fbpx

Контраспин: Мицкоски го болат навреди само кога паѓаат на неговиот грб

-

Сосема е јасно дека Мицкоски, дури и под претпоставка тој најмалку да користел навредливи и омаловажувачки зборови, бил согласен тоа да го прават највисоки претставници на неговата партија или пратеници, со што на големо го прави она што во изјавата што ја разгледуваме го осудува и вели дека не е добро зашто „е отров што го чувате во себе“. Тој отров, кога ќе се истури во јавниот простор, раѓа уште посилни отрови, па така на крајот, резултатот е слика исполнета со говор на омраза, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Вториот програмски сервис на МТВ што емитува програма на албански јазик, искажа ставови за политиката и политичкото дејствување во коишто може да се препознае спин:

Спин: Секој оној што цени дека има поинакво мислење е негов став и тоа е што е, јас не можам тука да влијаам поинаку. Но, се навикнав овие четири и пол години да ме омаловажуваат, да измислуваат навреди за мене, лаги, клевети, да ми се закануваат на мене, на моето семејство, да го навредуваат моето семејство и мене лично и тоа не е добро. Мислам не е добро затоа што тоа е отров којшто го чувате во себе, но не дозволувам тоа да влијае врз моите чекори, не делувам емотивно, многу рационално делувам и стратешки коректно и така и ќе продолжам и во иднина да делувам. А на сите останати им посакувам пред сè многу здравје. (од 2.40 – 3.30 во видеото)

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/Youtube;, датум: 25.09.2022]

Контраспин: Ставот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски што е предмет на оваа анализа, истргнат настрана од реалниот политички живот и сето она што како тенденција во политиката го доживуваат граѓаните повеќе години наназад сè поинтензивно – делува сосема коректно, политички исправно, културно, фино, плус со христијански дух, што би рекол самиот Мицкоски.

Но, кога ќе го разгледате во контекстот на секојдневието или тенденциите на комуникацијата меѓу политичките партии и нивната комуникација со јавноста, како и нивното однесувањето на ниво на политички потези, тогаш несомнено станува збор за извртена вистина или спин. Зашто, како што веројатно би рекол Мицкоски, христијански е да не му правиш на друг она што не сакаш да ти го прават тебе.

Доволно е само да се погледне агрегаторот на вести Тајм.мк, на пример, помеѓу 25 и 27.09.2022 г. со пребарување на презимето Ковачки или терминот дезертер, при што излегуваат купишта навреди, омаловажувања, тврдења што се граничат со клевета или се клевета. Во истите тие два дена и на страницата на ВМРО-ДПМНЕ во секцијата Соопштенија, Реакции  може да се види таква реторика. Вакви примери за навредлив, омаловажувачки говор може да се најдат и доколку се пребара на Гугл под термините антимакедонски и ВМРО-ДПМНЕ.. Ако се погледнат, на пример, насловите на извештаите во медиумите  од летото 2022 г., кога се расправаше за т.н. Француски предлог за преговарачката рамка со ЕУ, па до септември годинава, партијата на Мицкоски секојдневно, покрај другите епитети, на партијата СДСМ, на извршната власт, т..е Владата предводена од премиерот Димитар Ковачевски, кој е и лидер на СДСМ, не пропушта да им ги залепи епитетите „антимакедонски“ и „антимакедонска“. Етикетирањето е во директна или во индиректна форма, како што тоа го прави потпретседателот на партијата Александар Николоски, при што Ковачевски е антимакедонец само затоа што во говорот на ООН не ја употребил ниту еднаш придавката македонски!?

ВМРО-ДПМНЕ го употребува овој термин, не отсега туку со години. И во 2018 година, кога се потпиша Преспанскиот договор, на сите активности на партијата – од говори до митинзи или протесни маршеви, се лепи овој епитет за политичкиот противник. Претходно пак, популарен беше терминот „пион“, којшто е исто така омаловажувачки, а ВМРО-ДПМНЕ не го „лепеше“ само за Ковачевски, туку со тој термин го „честеше“ и претседателот Стево Пендаровоски, по изборите во 2020 година.

Така што, сосема е јасно дека Мицкоски, дури и под претпоставка тој најмалку да користел навредливи и омаловажувачки зборови, бил согласен тоа да го прават највисоки претставници на неговата партија или пратеници, со што на големо го прави она што во изјавата што ја разгледуваме, го осудува и вели дека не е добро зашто „е отров што го чувате во себе“. Тој отров, кога ќе се истури во јавниот простор, наместо итна примена на „противотров“, раѓа истурање на уште посилни „отрови“, па на крајот резултатот е наместо чиста и кристална слика исполнета со факти, јавноста да гледа слика исполнета со говор на омраза кој ја заматува реалноста

Се разбира, „црната кампања“ која ја применува и политичкиот противник спаѓа во истурање на тие уште посилни „отрови“, со што доаѓаме до затворен круг на огромен раст на регистриран говор на омраза – најчесто по социјалните мрежи, но и во контактните емисии со граѓаните што се емитуваат на традиционалните медиуми. Експертите кои посветено и секојдневно го пребројуваат овој говор тврдат дека тој само во последните две години е во константен пораст од 160 отсто и дека говорот на омраза по основ на политичка припадност е на второ место, од вкупно 14 основи во кој е класифициран (види стр.29 и 30 од линкот).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Никој во последниве години не одговарал и не бил осуден за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“. Мета.мк ги побара податоците од Кривичниот суд за тоа колку пресуди биле донесени...