fbpx

Контраспин: Најголемите енергетски капацитети не се направени ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од СДСМ

-

Од големите базни производители на електрична енергија со голем капацитет, ниту една политичка партија во изминатите 32 години не била посветена онака како што тоа било направено во времето кога со земјата владееле и управувале кадри од Сојузот на комунистите на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не биле посветени ни половина, барем од она што било замислено во стратегиите за енергетика и не биле посветени да одвојат поголем процент од буџетот или да се задолжат многу за да се изгради таков капацитет. А, за да го сторат тоа треба најмалку десетина милијарди евра до 2040 година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Во последните два дена во јавната комуникација со граѓаните може да се регистрираат спинови околу тоа кој произведувал повеќе капацитети и електрична енергија во РСМ. Еве го последниот од ВМРО-ДПМНЕ:

Спин: …Последната фабрикувана мантра на СДС е дека првпат во последните 70 години сите енергетски капацитети се на мрежа. (Спинот на СДСМ беше во нивното соопштение издадено ден претходно – види линк тука – н.з.)

Но да видиме што се крие зад оваа изјава:

Вистина е дека во последниве неколку години се срушија неколку рекорди.

За првпат во последните 70 години се увезува јаглен за рекордни милионски суми.

За првпат во последните 70 години увозот и потрошувачката на мазут се на рекордно ниво.

За првпат во последните 70 години котите на акумулациите се најниски на историско ниво.

За првпат во последните 70 години криминалот и корупцијата во енергетските компании е на највисоко ниво.

За првпат во последните 70 години најнеспособните и и најнеобразовани луѓе се на највисоки раководни позиции во енергетските компании.

За првпат во последните 70 години се извршија набавки на  електрична енергија по рекордни цени.

За првпат во последните 70 години некој се фали со производни капацитети, а не изградил ниту еден производствен капацитет …

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/соопштение/веб – датум: 16.01.2023]

 

 

Контраспин: Неколку манипулации се изречени во тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ во нивното соопштение за јавноста околу производството на електрична енергија и капацитетите и објектите за производство, но најглавна е дека партијата која сега е на власт за 70 години не изградила ниту еден производствен капацитет.

Ова е спин, т.е. извртување на вистината, изречено како одговор на спинот од СДСМ дека „за прв пат во 70 години“ сите енергетски капацитет во државата се вклучени и произведуваат електрична енергија, што може да се проблематизира само со еден слајд на линкот тука, кој покажува дека ТЕЦ Неготино на пример било вклучувано и многу порано.

Вистината е, дека сегашните политички субјекти што се на власт од осамостојувањето до денеска, т.е. веќе 32 години, кога предводеле влади, ниту една од нив не изградила главен електро-енергетски субјект, т.е. извор што произведува големо количество базна енергија што би ги подобрил драстично капацитетите и државата не би имала проблем со неопходната електро-енергија.

Јавноста можеби знае, но, сепак, не е одвишно да се потсети дека главните производители на електрична енергија во државата се термоцентралите. Трите блока од најголемата термоцентрала РЕК Битола се градени сукцесивно од 1982/1984/1988 година, значи сè уште во социјализмот. Тогаш во осумдесетите години е изградена и термоцентралата Осломеј, а две години порано, во 1978 година пуштена е во употреба ТЕЦ Неготино со два блока. Термоцентралите работат на јаглен, а Неготино работи на мазут како погонско гориво. Исто така, треба да се нагласи дека ТЕЦ Неготино беше предвидена за да надополнува струја за потребите на некогашниот гигант за производство на фероникел ФЕНИ, а кога не работи ФЕНИ да служи и како ладна резерва на целиот електро-енергетски систем.

 

Две хидроцентрали што ги изградиле СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

По осамостојувањето прв објект кој беше пуштен во употреба е хидроцентралата Козјак, пуштена во работа 2004 година (а почната да се гради во 1994 г.) и потоа хидроцентралата Св. Петка пуштена во употреба 2012 година. И конечно, во 2014 година е пуштен ветерниот парк Богданци, како инвестиција на државата преку ЕСМ. Сè друго што произведува електрична енергија, а има некакво пошироко значење во однос на капацитетите, е приватна инцијатива и приватен капитал. Од ТЕ-ТО, до денешните фотонапонски централи, чиј број и капацитети почнаа да растат во изминативе две години, особено од лани, а ќе растат и во иднина.

Но, тука зборуваме за манипулации, кој колку граделе и произведувале во изминатите седумдесет години, односно кој бил повеќе посветен за развој на електро-енергетскиот систем.

Како што може и да се види од големите базни производители на електрична енергија со голем капацитет, ниту една политичка партија не била посветена онака како што тоа било направено во времето кога со земјата владееле и управувале кадри од Сојузот на комунистите на Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не биле посветени ни половина, барем, од она што било замислено во стратегиите за енергетика и не биле посветени да одвојат поголем процент од буџетот или да се задолжат многу за да се изгради таков капацитет. На пример, кога зборуваме за голем капацитет од обновливи извори на енергија, таков може да се лоцира и во изградба на големи хидро-акмулациони потенцијали како што се Х.Е. Чебрен и Х.Е. Галиште. Но факт е, дека досега не се стигнало повеќе од тендер и тоа главно тие јавни повици биле неуспешни. Само во периодот на претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ предводени од Никола Груевски беа распишани и пропаднаа повеќе од десет тендери. Причините сега не се важни, но факт е дека не успеале. Владите на СДСМ од 2017 г. досега распишале еден тендер, минатата година и според изјави на надлежните има сериозен понудувач за изградба на Х.Е. Чебрен. Но резултати уште нема.

 

Потребни се десетина милијарди евра инвестиции

Годишното производство на електрична енергија во земјата се потпира на ТЕЦ, над или околу 70 отсто, меѓу 20 и 25 отсто на обновливи извори на енергија од кои најмногу на хидроелектраните и остатокот отпаѓа на фото волтаиците и на ветерниот парк во Богданци (извор ЕСМ). Според науката, до 2040 година потребни се инвестиции меѓу 9,5 и 17,5 милијарди евра за да произведуваме доволно електрична енергија.

Во Стратегијата за енергетика до 2040 година, што може да се најде на страницата на Министерството за економија, се наведуваат три сценарија, од кои првото е референтно и опфаќа ревитализација на термоцентралите, пред сè, ТЕЦ Битола, со отворање на рудникот Живојно, второто е транзициско, а третото сценарио е наречено Зелено сценарио со целосно потпирање на производството на енергија од обновливите извори на енергија наречени ОИЕ (стр.39). Еве дел од резимето на стратегијата:

Со цел да се постигне економски конкурентна транзиција, системот ќе има потреба од кумулативни капитални инвестиции кои се плаќаат веднаш (overnight investments) во опсег од 9,4 до 17,5 милијарди евра во периодот до 2040 година, во зависност од избраното сценарио. Енергетската ефикасност и инвестициите во ОИЕ се главен фокус на сите сценарија, што отвора можност за зголемен пристап до фондови кои ја признаваат важноста на проектите за енергетската транзиција – првенствено фондовите на ЕУ, како и меѓународните финансиски институции и донатори. Националниот буџет, исто така, ќе има улога како важна опција за финансирање на проектите за ОИЕ и ЕЕ, но и за ревитализацијата на ТЕЦ Битола. Најисплатливо сценарио е Зеленото сценарио. Кумулативните заштеди во Сценариото на умерена транзиција се проценети на 5,4 милијарди евра, додека во Зеленото сценарио проценката изнесува 7,4 милијарди евра (стр.7).

Во документот е нагласено дека овие финансиски инвестиции се предвидени врз основа на најмали трошоци, т.е. максимизирање и на енергетската ефикасност во државата, за што, исто така, има соодветни акциски планови.

Значи, не треба да се открива „топла вода“ и да се спинува од страна на партиите. Науката одамна, но и сè уште го кажува тоа. Потребна е само политичка волја и вложување.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел ја бомбардира Сирија, има над 40 жртви

Израел го бомбардираше регионот околу градот Алепо во Северна Сирија, пренесува Гардијан. Израелските сили таргетирале членови на либанската паравоена организација Хезболах. Има повеќе различни контрадикторни информации за бројот на убиени,...