fbpx

Контраспин: „Храбрејќи ги колегите“, Чулев МВР го претвора во „МВРО-ВМРО“

-

Доколку инспектори од МВР, „охрабрени“ од Чулев, започнат со повикување или приведување во текот на избoрната кампања сами, без ОЈО, на политичари од главните партии, тоа ќе значи директно вмешување на МВР во изборниот процес, по теркот на „МВР-ВМРО“ од времето на владеењето на Никола Груевски. Тоа ќе доведе и до подeлба на вработените, на што предупреди и полицискиот синдикат, пишува Вистиномер во својот нов контраспин:

Во текот на изминатите денови, давајќи изјава како реакција, пак, на друга изјава дадена од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, искажа извртена вистина, т.е спин:

Спин: Во денешната изјава лидерот на СДСМ јавно ме повика да ги поканиме на разговор и други лица кои се споменуваат во бомбите и уште веднаш ги охрабрувам моите колеги во најкраток можен рок да го направат тоа, но не само оние кои ги спомена тој, туку сите политичари кои изминатиот период беа поврзани, споменувани или во иднина ќе бидат поврзани со некоја од бомбите кои се објавуваат во јавноста, вклучувајќи го и самиот Зоран Заев.

Правда за граѓаните мора да има и секој треба да одговара за криминалот кој го направил, особено доколку со тоа го оштетил буџетот на државата. Можеби во техничката влада правдата е поспора, но ги убедувам граѓаните дека после 15-ти јули конечно институциите ќе почнат да функционираат во целост и Министерството за внатрешни работи ќе отпочне засилена борба против криминалот и корупцијата.

[Извор: Макфакс – Чулев до Заев: Ги охрабрувам…, датум: 27.06.2020]

 

 

Контраспин: Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, искажува спин, т.е. извртена вистина, одговарајќи му на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а во врска со информативниот разговор со Ден Дончев, екс-директор на Фондот за здравствено осигурување на два пати – кога ги „охрабрува колегите“ и со оценката дека „правдата во техничката влада била поспора“, ама по 15 јуни се „ќе процветало“ во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

 

ЗА ЧУЛЕВ, НАМЕСТО ИЗБОРИТЕ, ПРИОРИТЕТ ПРЕДИЗБОРНАТА КАМПАЊА

Наќе Чулев, прво е министер во техничка влада, номиниран од ВМРО-ДПМНЕ, со задолжение да обезбеди сè, од аспект на надлежностите на МВР, предизборниот и изборниот процес да поминат фер и мирно. Чулев оваа улога најави дека ќе ја прекршува уште пред Нова година во интервју за РСЕ, кога најави дека имале информации за органзиран криминал во кој биле инволвирани функционери од власта и од МВР, па потоа неодамна, кога најави дека како МВР јавно ќе обелоденувале случаи за информации за сомневања за сторен криминал од високи функционери.

„Вистиномер“ уште тогаш го деспинуваше овој спин на Чулев, а главниот аргумент во текстот беше дека предистражната и истражната постапка се тајни според законот.

Но, Чулев продолжи набрзо после тоа, објавувајќи дека МВР поднело кривична пријава за поранешниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, за рекетирање при тендер во полза на фирма блиска на СДСМ. Чулев продолжува и со објавување информација неодамна на Канал 5 ТВ, дека ние како МВР располагаме со оперативни информации дека одредени криминални структури ќе бидат искористени за вршење поткуп и притисок да се гласа, меѓутоа работиме на терен, што може да е исто така еден вид спин.

Зашто ако МВР располага со такви информации не се објавува тоа во јавност, туку се следи и се спречува на време со приведување и поднесување кривична пријава со докази. Во спротивно, можно е само да упатува на шпекулации, кои истиот ден може да бидат искористени од некоја од политичките партии, како, на пример, Александар Николоски во предизборен говор во Могила, кој веќе утредента по изјавата на Чулев, прво го посочи Заев, а потоа додаде дека мисли и на кој било член на која било партија: Јас доаѓам со раширени раце и програма, тој (Заев-н.з.) се крие од луѓето и нуди поткуп, јас одам со надеж, тој оди со уцени, поткупувачите и уценувачите ќе завршат директно во затвор, затоа што тоа е кривично дело според Кривичниот законик.

