fbpx

Контраспин: Министерот Тупанчески може да оди на натпревар во Палермо, ама на своја сметка

-

Тупанчески не чувствува морална, етичка одговорност поради тоа што на фудбалскиот натпревар во Палермо бил на сметка на ФФМ. Па сакајќи да оправда нешто што не се оправдува тој спинува, се обидува да ја релативизира целата ситуација и вели „јас сум само еден од големата делегација на новинари, лекарски екипи, гости, кои патуваат и јас сум само составен дел од делегацијата“! Прашањето е како тој како член на Владата се нашол меѓу луѓето кои ФФМ ги честела патување и билет за натпреварот во Палермо? Тоа е проблематично и несоодветно за носител на висока државна функција, пишува „Вистиномер“ во својот Контраспин.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Министерот за правда, Никола Тупанчески во изјава за порталот „А1он“  ја спинуваше вистината за трошоците за неговото патување во Палермо на фудбалскиот натпревар  Италија – Македонија и меѓу другото го кажа следното:

Спин: Чартер летот не е вклучен, воопшто не е вклучен, затоа што, и да сакате да биде вклучен чартер летот, тој не може да биде вклучен. Постои начин на организација на патувањето. Начинот или селекцијата на луѓето кои што патуваат треба да биде направен од страна на луѓето кои го организираат патувањето. Јас сум само еден од големата делегација на новинари, лекарски екипи, гости, кои патуваат и јас сум само составен дел од делегацијата. Дури морам да ви кажам дека и овој дел кој што е платен, е платен на мое инсистирање бидејќи мислев дека така треба да биде.

На забелешката на новинарот дека тоа значи дека не ја платил ниту ВИП- картата за фудбалскиот меч, министерот појаснува:

Ајде уште еднаш, зборуваме за процедура што однапред е утврдена од страна на Фудбалската федерација. Тие имаат клуч на кој начин ги добиваат. Картата што ја имав добиено гласи на мое име и е 00 евра. Дали ме разбирате? И да сакате да платите, а за тоа има доказ,  практично картата е без цена.

Прашан која е цената на летот Тупанчевски одговара:

Тоа беше чартер-лет, организиран за сите гости на Фудбалската федерација.

[Извор: А1 он; датум: 05.04.2022]

 

Контраспин: Во оваа изјава министерот за правда Тупанчески фактички признава дека не ги платил картите за чартер-летот и за ВИП ложата на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо, од каде што ја бодреше македонската репрезентација во натпреварот со Италија. Ваквиот исказ на Тупанчески е спротивен на неговото претходно тврдење дека во Палермо, на полуфиналето од плејофот за пласман на Светското првенство во фудбал, бил на своја сметка и сам си ги подмирил трошоците.

Министерот ова го кажа неколкупати во изминативе десетина дена. Најпрво, на  25.03.2022 г. откако беше прозван од јавноста, но и од Државната комисија за спречување на корупцијата, Тупанчески за „Фокус“ изјави:

Секако дека на свој трошок бев во Италија.

Набрзо по оваа изјава министерот на 28.03.2022 г. во разговор за „Утрински брифинг“ повторно кажа дека трошоците за Палермо ги платил од свој џеб:

Две компоненти се важи, а тоа е дали јас сум патувал службено за Палермо и втората компонента е кој ги покрил трошоците. Одговорот на првото прашање е „Не, јас не патував службено“, и втората компонента за тоа кој ги плати трошоците: „Tрошоците ги платив јас од моја трансакциска сметка“

Нагласувајќи дека во неговата постапка нема ништо неетичко Тупанчески, исто така, ќе потенцира:

Јас не сум користел буџетски средства, не сум користел службено возило, не сум користел обезбедување, а трошоците сум ги покрил сам. Јас сум голем фудбалски фан…

Дека самиот си ги платил трошоците за Палермо, Тупанчески тврдеше и во својот настап неколку дена подоцна (01.04.2022) во емисијата „Трилинг“ на „ТВ24“:

И како професор по кривично право, категорично ќе одговорам дека не постои одговорност. Повторувам, моето патување за Палермо не беше во рамките на моите службени должности. Отфрлам дека има нешто неетичко, мене трошоците кои се поврзани со ова патување ми беа испорачани од агенцијата која го организираше патувањето, беше платено од мојата трансакциска сметка…

По низата реакции, министерот за правда сега вели дека билетот за чартер летот до Палермо и влезницата за ВИП ложата за бараж натпреварот Италија-Македонија, биле гратис – платени од Фудбалската федерација на Македонија, а тој од личните приходи си го платил само хотелското сместување и тоа четири дена по одржувањето на натпреварот, откако се врати во Македонија.

