fbpx

Контраспин: Наместо „историски“ успеси во соопштенија, потребен е дијалог

-

На СДСМ ниту му доликува да го употребува речникот „историски“ во своите соопштенија и со тоа да заличува на ВМРО-ДПМНЕ, ниту пак, му се потребни спинови и полуспинови, туку реална проценка на сработеното и многуте испуштени шанси реформскиот процес да биде многу понапред отколку што е сега. Но, на граѓаните, најмногу им е потребна елементарна комуникација и дијалог на власта и опозицијата, без оглед кој блокирал, уценувал и колку и да се чини тоа невозможно. Голема шанса за тоа е добрата иницијатива на Беким Сали за повеќепартитна комисија за конечно решавање на прашањето главен државен Клинички центар, пишува Вистиномер.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Во соопштение до медиумите објавено на 19.05.2022, СДСМ комуницира со јавноста за успешните политики што се водат во 100-те дена од мандатот на Владата на премиерот Димитар Ковачевски, при што може да се детектира спинување:

Спин: За само 100 дена од мандатот на Ковачевски, иако е време на најголема светска економска и енергетска криза:

  1. Највисок раст на минималната на 18.000 денари; 2. Историски најголемо зголемување на пензиите; 3. Историски најголемо покачување на платите во образованието од 15%; 4. Раст на просечната плата која достигна 30.000 денари; 5. 400 милиони евра за помош на граѓаните и компаниите; 6. Субвенционирање на цената на струјата, имаме најниска цена во регионот; 7. 26 мерки за заштита на стандардот на граѓаните; 8. Дополнителна финансиска помош од по 1.000 денари месечно за пензионерите; 9. Финансиска помош од 1.000 денари за ранливи граѓани; 10. Интервентен фонд за земјоделците и Национален план за храна; 11. Намалени цени на 230 лекови; 12. Енергетска транзиција, нова фото-волтаична електрана Осломеј; 13. Нов 400 киловолтен далекувод вреден 17,2 милиони евра; 14. Почеток на гасниот терминал Александрополи; 15. Успешно справување со кризата, нема недостаток на ништо, нема застој во исплати;

И додека Владата предводена од СДСМ и Ковачевски сето ова го реализираа за помалку од четири месеци, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ: (правеле) 1.Блокади; 2. Одбрана на криминал; 3. Неспособни градоначлници

 

[Извор: Канал 5 ТВ – Вест/Веб – датум:19.05.2022]

Контраспин: СДСМ, партија чиј претседател е премиерот Димитар Ковачевски, испрати соопштение до јавноста за успешните политики во 100-те дена од Владата кое во одредени делови има извртување на вистината, т.е. спинување, а покрај тоа заличува на моменти на соопштенијата на нивниот главен конкурент ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ да го исфрли речникот „историски“

Најпрво за тоналитетот на оваа објава што треба да ја комуницира јавноста, граѓаните. Уште од почетокот, со зборовите… „иако е време на најголема светска економска и енергетска криза“, преку употреба на зборот „историско“ (зголемување на пензии, плати во образованието за 15 отсто), па преку најниската цена на струјата во регионот преку субвенционирањето, фото-волтаичната централа и 400 Kv далновод кон Албанија, па се до крајот кога вели дека во ВМРО –ДПМНЕ сите градоначалници се неспособни – заличува како на речникот што го користи токму ВМРO -ДПМНЕ („историски најнеспособна влада“, „најкорумпирана влада“, „историско дно на државата“ и слично).

Таков тоналитет во комуникацијата на владејачката партија е непотребен, ниту пак, е вистинит, а дополнително се дерогира и суштината на зборот историско.

Што се однесува до спиновите и полуспиновите во соопштението, можат да се издвојат повеќе, но ние ќе се задржиме на неколку.

Ако СДСМ тврди дека имаме „највисок раст на минималните плати од 18 илјади денари“, тоа е полувистина, а станува спин ако не се додаде дека дел од платите и надоместоците за плати ги финансира државата (над 16 милиони евра), т.е. сите граѓани преку исплата кон приватните компании, за да можеше да се дојде до таков договор со приватниот сектор и до новиот Закон за минимални плати. Всушност, можеби најголема вредност на тој договор е новата методологија во новиот Закон, со кој растот на минималната плата е определен над 60 отсто од просечната плата и дека на годишно ниво ќе се следи инфлацијата, а не БДП резултатот. Но, како што тргнала инфлацијата нагоре, се разбира преку т.н. увезена инфлација, многу е веројатно овој „највисок раст“ наскоро да биде „изеден“ од цените.

