fbpx

Контраспин: Јанкулоска е „жртва“ на авторитарниот систем на бегалецот Груевски

-

Случајот „Тенк“ за кој Јанкулоска и Поповски издржуваат казна затвор, а Никола Груевски „храбро“ побегна од земјата, е чист од правен аспект, барем според пресудата што е потврдена во три степена – Основен, Апелација и Врховен суд. Но, ВМРО-ДПМНЕ спинува дека Јанкулоска е жртва на Заев, без да појасни зошто во чист случај не бара отворено и Груевски да се врати и да ја дели судбината на останатите двајца осудени, пишува Вистиномер.

Во ставот на ВМРО-ДПМНЕ, кој се однесува на случајот „Тенк“ и на Гордана Јанкулоска, има повеќе спинови:

Спин: Гордана Јанкулоска е жртва на неправдите и политичкиот прогон на мафијата на Заев. Јанкулоска оди во затвор за автомобил кој го вози и користи Зоран Заев и неговата мафија и во исто време кога истата таа власт троши над 8 милиони евра за купување на нови службени возила…

Контраспин: Веднаш по веста дека поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, е спроведена на издржување казна затвор во траење од четири години, ВМРО-ДПМНЕ излезе со став во кој се детектира јасен спин.

Врвот на партијата, имено, извртувајќи ја вистината, комуницира со јавноста дека Јанкулоска е „жртва на политички прогон“ на власта и на Зоран Заев, кои ги нарекува мафија. Но, уште повеќе, партијата спинува дека Јанкулоска оди во затвор “за автомобил кој го вози и користи Зоран Заев и неговата мафија“ и во исто време кога таа власт „троши над 8 милиони евра за купување нови службени возила“.

Фактите говорат дека вистината е поинаква. Најважното, Гордана Јанкулоска се наоѓа на издржување казна затвор поради пресуда на надлежен кривичен суд, која е правосилна и ги поминала сите три инстанции, кои ги овозможуваат законите. Пресудата по случајот „Тенк“ е изјаснување на судот за противзаконска набавка на блиндиран „Мерцедес“ од страна на МВР и таа е еден од првите случаи на поранешното Специјално јавно обвинителство со завршница, за што истрага беше поведена уште во пролетта 2017 година.

Една година подоцна, во мај 2018 г. беше донесена осудителна пресуда за помошникот министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски, со казна затвор од 6 години и 6 месеци, како и за екс премиерот Никола Груевски, со казна затвор од 2 години. Во октомври истата година Апелација ја потврди пресудата за Груевски, а упатниот акт му беше за 8 ноември. Ден, два претходно Груевски побегна од земјата под неразјаснети околности, а за бегството ниту има завршница на истрагата, ниту, пак, се разјаснија околностите.

На Јанкулоска ѝ се судеше во одвоена постапка поради нејзината бременост во тоа време, а пресуда беше донесена во октомври 2018 година, Апелација во 2019 г. ја потврди пресудата, но и ја намали казната на 4 години и конечно, Врховниот суд во 2020 година ги потврди казните за сите тројца осудени.

Според тоа, сосема е јасно дека случајот е чист од аспект на легалноста во процедурата и на тростепениот судски систем. Груевски е осуден бегалец за примање награда за противзаконско влијание, а Јанкулоска и Поповски за злоупотреба на службената положба.

Тоа што Мерцедесот од случајот сѐ уште се користи, иако СДСМ најавувал дека ќе го продаде и со парите ќе се купат амбулантни возила, тоа во случајот со Јанкулоска воопшто не е важно. Исто како што не е важно дали власта на СДСМ и ДУИ во изминатите три години набавила службени возила за 8 милиони евра.

Тоа се факти кои денес или во иднина можат да бидат оценувани од етички или од аспект на нечија евентуална кривична одговорност ако имало злоупотреби во конкретен случај и сознанија за истите. Но, тоа воопшто не е поврзано со осудителната правосилна пресуда за Јанкулоска која, да повториме, таа почна да ја издржува. За разлика од главниот актер во претходниот авторитарен режим, во кој Јанкулоска беше речиси цело време министерка за внатрешни работи, Никола Груевски, кој за истото дело реши да не оди во затвор, бегајќи надвор од земјата.

А ВМРО-ДПМНЕ, освен што спинува за тоа чија жртва е Јанкулоска, би можела да ѝ појасни на јавноста зошто не го повикува Груевски да ја дели судбината со другите двајца осудени и да се соочи со правдата, при правно чист случај потврден од три судски инстанции.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...