред доби понуда од другата страна преку директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, да разговараат и да ги достави имињата на компаниите, кои ги знае Мицкоски и преку кои ќе можат да се набават поевтини енергенси за производство на струја. Мицкоски повторно одби и соопшти нешто во стилот дека ова е сериозно време и сериозни луѓе некои работи треба да си ги кажат поинаку а не јавно. Потоа следеше мало ретерирање откако доби понуда за разговори со Крешник Бектеши, министерот за економија, но и него го одби, за на крај, според последната понуда, заклучно со 02.09. Мицкоски да се задржи на вицепремиерско ниво, со Фатмир Битиќи, кој е заменик на премиерот Ковачевски за економски прашања.

Но, доколку Мицкоски знаел за ова подолго од 10 дена, а би требало да знае ако е целосно искрен, зашто прво идејата ја презентирал пред стопанствениците на една од двете негови средби со Стопанската комора на Македонија и со Сојузот на стопанските комори, зошто тогаш не ја презентирал јавно, како идеја, концепт, а потоа, преку отворените канали за комуникација што ги има со сите надлежни за ова прашање (Стево Пендаровски, Д. Ковачевски, Ф. Битиќи, К. Бектеши…), да им соопшти дека треба да се видат и да им ги презентира деталите? Или обратно, прво да им каже, па веднаш потоа да ја обзнани идејата и пред јавноста, сеедно? Денеска, 03.10.2022 г., Мицкоски за ТВ 24 изјавува дека му понудил јавно на Ковачевски да биде примен кај него, но сè уште нема одговор. Но, тој тоа не го сторил и се наметнува прашањето зошто?

Има само два можни одговори. Или идејата на Мицкоски е на ниво на концепт како што самиот тој вели и дека не е сигурен целосно во тоа што го тврди, па целата оваа работа може да се третира како рекламен политички трик за партијата, или пак, суетата – за која тој вели дека власта треба да се ослободи, е толку голема (и) кај него лично, што инсистира докрај, некој надлежен фактор на исто или слично рамниште да дојде кај него во ВМРО-ДПМНЕ за да ги презентира деталите.

Има реални шанси да станува збор за комбинација од двата елементи. Првиот, посуштинскиот, е дека упатената јавност навистина знае дека е многу тешко поради икс надворешни фактори, пред сè, да се добие поволна цена за увоз на гас, освен ако се нема директен договор со Газпром, или со Турција, или со Азербејџан, или, пак, со некои од арапските земји кои произведуваат природен гас. За мазутот, приказната е малку подруга и тука сигурно е можно да се добие поевтина цена, но, од друга страна, тука е поважна гаранцијата за да биде мазутот континуирано достапен и за отвореноста на границите за транспорт, пред сè, онаа со Грција. А, Владата, во директна комуникација со Владата на Грција веќе го обезбеди тоа уште пред две недели.

За суетата, пак, иако е најтешко со сигурност да се докаже јавно, за оваа прилика повторно ќе ја споменеме денешната изјава во интервјуто за ТВ 24, каде што на инсистирање на новинарот зошто не појде конечно на тој Економски совет па да ги доведе во ситуација на шах-мат овие од власта, Мицкоски одговори, со сите претходни појаснувања – видете, јас немам време за губење!

Јас јавно побарав прием кај Димитар Ковачевски на 29.09., денеска сме 3-ти октомври, пет дена потоа. Од Димитар Ковачевски не добив сè уште одговор, ме кани Битиќи на тело кое до сега ништо успешно не решило. Јас немам време за губење, ниту нивното ниту своето.

Но, иако е така, повторно останува проблемот на личната комуникација ако се искрени неговите зборови дека не сака тоа да се претвори во суети, ниту во пазар, кој кај кого ќе се јави и ќе оди, туку дека е искрено загрижен за судбината на граѓаните и државата.

Во странични спинови за објавата на ФБ, можеме да ги наброиме и тврдењата на Мицкоски за тоа колку бил неуспешен Економскиот совет за време на ковид кризата, заборавајќи дека тоа тело не може да има никаква суштинска и конкретна вина ниту за бројот на мртви, ниту за тоа што вакцините на почетокот на кризата дојдоа со неколку месеци задоцнување, ниту пак,  тој совет е виновен за пожарот во болницата во Тетово.

