fbpx

Контраспин: Кредибилитетот и легитимитетот на Ковачевски произлегуваат од Собранието

-

Спин е тврдењето дека кредибилитет и легитимитет на еден политичар од извршната власт мора да произлезе само доколку тој директно учествувал во изборен процес, исто како што е спин дека идниот премиер Димитар Ковачевски ќе разговара/преговара за идентитетот на македонскиот народ, пишува „Вистиномер“ во новиот Контраспин, што подолу го пренесуваме во целост:
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во изјава искажа два спина околу мандаторот за состав на нова влада, Димитар Ковачевски, а во врска со преговорите/разговорите со Бугарија за билатералниот спор што предизвика блокада на РС Македонија во евроинтеграцискиот процес:

Спин: Овој премиер, мандатар, кој што ќе го предложи составот на владата нема кредибилитет да преговара од името на македонскиот народ за неговиот идентитет, а уште помалку авантуристот Бучковски…

[Извор: Христијан Мицкоски – изјава/прес, датум: 07.01.2022]

 

 

Контраспин: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во изјава на мини прес конференција на ден Божик, пред Соборниот храм Свети Климент Oхридски во Скопје, го негираше кредибилитетот и легитимитетот на мандатарот за состав на новата Влада, Димитар Ковачевски, спинувајќи дека тие произлегуваат само ако некој директно се кандидирал во некој изборен процес. Иако Мицкоски тоа не го поврза директно во делот од изјавата, во понатамошниот дел од одговорите станува јасно дека токму на тоа мисли, а впрочем ВМРО-ДПМНЕ го оспори легитимитет на Ковачевски да преговара и во понеделникот на 10.01.2022, преку изјавата на портпаролката Марија Митева:

Ковачевски нема легитимитет да преговара и да ги води процесите во спорот со Бугарија од причина што истиот не му е доделен од страна на народот, туку пренесен од Заев, кој ја доведе Република Македонија во оваа катастрофална положба, вели Митева.

Со ваквиот тип изјави Мицкоски кажува полувистина, која потоа ја спинува за тоа од каде произлегуваат легитимитет и кредибилитет на политичарите во извршната власт за сите прашања, вклучувајќи и прашање на преговори во билатерални односи со друга држава.

Имено, точно е дека изворно, кредибилитет и легитимитет на еден политичар природно доаѓа преку избори и изборен процес. Но, не мора тоа секогаш да биде услов, затоа што парламентарниот систем во РСМ е претставничка демократија, каде што суверенитетот на граѓанинот доброволно се пренесува врз избраните пратеници во Собранието, кои го добиваат гласот на граѓаните што учествуваат на изборите. Така што, секоја одлука што ја носи Собранието во текот на еден мандат се смета за одлука што ја носи народот, т.е. граѓаните на државата, затоа што пратениците решаваат во името на граѓаните.

Димитар Ковачевски, во моментот кога се пишува текстов, има функција заменик-министер за финансии на влада во оставка, како и мандатар за состав на нова влада, добиен директно од претседателот на државата, согласно Уставот на РСМ. А ,таа функција ја доби откако беше избран за лидер на СДСМ на внатрепартиски избори.

Впрочем и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, легитимно и кредибилно ја води и ја претставува партијата, иако не е избран на парламентарни избори, туку на внатрепартиски избори истиот ден кога беше избран и Ковачевски. Освен тоа, спинот на Мицкоски паѓа во вода, имајќи предвид дека кога траеја обидите за состав на ново парламентарно мнозинство во декември минатата година, Мицкоски најавуваше дека ќе биде новиот премиер на таа нова влада доколку успееше операцијата за ново парламентарно мнозинство.

Има уште еден спин во изјавата на Мицкоски, а тоа е дека Ковачевски ќе преговара со Бугарија за „идентитетот на македонскиот народ“. Овој спин е директно разоткриен од самиот Ковачевски, кој неколку пати досега во изјави за јавноста соопшти дека нема намера да разговора/преговара со претставниците на Софија надвор од т.н. црвени линии, што се зацртани во Резолуцијата на Собранието на РСМ, каде што тие се, всушност, јасно одредени со посебниот идентитет на македонскиот народ и на потеклото на македонскиот јазик.

Последен пат Ковачевски тоа го повтори два дена по изјавата на Мицкоски, во интервјуто за МИА на 09.01.2022 година.

Оттука, јасно е дека изјавата на Мицкоски (и на ВМРО-ДПМНЕ преку Митева) за некредибилитетот и за нелегитимитетот на Ковачевски за да ги води преговорите со Бугарија, како и за тоа дека тие ќе се однесуваат на идентитетот на македонскиот народ, е/се спин, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...