 

„ОХРАБРУВАЊЕТО НА КОЛЕГИТЕ“ е опасна работа за МВР

Ова потсетување е во насока јавноста да процени дека станува збор за континуитет од спинови и полиитчко наместо техничко дејствување на Чулев. Така е и со последниот случај, поттикнат од повикувањето на информативен разговор на Дончев („по јавен повик на Основното обвинителство“, како што вели Чулев). Заев потоа го повика да постапи на еднаков начин и со лицата од разговорите објавени во истовреме, за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кои се слушаат детали за наводно финансирање на партијата од страна на Орце Камчев и наводни опструкции на законот за ЈО, со цел да се дорастури СЈО и да пропадне случајот „Империја“.

На овој повик Чулев „ги охрабрува своите колеги“ во најкраток можен рок да го сторат тоа, но не само за Мицкоски, Камчев, Кичеец, туку за „сите политичари кои изминатиот период беа поврзани, споменувани или во иднина ќе бидат поврзани со некоја од бомбите кои се објавуваат во јавноста, вклучувајќи го и самиот Зоран Заев.

Оваа изјава на Чулев е извртување на вистината и спин и таа е пласирана, исто така, во предизборни цели во полза на ВМРО-ДПМНЕ. Спин е, зашто задачата на министерот во техничка влада не е „да ги охрбарува неговите колеги“ да ги приведуваат на информативни разговори политичарите во текот на изборната кампања. Според законите за МВР и за Полиција, на инспекторите не им треба охрабрување, туку тоа е дел од нивната задача. Ако се сомневаат во можен криминал врз основа на аудио-видео записи, да започнат со собирање докази, па врз основа на тие докази или индиции да го известат Јавното обвинителство кое би наредило предистрага, па истрага, итн.

Доколку инспектори од МВР, „охрабрени“ од Чулев започнат со повикување или приведување на политичари од главните партии во текот на избрната кампања сами, без ОЈО, тоа ќе значи директно вмешување на МВР во изборниот процес, по теркот на „МВРО-ВМРО“ од времето на владеењето на Никола Груевски. Патем, предизборната кампања на Чулев се гледа и во втората реченица, дека правдата во техничката влада била спора, „но ги убедувам граѓаните дека после 15-ти јули конечно институциите ќе почнат да функционираат во целост и Министерството за внатрешни работи ќе отпочне засилена борба против криминалот и корупцијата“.

Целосно непримерно за технички министер, чија задача е обезбедување услови за мирни, фер и демократски избори, која покрај тоа е спин, зашто техничката влада нема задача да обезбедува брза правда, туку услови за легални и легитимни избори.

 

ПОДЕЛБА НА МВР НА „НАШИ“ и „ВАШИ“

Освен сето наведено, Наќе Чулев со ваквите постапки на „храбрење на колегите“, ги дели или жигосува вработените во МВР на „наши“ и „ваши“, со што може да ја заслабне безбедносната функција на МВР и на полицијата не само за изборите, туку и за сите други надлежности што им припаѓаат по закон. Колку е сериозна таквата ситуација покажува и реакцијата на Македонскиот полициски синдикат, кој упати апел до политичкките парти да не прават притисоци врз членството, а до вработените да се држат до законите околу спроведување на изборите:

Доследно треба да ги извршуваме нашите работи и работни задачи согласно законската регулатива со која се уредува спроведувањето на изборниот процес. Да не се ставаме во функција на политичките партии заради вршење изборни нерегуларности, да не го нарушуваме угледот на институцијата во која работиме и да се воздржиме од какви било провокации на активисти на политичките партии.

Поради погоре изнесените аргументи, може да се оцени дека изјавите на Наќе Чулев за храбрењето на колегите“ да ги повикуваат на информативни разговори политичарите, кои ќе се појават во некоја аудио-видео снимка, како и за спората правда во времето на техничката влада – се спинови.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...