Според тоа, конкретните изјави на Мицкоски што ги оценуваме, а кои се наведени во неговата ФБ објава од 2 октомври ги оценуваме како спин.

 

Зошто Ковачевски не се гледа со Мицкоски?

Од друга страна, и кај премиерот Ковачевски недостасуваат неколку одговори на суштински прашања, кои упатуваат на заклучок дека и од оваа страна има извртување на јавноста или спин.

Ако не станува збор за суета, ако премиерот е искрен во неговите зборови дека „ова не е време за политички поени и лицитации, покани за дуели и средби туку време за работа, за заедништво и за креирање на политки за добробит на сите граѓани“, се наметнува истото прашање и за него, како и за Мицкоски.

Зошто не проработат директните отворени канали што ги имаат двајцата лидери и зошто по сите вакви најави на Мицкоски, Ковачевски не се обиде во директна комуникација да дознае дали концептот е сериозен и има елементи на економска остварливост или е политички трик? Па потоа, преку јавно известување да каже, барем, разговаравме со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и цениме дека концептот е несериозен и(или) е неостварлив. Или што и да е друго, макар и вистината да биде нешто поинаква, зашто и неговата позиција како лидер на партија на власт и на премиер, претпоставува и извесен калкулантски однос во пи-ар стратегијата со јавноста.

Вака, со јавно соопштување на цврст став дека Економскиот совет е место за такви разговори, се остава впечаток за спинување, зад кое може да се крие и суета и можна корупција при набавката на мазутот (за гасот е јасно дека е горе–долу работата е чиста) и можни коруптивни елементи вградени во делувањето на трговците со електричната енергија на слободен пазар.

Дотолку повеќе што имаше „лизгање“ во јавноста минатата недела со изјавата од претставник на кабинетот на премиерот дека гасот ќе биде обезбеден преку трговска размена со Србија (гас за струја), за ден подоцна да стигнат потврдени вести дека, сепак, Србија не решава сама за ова прашање, туку треба да се праша и „Газпром“, пред сè, околу користењето на цевката што минува низ Бугарија. Исто како што имаше „лизгање“ во јавноста дека претставниците на ЕУ, кои учествуваат во преговорите на експертските тимови  меѓу С. Македонија и Бугарија немале проблем за тоа Бугарија да извезе дел од своите вишоци кон земја која не е членка на ЕУ, за подоцна, при состаноците во Александропулис, јавноста да дознае од претседателот Стево Пендаровски дека тоа е можно, но само ако ЕУ ги стави своите компензациски фондови за кандидатите за членство во ЕУ, па разликата од 200 евра за мегават час до берзанската во момент на цена на купување, С. Македонија да ја надополнува од овие фондови.

И кај Ковачевски има непотребни странични спинови кога појаснува дека политиките на Владата се водат институционално, дека одлуките се носеле на владини комисии и седници а не на партиски штабови и со помош на партиски структури, итн. Бидејќи сите го знаат тоа, па дури и Мицкоски, без оглед што инсистира на лична средба.

Според тоа и во конкретна објава на ФБ на Ковачевски од 1-ви октомври, може да се препознае спин.

***

Проблемот што го има С. Македонија е суштински. Недостасуваат поголеми количества базна енергија од реалните потреби. Околу 30 отсто е тој недостаток. Затоа, во ова време-невреме, наместо спинови поврзани со итно надминување на проблемот, но и за во блиска иднина, за догодина на пример и понатаму, некако најмудро и најреално постапи министерот за економија, Крешник Бектеши, кој деновиве во Собранието изјави:

Јас ќе преземам одговорност и ќе му се јавам на Мицкоски. Ќе ги објавам контактите и ќе ги доставам до ЕСМ. Сметам дека целата јавност треба да знае и да биде информирана. Се треба да биде транспарентно. Во понеделник сум тука, нека ми ги достави Мицкоски контактите, а јас јавно ако треба ќе го однесам во ЕСМ, да видиме од кои извори доаѓаат. Време на кризна состојба е, има некои работи кои државата не може да ги направи, членка сме на НАТО. 

Пишува: Теофил Блажевски