fbpx

Контраспин: Исплатата само на придонеси е, сепак, притисок – СОНК спинува, платите растеле и досега

-

Анализирајќи ги изјавите на главните актери во штрајкот во образованието (претшколско, основно и средно) кој трае цели две недели, со неизвесност кога ќе прекине, може да се идентификуваат два спина. Еден спин кој доаѓа од Владата и еден спин кој доаѓа од СОНК. Изјавата дека нема да им исплатат дневници за време на штрајкот, туку само придонесите, иако се темели на  закон, сепак, може да се оцени како притисок. Од друга страна, зголемување на плати навистина имало во последните пет години и спин е кога од СОНК кажуваат дека биле трпеливи и чекале 6 години, зашто тоа зголемување во меѓувреме и самите им го рапортирале на членството на Конгрес на СОНК, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Анализирајќи клучни изјави околу штрајкот во дел од образованието, кој трае веќе цели две недели, може да се дојде до заклучок дека постојат два спина од двата клучни актери – Влада на РСМ која во случајов е работодавачот и лидерството на СОНК, кој во случајов е штрајкувач, т.е. го организираше генералниот штрајк во претшколското, основното и средното образование. Со своја одлука од 30 март 2022 година.

Најпрво ќе го анализираме ставот на Владата искажан преку последните изјави на премиерот Димитар Ковачевски и надлежната министерка Јована Тренчевска, дека исплаќањето на плати се врши согласно законот и колективните договори:

Спин: Според мене (Јаким Неделковски – н.з.), ги доведе и во заблуда наставниците бидејќи и вчера ја гледав прес-конференцијата на СОНК, каде што претседателот ги образложува членовите од Колективниот договор и од Законот за исплаќање плата за време на штрајк, меѓутоа не беше искрен до крај. Не ги кажа точните членови и не ги кажа до крај сите членови во однос на тие законски решенија, а тоа треба да го направи. (Ковачевски)

Спин: Не се работи за притисок, ниту за каква било уцена, туку за почитување на законите и Колективниот договор според кои на вработените во образованието и детските градинки кои штрајкуваат државата ќе им исплати само придонеси. (Тренчевска)

[Извори: 360 Степени/Ковачевски и МКД.мк/ Тренчевска – Датум: 21.04 и 20.04. 2022]

Контраспин: Изјавата на премиерот  и  на министерката се однесува на тврдењето на Јаким Неделков, претседателот на СОНК, дека со тоа што постојано од владата во последните неколку дена истакнуваат дека ќе бидат исплатени само придонесите за плата, а не и дневниците за време на учество во штрајкот, Владата прави притисок врз Синдикатот.

Ако се анализира дури и само оваа линкувана изјава на Неделков, без да се линкуваат тука законите и колективните договори, де факто и тој самиот признава дека Владата и Министерството имаат законско право да не ги исплатат дневниците, туку само придонесите за плата на учесниците во штрајкот, негуватели, воспитувачи и наставници во основно и средно, како и администрацијата во градинките и училиштата.

Дополнително, во право е Ковачевски кога вели дека штрајкот се води за унапредување на правата на вработените, зашто за кршење на правата, во кој случај треба да им се исплати целосна плата на вработените за време на штрајк, како што налагаат законот и колективните договори, може да се зборува по истекот на 6 месеци од стапувањето во сила на законот за минимална плата, рок кој е наведен во Законот за минимална плата и во членот од тој закон за усогласување на платите.

Но, спинот не е во тоа дали нивните изјави (на Ковачевски и Тренчевска) за исплаќање само на придонесите се законски или не. Таквите изјави де факто може да се оценат како притисок и прашањето не е во легалитетот, туку во праксата на коректен социјален дијалог меѓу работодавачите и синдикатите. Впрочем, Неделков потсетува на некои минати години кога од СОНК протестирале или штрајкувале, но според добрата пракса, во дијалогот за завршувањето на штрајкот работодавачот (владата и министерствата) не ја употребиле законската можност за исплата само на надоместоците, туку им ги исплаќале на штрајкувачите целосните плати, откако се договориле за надомест на пропуштеното за време на штрајкот.