Ако СДСМ тврди дека постигнале историско најголемо зголемување на пензиите, тоа е половична вистина, а станува спин ако не се наведе дека нешто помалку од половина од Буџетот на Фондот за пензиско осигурување е всушност трансфер на државата кон Фондот (над 485 милиони евра за 2020 година од вкупните приходи на Фондот од 1,23 милијарди евра), но исто така, дека во функција на стабилизирање на Фондот, од 2018 г., стапката за придонеси за задолжително пензиско и инвалидско осигурување изнесува 18.8 проценти, односно зголемена е за речиси два проценти од најниското ниво од околу 17 отсто што важеше дотогаш. Според веќе усвоената завршна сметка на Фондот пак, трансферите од Буџет достигнале нешто над 30 млрд. денари или околу 490 милиони евра, а вкупните приходи и расходи на фондот се зголемиле на над 1,3 милијарди евра.

Ако СДСМ тврди дека Владата обезбедила речиси 30.000 денари просечна плата, треба да се наведе дека станува збор за медијана, т.е. дека одреден дел од граѓаните ја примаат оваа плата, до која се доаѓа кога ќе се стават на кантар највисоките и најниските плати во државата. На пример, според податоци од ДСЗ објавени во март, во голем број сектори повеќе десетици илјадници вработени земаат плати под под просечната (угостителство и туризам, текстилна индустрија, производство на кожа, дрво…, но и дел од јавната администрација кога зборуваме за основни плати).

Ако СДСМ тврди дека Владата започнала со изградба на нов  400 киловолтен далекувод вреден 17,2 милиони евра, веста не е целосна и може да се протолкува како извртување на вистината, зашто и претходниот премиер Зоран Заев пред локалните избори лани во август ставаше камен темелник на истите делови од овој проект. Значи не е целосна веста и може да се толкува како делумно извртување на вистината, уште повеќе ако се знае дека проектот требаше да почне многу порано уште во 2019 година, а власта и опозицијата ја префрлаа одговорноста за вината.

Овие полувистини и целосни или делумни спинови во посоченото соопштение на СДСМ може да се аплицираат и врз тврдењето за најниската цена на струја во регионот (до јуни, а покрај тоа цента што се плаќа со дефицитот во буџетот е огромна) или за исплата на 1.000 денари парична помош на најсиромашните (без да се спомене колкава е бројката на приматели на оваа помош или пак, вкупните проблеми што ги имаат граѓаните со исплата на парична помош на име социјална заштита, за што може да се погледне последниот Годишен извештај на Канцеларијата на НП), и т.н.

Дијалогот, колку и да е невозможен мора да постои

Затоа, наместо вакви соопштенија со „историски“ успеси, подобро е СДСМ полека да почне да ги урива бариерите во дијалогот со опозицијата во Собранието (без оглед на причините за тоа кој е виновен и колку е тешко да се пробијата бариерите и слободно може да се каже уцените од самата опозиција), со крајна цел, да се покрие огромната буџетска дупка со ребалансот за кој самиот Ковачевски изразува надеж дека ќе се усвои навреме.

Впрочем, токму преку дијалог со синдикатите, колку и да беа тешки, се доаѓа до посакувани решенија, а тоа го потврди и власта и синдикатите.

Затоа напорите за дијалог со опозицијата (власта не може да избере друга „подобра“ опозиција), треба да почнат да се остваруваат посериозно. Зашто во спротивно, а имајќи предвид дека Ковачевски по вторпат навестува „најтешка зима“, може да се случи ребалансот да доцни, па сите исплати да се блокираат, а што е уште поважно, да се испушти шансата да се подзакопаат „воените секири“ преку формирањето повеќепартитна комисија за конечно решавање на прашањето за Клиничкиот центар, добра иницијатива на министерот за здравство Беким Сали.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...