Тупанчески не чувствува морална, етичка одговорност поради тоа што на фудбалскиот натпревар во Палермо бил на сметка на ФФМ. Па сакајќи да оправда нешто што не се оправдува, тој спинува, се обидува да ја релативизира целата ситуација и вели „јас сум само еден од големата делегација на новинари, лекарски екипи, гости, кои патуваат и јас сум само составен дел од делегацијата“!

Но, што е битно тоа дека делегацијата била голема и со шаренолик состав?! Прашањето е како тој како член на Владата се нашол меѓу луѓето кои ФФМ ги честела патување и билет за натпреварот во Палермо? Тоа е проблематично и несоодветно за носител на висока државна функцина. Иако Тупанчески сака да нѐ убеди дека тоа што се нашол во авионот за Палермо е нешто најнормално, бидејќи „според пишани и непишани правила, секогаш фудбалската репрезентација организира вакви патувања“!

Во најмала рака делува чудно еден министер за правда да прима подароци од каков било облик, па и во форма на билет за фудбалски натпревар во Палермо со цена од „0“ (нула) денари и гратис авионска карта Скопје-Палермо-Скопје. Во реалноста ништо не е бесплатно, сѐ си има своја цена, вклучително и патувањето на Тупанчески во Италија, коешто го плати ФФМ и во конкретниот случај го става во деликатна ситуација која може да ја компромитира функцијата на која се наоѓа.

Неспорно е дека министерот може да присуствува на кој било натпревар, тука или во странство, ама за тоа самиот да си ја плати сметката. Освен со делегацијата предводена од ФФМ, сигурно имало и друг начин – во приватна режија, министерот за правда да стаса во Палермо и како голем фудбалски фан, како што самиот кажува, да го проследи натпреварот.

АПЛАУЗ ЗА МИНИСТЕРОТ

Слаба „утеха“ е тоа што Тупанчески од својот џеб го платил сметувањето:

Дури морам да ви кажам дека и овој дел којшто е платен, е платен на мое инсистирање…, истакнува тој.

Но, тоа не е ништо невообичаено, туку се подразбира дека кога некој престојува во хотел треба да си ја плати сметката и нема потреба да се нагласува. Зарем, сега за ова треба да му се аплаудира на министерот за правда?!

Исто така, нема зошто Тупанчески да биде изненаден и „шокиран“ поради прозивките на антикорупционерите да даде одговор кој го платил патувањето во Палермо.

Тој е уверен дека со неговото патување во Италија на фудбалски натпревар не е прекршена ниедна законска, ниту етичка норма, бидејќи патувал надвор од неговите службени обврски и не користел буџетски пари.

Во Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, пак, јасно е наведено дека министрите не смеат да примаат подароци освен во одредени случаи.

Во таа смисла во членот 17 од Кодексот, којшто се однесува на „примање подароци“, се вели:

Носителите на извршни функции при вршењето на функциите и должностите не можат да примаат подароци, освен во случаите, во износ и на начин утврдени со Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Носителите на извршни функции не смеат да бараат, примаат односно да дозволат друго лице во нивно име или нивна корист да дава или прима подарок, услуга или било каква друга вредност, помош или друга корист во врска со вршењето на функцијата, односно должноста, а која би можела да има влијание или на било кој начин да го компромитира нивното расудување или да ги стави во несоодветна подреденост и обврска.

Додека пак, во членот 12 од Кодексот се наведува дека јавните функционери не треба да бидат во ситуација на судир меѓу јавниот и приватниот интерес. Во врска со ова, во првиот став од овој член е посочено дека:

Носителите на извршни функции, во извршувањето на нивните овластувања и должности, избегнуваат било каков судир помеѓу јавниот и приватниот интерес, односно доведување на состојба на сомнеж за постоење на судир на интереси.

Дека во овој случај, кој се заканува да прерасне во скандал, има прекршување на етичките парвила, се изјаснија и од Владата. Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска  до министерот Тупанчески веќе испратила  писмена опомена за непочитување на член 12 и член 17 од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носители на јавни функции именувани од страна на Владата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...