И затоа, со постојаното повторување дека не станува збор за притисок со изјавите за исплаќање само на придонесите, властите, де факто, спинуваат. Употребата на легалните средства за што поскоро завршување на штрајк, во случајот законска исплата само на придонесите, не значи по дифолт дека властите во целост го почитуваат уставното и законското право за штрајк во државата, туку може да се каже дека вршат притисок, со цел да ги исполнат своите црвени линии во преговорите. А тие се зголемување од 10 отсто или во просек по 2500 денари по вработен во областа, по ребалансот на буџетот и штрајкот што побрзо да прекине.

 

Платите сепак растеле – СОНК самиот тоа го признал пред сопственото членство

Лидерот на СОНК Јаким Неделков изјави повеќе пати дека не било вистина дека СОНК можел да почека или да преговара во период од 6 месеци за усогласување и на другите плати во областа, што е законски рок по зголемување на минималната плата. Главниот аргумент беше дека СОНК тоа го побарал повеќе пати во изминатите 6 години, но никој не ги слушал и платите не мрднале, т.е. останале исти.

Спин: Владата не нѐ послуша кога зборувавме за наглото зголемување на минималецот, а кога веќе е покачен минималецот треба да се покачат и нашите плати оти ние чекаме шест години. Чашата ја прелеа тоа што со зголемувањето на минималната плата сега имаме некои работни места со различна сложеност кои имаат иста плата. Не е проблемот нашата нетрпеливост.

[Извор: МКД.мк – Изјава на Неделков20.04.2022]

Контраспин: Лидерот на СОНК спинува, зашто за овие години што ги споменува, сепак има покачување на платите

Владата и премиерот вчера соопштија дека го почитуваат социјалниот дијалог и дека зголемување на плати имало и во претходните години:

Претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21 %. Со ова зголемување платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874. На воспитувачите пак во градинките платата им е зголемена за околу 6.400  денари плус минат труд, додека на негователите за околу 5.000 денари. (Влада на РСМ)

„Вистиномер“ направи блиц проверка дали ова тврдење е вистинито. Го земавме Ребалансот на Буџетот за 2018 година и Буџетот за 2022 година. Притоа, во делот на расходи ги погледнавме само исплатите на плати во основно и средно образование. Во 2018 година за исплата на плати во основно и средно образование заедно биле исплатени нешто на 500 милиони денари, додека во буџетот за 2022 година за таа намена се предвидени близу 600 милиони денари или за 100 милиони повеќе. Доколку се претвори оваа сума во евра, произлегува дека во 2018 година само за плати во основно и средно образование биле исплатени околу 8,27 милиони евра, а во 2022 се предвидени околу 9.8 милиони евра или за повеќе од 1, 5 милиони евра. На ова треба да се има предвид дека тука не ги земавме предвид и најавените зголемени плати со ребалансот на буџетот, ниту платите во градинките, кои поради блиц проверката не ги ставивме во пресметките.

Очигледно е дека зголемување на платите имало и досега, а тоа го потврдува и самиот Неделков во Извештај за работатата на СОНК од 2015-2021 година, каде што го споменува првиот и сите други протести и предупредувачки штрајкови од 2018 и 2019 година, по што признава дека се постигнати значајни напредоци и зголемување на платите кај вработените во градинките и сите степени на образование. Што е уште позначајно за валидноста на документот, Советот на СОНК ова го рапортирал лани во октомври на Конгрес на СОНК:

Сите овие јавни протести на СОНК резултираа со соодветни резултати, за коишто можеме слободно да се пофалиме. И тоа:

– потпишување на Колективен договор за детска заштита; – потпишување на Колективен договор за култура;

-потпишување на Колективен договор за високо образование и наука и – солидно зголемување на платите во детските градинки, основното и средно образование, културата и конечно од септември 2021 год и во високото образование и науката. (Извештај за работата на СОНК)

Оттука, Неделков спинува кога вели дека чекале 6 години па не можеле да почекаат 6 месеци за законското усогласување и дека досега немало зголемување на платите во областа. Можеби не биле во целост усогласени со последната минимална плата, пред оваа од 2022 година, но зголемување имало, при минимално зголемување на бројот на вработени во областа во периодот од пет години. А покрај тоа и од самиот документ на СОНК се гледа дека имале и протести, но и дијалог со Владата, МТСП и МОН, по што дошло до напредок и кај колективните договори и кај платите. Затоа, тој дел од изјавата на Неделков ја оценуваме како спин.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...