Стратегијата на ЕУ на која се повикува Муцунски одамна е јасна и позната, и честопати повторувана. Еврокомесарката за проширување Марта Кос на дебата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) одржана само еден ден пред Муцунски да го изрече неговиот став, посочи дека Северна Македонија треба да покаже волја за промена на Уставот за да постигне напредок во процесот на пристапување кон ЕУ, пишува Вистиномер.
Пишува: Стојан Синадинов
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, по работниот појадок со амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија акредитирани во земјава и со евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас, изнесе став во кој ја спинува вистината:
Спин: Време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко, наведе Муцунски додавајќи дека очекува конечен почеток на пристапните преговори и отворање на поглавјата оваа година.
Исто така, тој потенцира дека годинава (2025 година) „одбележуваме еден многу неславен јубилеј – 20 години од стекнување на кандидатскиот статус за членство во ЕУ“.
[Извор: Радио Слободна Европа Муцунски – ЕУ да донесе стратешка одлука како ќе постапува со Северна Македонија – датум: 15.01.2025]
Контраспин: Во ваквиот став на Муцунски искажан на средбата со амбасадорите препознаваме спин, т.е. извртување на вистината. Не е првпат Муцунски да го повторува очекувањето Северна Македонија наскоро да ги започне преговорите со ЕУ, но ако ЕУ донесе некакви нови стратешки одлуки.
На средбата со амбасадорите Муцунски истакна дека се поминати:
Точно две децении во кои донесовме серија на крупни одлуки во која направивме болни компромиси во името на остварување на генерацискиот стремеж за членство во ЕУ. Крајно време е да продолжиме по европскиот пат. Подготвени сме за дијалог во добра волја, и изнаоѓање на рационални решенија, пренесе Радио Слободна Европа.
На сајтот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, раководено токму од Муцунски, во делот насловен „ЕУ членство“ во првиот став е наведено:
Полноправното членство во Европската Унија и понатаму претставува стратешка цел на Република Северна Македонија. Следствено на тоа, клучен приоритет е започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија, што е можно поскоро, а врз основа на постигнатиот степен на економска интеграција, прилагодувањето на законодавството и институциите, изградбата на добрососедски односи и придонесот во регионалната соработка. Преку јасно поставената цел и недвосмислен стремеж за целосно интегрирање во Европската Унија, Република Северна Македонија ја манифестира својата определба да изгради општество втемелено на идентични вредности како оние на Унијата – почитување на човековите права, демократијата, владеењето на правото и функционална пазарна економија.
Стратегијата на ЕУ на која се повикува Муцунски одамна е јасна и позната, и честопати повторувана. Еврокомесарката за проширување Марта Кос на дебата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) одржана на 14.01.2025 (значи само еден ден пред Муцунски да го изрече неговиот став), посочи дека Северна Македонија треба да покаже волја за промена на Уставот за да постигне напредок во процесот на пристапување кон ЕУ.
Одговарајќи на прашање на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на дебатата, Кос потенцираше:
Се надеваме дека Македонија ќе ја исполни обврската за промена на Уставот и тогаш, сигурна сум, дека штом ќе почнеме да се движиме со Северна Македонија, исто така, и со поддршка на Бугарија ќе можеме продолжиме на тој пат.
Еврокомесарката за проширување Кос ја нагласи сложеноста на процесот на проширување, потенцирајќи дека се потребни 150 одлуки со консензус на членките на ЕУ за започнување и завршување на преговарачкиот процес на само една земја кандидат, но дека треба да се направи сè за да се избегне билатералните прашања да влијаат на преговорите.
Но, тоа веќе се случува и ќе се случува во иднина, па задача на сите нас е да ги решаваме кога ќе се појават, рече Кос, додавајќи дека оние земји кандидати за членство што ги спроведуваат потребните реформи треба и да има придобивки од нивните напори, рече Кос.
Напоменувајќи дека првпат по десет години постои реална перспектива дека во текот на овој мандат институциите на ЕУ да им помогнат на една, две или три земји да стигнат до целта, Кос потенцираше дека нема да има геополитичко попуштање, односно проширувањето останува процес заснован на заслуги.
Наспроти јасниот став на институциите на ЕУ дека напредокот на Северна Македонија кон ЕУ зависи исклучиво од донесувањето на уставните измени, Муцунски го спинува процесот со исто така јасните ставови на неговиот владин и партиски шеф Христијан Мицкоски.
Ние нашите црвени линии ги дефиниравме. И од тоа ниту ние, ниту кој било ќе се помести, ниту милиметар. Не затоа што имаме какви било причини за да правиме напред или назад, туку едноставно доволно граѓаните на Македонија и македонскиот народ отстапивме, изјави Мицкоски на 27.11.2024.
Тој потенцираше дека нема да бидеме жртва на билатерализација на процесот на приклучување на Македонија кон ЕУ.
Ние кажавме што можеме да направиме и тоа е максимумот што можеме да го направиме. И тоа е кажано на сите светски фактори, на сите луѓе коишто одлучуваат генерално или имаат некаква улога во светската политика, потенцираше Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на Александар Николовски дека за уставните измени треба да се убеди Франција и дали има комуникација со францускиот претседател Емануел Макрон, изјави Мицкоски.
Оттаму, ако еврокомесарката за проширување Марта Кос беше јасна дека Македонија треба ја исполни обврската за промена на Уставот за да продолжи по евроинтегративниот пат, тогаш ламентирањето на Муцунски ден потоа над судбината на Македонија „како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко“ и наводната надеж дека треба „Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример“, е само спин и ништо повеќе.