fbpx

Контраспин: Градоначалникот Димитриевски нема „нулта одговорност“ за иселувањето на младите кумановци

-

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, не може да ги обвинува политичките елити и несредениот систем за миграцијата на населението, изземајќи се себеси од одговорност, иако со години наназад е дел од тие политички кругови и од власта. Впрочем и негова обврска како градоначалник, без разлика дали е партиски или независен кандидат, е да создаде услови за вработување на професионални и квалитетни кадри со цел да „се запалат повторно згаснатите светилки во кумановските празни домови“, пишува „Вистиномер“ во својот „Контраспин“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, во своето гостување во емисијата „Економски магазин“ на ТВ Алсат-М изнесе свое видување за миграцијата на населението во нашата држава во што препознаваме извртување на вистината, односно спин.

Спин: Јас живеам во дел на Куманово како мултиетничка средина, во дел на градот каде што живеат Македонци, Албанци, Срби, Турци, па има и неколку ромски куќи, каде ќе поминам по улица навечер 50 отсто од светлата веќе со години, 7,8 години не светат во дворовите. Тоа значи дека нашите сограѓани не се тука, не се физички присутни и сите се претежно заминати во странство.

Не заминуваат луѓето во странство само поради социо-економската состојба. Првенствено, заминуваат поради тоа што не сакаат да живеат во несреден систем. Не сакаат да гледаат како повеќе од 20 години си заминуваат едни, доаѓаат други, без разлика која политичка елита или власт да владее си го префрла топчето од една на друга страна. Паралелно со тоа, имаат еден континуиран партнер од албанскиот блок кој учествува во секоја власт и никогаш ништо не му фали, ниту во еден момент и граѓаните тоа го гледаат.

Едноставно сфаќаат дека политичката елита која што владее манипулира со нив, а нема намера да ја среди државата во целост. Оваа држава можеше да се среди многу поодамна. Проблемот е што ние имаме во светот многу посиромашни држави од Македонија, но луѓето не емигрираат толку. Тоа ви е едноставниот доказ. Во Македонија сите немаат еднакви права и можности, првенствено за да бидете вработени треба да бидете член на политичка партија.

[Извор: ТВ Алсат-М, емисија „Економски магазин“, Датум : 16.02.2022]

Контраспин: Градоначалникот Димитриевски свесно се иззема себеси од системот на власта и политичите елити, отфрлајќи каква било одговорност за актуелните состојби во општината и државата, иако долги години е носител на јавни и на партиски функции. Самиот тој, во својата биографија наведува дека од млади години, поточно од 1995 година е партиски активист и социјалдемократ по идеологија. Во 2008 година станува советник, а од 2012-2016 година и претседател на Советот на општина Куманово. Политичката кариера ја продолжува како пратеник во Собранието, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност и член на повеќе други комисии, а од октомври 2017 година е градоначалник на Општина Куманово. Во првиот мандат како кандидат на СДСМ, а од октомври 2021 година како независен кандидат, поддржан од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“.

Тоа значи дека Димитриевски долги години е директно или индиректно инволвиран во носењето на политиките во државата, а последните пет години како градоначалник има и најголема одговорност за функционирањето на локалната самоуправа и одлуките на локално ниво. Затоа, тој не може да се „амнестира“ себе од политичките одлуки и да се стави надвор од кругот на политичките елити. Тоа што само неколку месеци не е дел од матичната партија, откако стана јасно дека неговата градоначалничка кадидатура за втор мандат нема да биде поддржана од централата на СДСМ од каде подоцна и беше исклучен, не му дава легитимитет да ги обвинува другите, без да преземе дел од вината на себе за неуспешните политики за кои зборува. Во поглед на делот во кој вели дека 50 отсто од светилките во кумановските домови во неговата населба се изгаснати во последните 7-8 години, вредно е да се напомене дека тој веќе 5-та година е прв човек на општината, чија должност е да создаде услови за да го спречи иселувањето на неговите жители.

