fbpx

Контраспин: Кој е ослободувач, кој агресор, а кој ширач на дезинформации за руската инвазија?

-

Во својот говор по повод 9 Мај, денот на победата над фашизмот, рускиот амбасадор Сергеј Баздникин се обидува да прикаже дека пропагандата од нивна страна не постои и дека во инвазијата врз Украина, Русија е ослободувач, а не агресор. Дека руската пропаганда е буквално „пионер“ во обидите за манипулација со јавноста сведочат голем број искуства, записи, докази базирани на факти, па дури и детални истражувања. Освен тоа, во случај кога една држава со воени средства напаѓа друга, суверена држава, а притоа има човечки жртви и енормна материјална штета, не може да се зборува за ослободување, туку за агресија, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Во обраќањето на рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин на комеморативниот настан по повод 9 Mај во Скопје, можат да се препознаат повеќе спинови. Во својот говор, Баздникин ја изедначува борбата и победата над фашизмот со руската инвазија врз Украина, како да се тоа два идентични настани и како да станува збор за ослободување територии. Во наративот што Баздникин го користи во својот говор, се прави обид да се спинува дека војната во Украина што започна на 24 февруари годинава е всушност ослободувачка, односно војна што се води против нацизмот.

Спин: Денес, кога руските војници повторно, како и пред осум децении, треба да се борат со оружје во рацете против нацизмот што се вкорени на украинската земја, празникот 9 мај за нас е исполнет со посебно значење. Затоа на ослободените територии се подигнува Знамето на Победата – знамето што некогаш беше подигнато над Рајхстагот во Берлин.

[Извор: Амбасада на Руската Федерациjа во Северна Македониjа, говор на Баздникин – датум: 09.05.2022]

Контраспин: Нацизмот не е вкоренет во Украина и на „украинската земја“, иако факт е дека во државата, како и во повеќето држави во ЕУ и на Балканот има екстремни десничарски елементи, па и политички субјекти.

Во Втората светска војна, по инвазијата на нацистичка Германија на тогашниот Советски Сојуз (операција Барбароса), на страната на Вермахтот (германска војска) застануваат жители на Украина. Бројката не може да се процени точно, но никако не може да се каже дека украинскиот народ се борел на страната на фашистите и нацистите. Напротив.

Во тоа време во Украина лидер на десничарското движење „Организација на украинските националисти“ е Степан Бандера. Членовите на ова движење стојат зад бројни ликвидации на Евреи, Полјаци, Руси и Украинци на територијата на Украина и, пред сè, Лавов, а бројката на жртви се брои во илјадници. Тука е и дивизијата „Галиција“ во рамките на Вермахт составена од доброволци од Украина.

Осумдесет години подоцна во Украина е присутен и екстремно десничарскиот елемент, кој се истакна во полкот „Азов“, првично баталјонот „Азов“, составен од доброволци, кои изразија желба да се борат на страната на Украина во Донбас, откако сепаратистите во овој регион, помогнати од Русија, му ја откажаа послушноста на Киев. Во меѓувреме, полкот „Азов“ стана дел од украинската Национална гарда и не е јасно колку е исчистен од екстремните елементи. „Азов“ има извесна поддршка меѓу населението, не поради политичката определба, туку поради фактот што од 2014 година се во првите борбени редови против руската анексија на Крим, сепаратистичките Доњецк и Луганск, а потоа и инвазија.

Официјална Москва преку своите дипломати вешто го користи овој факт и создаде вештачки лажен наратив со кој „Азов“ го изедначи со сите вооружени сили на Украина и во сите настапи ги претставува како нацисти, како што е и во овој случај, со изјавата на Баздникин. Регуларната војска на Украина нема никаква допирна точка со нацизмот, секогаш се оградува од политичките изјави на водачите на „Азов“, а имаше обиди и за нивно разоружување (2019 година) и расформирање на единицата.

Оттаму, класичен спин е изјавата на Баздникин дека руските војници повторно, како и за време на Втората светска војна, треба да се борат со оружје во рацете против нацизмот на украинската земја.

„Руските трупи во Украина сега не само што ги гранатираат Харков и Одеса, туку јуришаат и на Миколајив и го држат Керсон под опсада. Фрлаат бомби во близина на споменикот на Холокаустот во Бабин Јар, во Киев. Од страв пукаат врз тенковите кои се уште стојат на постаменти во украинските градови во спомен на Втората светска војна. На нишан не им  е само „Големата победа“. Тоа е тенковски напад не само врз споменот на ветераните од Втората светска војна, туку и врз неколкуте сè уште живи сведоци на војната, кои не можат да ги напуштат своите домови за време на руското гранатирање“, пишува рускиот политиколог Иван Преображенски за Дојче Веле на оваа тема.

Дезинформација за руските дезинформации и пропагандата

Спин: Обвинети сме за агресија. Нагласувам – неосновано. Ние не сме агресори, туку ослободувачи. Велат дека ние наводно водиме кампањи за дезинформации и воена пропаганда – тоа исто така не одговара на вистинската состојба на работите: ние не се занимаваме со ширење на „фејкови“, туку користиме само факти и проверени информации. Се обидуваат да ја „откажат“ руската култура, наука, спорт – таквите напори не само што не им оддаваат почит на нивните иницијатори, туку се апсолутно бесперспективни.

Контраспин: Дека руската пропаганда е буквално „пионер“ во обидите за манипулација со јавноста сведочат голем број искуства, записи и докази базирани на факти. Освен тоа, во случај кога една држава со воени средства напаѓа друга, суверена држава, а притоа има човечки жртви и енормна материјална штета, не може да се зборува за ослободување, туку за агресија.

Првично, за начинот на кој функционира руската пропаганда, говорат и самите руски новинари, кои одблиску ја следат состојбата и случувањата во земјата, наспроти она што во својот говор го користи Баздникин.

„Пропагандата е една од основните работи во оваа војна. Гледаме неколку нивоа на пропаганда – едно ниво е државната пропаганда, мислам на неколку ТВ канали, ТВ новински агенции кои имаат монопол во телевизискиот простор. Сите независни ТВ канали беа затворени, речиси сите популарни независни медиуми на интернет (има уште неколку мали регионални медиуми) беа блокирани од почетокот на војната, вклучително и Би-Би-Си. Гледаме голем број државни ТВ канали и државни новински агенции, тоа е едно ниво на пропаганда. Друго ниво е фабриката за тролови, со седиште во Санкт Петербург. Тие дури изнајмија и конкретна канцеларија за да известуваат за оваа војна. Оваа фабрика во Санкт Петербург се претпоставува дека е во сопственост на Евгениј Пригожин, бизнисмен кој е близок со Путин и Кремљ. Друго ниво на пропаганда е државната фабрика за тролови. Постои државна агенција која им помага на регионалните и московските власти да покриваат различни активности, но тие се вклучени во покривањето на војната преку пропаганда. Ја гледаме оваа огромна пропагандна машина која работи исклучително напорно“, изјави во интервју за Вистиномер рускиот новинар Андреј Захаров.

Во јавноста дури познат е и зборот „рашизам“, односно комбинацијата на името на земјата (Русија) и зборот фашизам, термин кој широко се користи во Украина, алудирајќи на официјалната пропаганда на Кремљ, која редовно се прикажува себе како антифашистичка и го оправдува нападот врз Украина како борба против наводниот неонацистички режим.

Современите руски модели на пропагандата се толку застапени, што често се подлога за истражувања и предизвикуваат дебати, бројни експерти се обидуваат да ја дефинираат, а со тоа и да најдат начини да ја ублажат или, пак, да ѝ ја доближат на јавноста со цел истата да стекне подобар сенс кога станува „жртва“.

Најчесто, руската пропаганда се дефинира преку две клучни карактеристики, големиот број канали и пораки и бесрамната подготвеност да шират делумни вистини или комплетни фикции. За руската пропаганда често се вели дека таа ја забавува, збунува и ја обзема публиката. Се шири брзо, се шири континуинирано и се повторува.

Оттаму, обидот на рускиот амбасадор Баздникин да каже дека воената пропаганда и дезинформациите не постојат како такви, е речиси идентично како да се каже дека црвената боја е всушност сина. Впрочем, самото тоа се докажува преку неговиот наратив во истата реченица, каде што тој тврди дека Русија е ослободувач, а не агресор во инвазијата врз Украина.

Во ниту еден случај не може да се каже дека Русија нема агресивни намери, а притоа да влегува на територијата на суверена држава, со тврдење дека ја ослободува истата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...