fbpx

Контраспин: Јаневска спинуваше дека сексуалното образование ќе биде предмет од второ одделение

-

Извртувањето на вистината дека како изборен предмет сексуалното образование ќе се нуди од второ одделение во идниот реформиран систем на образование, што МОН го има зацртано од наредната учебна година, беше повод за редица шпекулации во јавноста изминатите неколку дена, пишува Вистиномер.

Претседателката на комисијата за образование при ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Весна Јаневска, гостувајќи на Сител ТВ, ја коментираше Концепцијата на МОН за реформи во образованието, при што може да се детектира следниот спин:

Спин: …Притоа им се даваат на децата и изборни предмети од второ одделение – кога тие не можат сами да избираат, и законски родителите се старатели до 18 години – и во кои има и јога и пилатес, ама има и сексуално воспитување во второ одделение, без никаков детал, што децата во тие 16 до 20 недели по еден час ќе учат во тој предмет ако го изберат и доколку го изберат.

Извор: Сител Тв – Весна Јаневска, датум: 28.01.2021

Контраспин: Проф. д-р Весна Јаневска, која е релевантен соговорник за реформите во образованието, секако може сосема слободно да ги изнесува и своите лични, но и партиските ставови околу реформите што сака да ги турка Министерството за образование (МОН), но притоа треба да внимава на прецизноста и на евентуалните спинови.

А, токму една таква непрецизност во форма на извртена вистина – спин, беше изречена од нејзина страна, гостувајќи на Сител ТВ во интервју во рамките на вестите пред неколку дена. Имено, Јаневска рече дека една од слабостите биле и изборните предмети што ќе ги имаат учениците во основното образование, меѓу кои и сексуалното образование од второ одделение.

Вистината е извртена и тоа се докажува само со еден факт. Треба само внимателно да се прочита „Нацрт концепцијата за реформи“ што ја понуди МОН за јавна расправа уште пред два-три месеци, а која сè уште може да се најде на веб страницата МОН.

На страна 18 под наслов Изборни предмети се споменува за прв пат и сексуалнотo образование. Притоа, во делот на незадолжителни или „слободни изборни предмети“ на стр. 19 се наоѓа и следново:

Другата листа на слободни изборни предмети ја сочинуваат четири категории предмети:
(1) изборни предмети за проширување/продлабочување на наставните содржини од задолжителните наставни предмети (пример: математичко-логичко резонирање, програмирање, сликање/цртање, историја на културата, сексуално образование)…

Веднаш под набројувањето во четири точки се наоѓа и следната реченица:

Слободните изборни предмети им се нудат на учениците од II до IX одделение , при што листата на предмети од овој вид може да варира од еден до друг период на основното училиште за да ги следи возрасните разлики во интересите на учениците и можностите на наставниот кадар вклучен во одделенска и предметна настава.

Според тоа, без дополнително појаснување, сосема е јасно дека никаде не стои во Концепцијата дека сексуалното образовани ќе биде од второ одделение, но Јаневска токму тоа го тврди, децидно.

Оваа спинувана информација на Јаневска како да беше „тригер“, па на повеќе Фејсбук групи и профили на поединци и на Фејсбук и на Твитер, почнаа да кружат два типа дезинформации. Едната е дека токму од второ одделение ќе било сексуалното образование, а втората е дека децата ќе учеле за „анален секс“, за „хомосексуалноста“, за „лезбејство“ и за „педери“ и слично, а како подлошка во овие дезинформации се користи преведен дел од изборниот предмет сексуално образование, кој веќе е во оптек во образовниот систем во Србија.

Сето ова беше повод МОН дури во понеделникот, 01.02.2021 г., да реагира со краток демант и тоа за информациите до една од ФБ групите, што, секако, не зборува баш најдобро за брзината со која се реагира на лажните вести во МОН. Во реакцијата/демант на МОН се вели:

„Категорично ги демантираме невистините проширени од Фејсбук групата „Од нас за нас“ на социјалните медиуми, а пренесени од дел од порталите, за наводни содржини во учебници за второ одделение за изучување на сексуалното образование. Веста е целосно лажна, а користените илустрации воопшто не се дел од учебници и материјали од нашиот образовен систем… Прикажаните текстови и илустрации кои се прилепуваат на делови од Концепцијата не се извадени од наставни материјали предвидени за нашата земја“.

Подоцна и во текот на денот и министерката Мила Царовска демантираше дека сексуалното образовани ќе се изучува од второ одделение, но сето тоа делуваше како „воз што доцни“, зашто првиот клучен проширувач на спинот, не беше пресретнат навреме, односно се доцнеше четири дена.

Накратко, изјавата на г-ѓа Јаневска дека „од второ одделение ќе се изучува сексуално образование ако децата го изберат тоа“, е извртување на вистината, т.е. спин.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Тенденциозно и без докази се обвинува дека Украина и Западот стојат зад терористичкиот напад во Москва

Одговорноста за нападот во Москва ја презеде милитантната група Исламска држава (ИСИС). Ден по нападот, на 23 март, ИСИС објави фотографија од четворицата напаѓачи. На 24 март, пак, ИСИС...