Ставот на Димитриевски дека сме им дале можност на младите за образование, но „не им дадовме можност потоа кога ќе дојде моментот да се цени кој е по квалитет да се прими, туку партиската припадност е битна“, е уште еден негов став во кој се гледа спинување. И претседателот на државата Стево Пендаровски изјави дека македонските граѓани се иселуваат поради претерана партизација на државата, но не ја отфрла, туку напротив, ја прифаќа сопствената одговорност за тоа, потенцирајќи дека сите политичари ја имаме вината за иселувањето, треба да му се извиниме на македонскиот народ за лошите политики во овој дел“.  Затоа, и Димитриевски не може да ги обвинува само останатите, а себе да се смета за исклучок од тој процес.

Статистиката не е проста математика

Манипулирање со вистината е и неговата изјава дека од Македонија се иселуваат многу повеќе граѓани во однос на многу посиромашни земји. Статистиката не е проста математика за да се земат податоците здраво за готово. Предвид мора да се имаат различните методолошки пристапи и демографски параметри, дефинирање на миграцијата, емигрантите и имигрантите, дали иселениците имаат регулиран престој, каков е нивниот статус, дали е пријавено нивното заминување, дали работат на црно, престојуваат ли како туристи, дали се во странство заради студирање, од здравствени причини итн. Според податоците на Светска Банка над 500.000 граѓани досега се иселиле од државата, додека статистиката на World Population Review покажува 693.896 емигранти и 13.311 имигранти, што е 6,30 отсто од вкупното население во државата. Државниот завод за статистика, пак, објавува дека во 2020 година од државата се иселиле 937 македонски граѓани, а од нив 17 биле од Куманово. Но, ова се само „голи бројки“, кои не ја даваат целосната слика.

И, не секогаш  иселувањето е условено исклучиво од сиромаштијата. Индија, на пример, го зазема првото место во светот по број на исленици (17,9 милиони), но веднаш зад неа се и светските развиени сили како Русија (10,8 милиони) и Кина (10,5 милиони), што укажува дека миграцијата не е само поради сиромаштијата, туку зависи и од државниот систем и социо-економскиот аспект, кои одат заедно, а не како што смета Димитриевски дека виновен е само несредениот систем.

Од друга страна,  мора да се има предвид и слободата на патување, безвизниот режим и пристапот до странски и развиени држави. Според рангирањето за 2022 година на The Henley Passport Index, Македоците без виза може да патуваат во 125 земји и се наоѓаат на 42 место од вкупно 111 рангирани земји. Тоа им отвора многу поголеми можности за патување и дозволи за престој во странство од, на пример, Авганистан кој се наоѓа на последното место и граѓаните без виза можат да влезат во само 26 земји или Пакистан (во 31 држави), Сомалиа (во 34 држави) и многу други сиромашни држави, па оттука и нивните жители имаат поголеми бариери за миграција, наспроти желбата за напуштање на земјата.

Ако земеме предвид дека Димитриевски бил партиски и јавен фунционер, а уште е и актуелен градоначалник на една од најголемите општини во државата, најмалку што може е да преземе одговорност, па ако треба и да признае пропусти во своето работење за иселувањето на сопствените граѓани, а не да пропагира и манипулира со политички фрази. СДСМ е на власт 30 години во Куманово, а тој до пред неколку месеци беше дел од оваа партија и ја водеше општината од таа позиција. Без разлика дали сè е уште дел или не од државната власт, тој ја има локалната власт, а успешноста на локалните политики се обврска на градоначалниците, кои не можат да се изземат од одговорност. За да се запалат повторно светилките во кумановските домови, локалната власт и Димитриевски треба да создадат услови за вработување на професионални и квалитетни кадри и намалување на сиромаштијата, наместо да се продолжува со партиски договори за распределба на функциите. Поради сето ова, неговото излагање го оценуваме како извртување на вистината, односно спин, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Со 78 гласа „за“, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите. Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање...