Контраспин: Ги назначува Владата, ама требало да ѝ се поклонат на партијата!

Фото: Мета.мк

Владата ја спинува вистината и сака да претстави дека заради мир во владината коалиција, нешто најнормално на свет е „позицијата директор на државниот Инспекторат за животна средина да е во политичка надлежност на партијата ДОМ“. Но, тоа воопшто не е нормално. Во конкретниот случај, излегува како ДОМ да има врвни ингеренции врз Инспекторатот, а не Владата. Тоа не е тoчно, ниту според уставните, ниту според законските рамки. Се разбира, доколку говориме за здраво, праведно и правично општество во кое треба да има „живот за сите“, токму онака како што ветуваше оваа власт пред пет години, пишува „Вистиномер“ во својот најнов Контраспин.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Повеќе медиуми вчера (04.08.2021) го пренесоа ставот на Владата за разрешувањето на  в.д. директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, во кое се препознава следниот спин:

Спин: Согласно меѓукоалицискиот договор во Владата, позицијата директор на државниот инспекторат за животна средина е во политичка надлежност на партијата ДОМ. Владината коалиција при изборот на кадровски решенија се води исклучиво од интересот на граѓаните, од потребата за целосна функционалност на Владата како организациска и како политичка целина, како и одржувањето на парламентарното мнозинство преку споделување на одговорноста меѓу сите партии од коалицијата.

[Извори: Телма, ДВ, Радио Слободна Европа; Фокус, А1ОН; датум: 04.08.2021]

Контраспин: Објаснувањето на Владата дека согласно меѓукоалицискиот договор, позицијата директор на државниот Инспекторат за животна средина е во политичка надлежност на партијата ДОМ, е спинерско и неприфатливо. Ваквиот став фактички говори дека наместо надлежноста врз државните институции да ја има Владата, таа е во рацете на политичката партија на чиј предлог, според внатрекоалициската поделба на власта, е именуван директорот. Односно, излегува дека партиите имаат надлежност да именуваат и разрешуваат функционери во одредена институција, што, всушност, е работа на Владата. Во конкретниот случај, се добива впечаток како Инспекторатот за животна средина да е во надлежност на ДОМ. Како ДОМ да има врвни ингеренции врз тој Инспекторат, а не Владата!

Овој пристап е неприфатлив. Со ваквиот став, освен што се извртува вистината, се креира сосема погрешна слика за тоа како треба да функционира системот во целина. Се создава перцепција дека луѓето кои на одредени позиции се назначени од Владата, треба да ѝ се поклонат на партијата! Што е опасно за здравјето на општеството.

Ова, секако, не е патот до професионална државна администрација во служба на граѓаните, за која толку многу се говори. Па, нели заложбите се за департизација на државните институции, воведување на европски стандарди во нивната работа и менување на старите навики.

И, токму за ваквиот начин на разрешување на Петровска, Миша Поповиќ од Институтот за демократија во изјава за „Телма“ коментира дека:

Поскандалозно во соопштението во одговорот на Владата што го испратила до медиумите, е тоа одредување во која надлежност е Инспекторатот, дека Инспекторатот за животна средина е во надлежност на одредена политичка партија, во случајот ДОМ. Мислам дека никаде во ни еден закон не е напишано дека некоја институција е во надлежност на некоја политичка партија. И оттука, без да го коментирам исходот, сметам дека не оди во прилог на заложбите за департизација.

 

Кому реферира директорката на ДИЖС – на Владата или на ДОМ?

Според Уставот, член 91 надлежност на Владата, меѓу другото, е да врши именувања и разрешувања на носители на јавни функции.

Со Законот за организација и работа на органите на државната управа (член 28) е дефинирано дека Државниот инспекторат за животна средина  (ДИЖС) е орган во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање, а тоа може да се види и на веб-страницата на Владата.

Во член 50 став 2 од овој Закон се прецизира дека:

(2) Директорот на органот во состав на министерството, лично е одговорен за својата работа и за работата на органот со кој раководи пред Владата и пред министерот

Вака е според законските прописи, арно ама реалноста за жал покажа дека во пракса е поинаку.

Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин во изјава за дел од медиумите вели дека побарала разрешување на директорката на Инспекторатот за животна средина, бидејќи имало поплаки од граѓаните и негативни реакции од вработени во Инспекторатот. Според претседателката на ДОМ, Инспекторатот нема решено големи случаи поврзани со загадување и има мал број на казни.

 

Еколошките организации со поддршка за Петровска

Наспроти критиките од Морачанин во јавноста, посебно на социјалните мрежи, имаше бројни реакции со поддршка за Петровска.

Од организацијата за заштита на животната средина „О2 Иницијатива“ сметаат дека нема легитимна причина за нејзината смена:

Не може да менувате луѓе поради уцени на пратеници кои имаат внатрепартиски проблеми, ако тоа е навистина причината! Кога во оваа земја ќе дозволите стручни луѓе да си ја вршат работата со интегритет и професионално!?

Од струмичката организација „Здрава котлина“, пак, го потсетуваат премиерот Зоран Заев каков капацитет, интегритет и углед има Петровска, но и колку значаен е нејзиниот придонес во успехот на Владата.

Не си пукајте во нозете пред избори, заради хир на коалиционен партнер и позадинско лоби на еколошки загадувачи. Византиските игри не смеат да бидат на штета на граѓаните и ваква смена ќе биде директно на штета на сите нас. Јавноста одлично гледа, разбира и ќе реагира соодветно. Како ќе им објасните на Европските Зелени дека го сменивте најуспешниот службеник што ја имаше поддршката на целата јавност?Ако се дрзнете да ја смените Ана Петровска заради некакви внатрепартиски глупости да знаете дека целосно ќе ја изгубите довербата од зелената јавност и организации. Размислете добро што правите и не навлекувајте дополнителен револт од граѓаните. Дозволете и поддржете ја Ана Петровска да си ја заврши работата што одлично ја прави за сите нас, пишуваат од „Здрава котлина“.

 

Што вели Петровска?

Таа не е изненадена од владината одлука за нејзиното разрешување.

Имав одредени сознанија, но сакав да почекам додека одлуката стане официјална. Се заблагодарувам на Владата за довербата што ми беше укажана оваа нецела година. Имаше доста предизвици, ова беше за мене големо учење, некои проблеми ги решивме, некои останаа да се решат. Јас останувам во секторот, продолжувам да работам на подобрување на животната средина и да придонесувам колку што можам за јавниот интерес, изјави Петровска за „Мета“.

Таа, како кадар на ДОМ, дојде на оваа функција пред десет месеци – во октомври минатата година, од Министерството за животна средина, каде што од 2018 година беше државен секретар. Нејзиното разрешување доаѓа по несогласувањата со претседателката на ДОМ, Морачанин, откако со поранешниот пратеник Мирослав Богдановски побара вонреден конгрес.

Петровска вчера најави дека се враќа на своето работно место во Министерството за животна средина како помошник раководител на Секторот за отпад. На нејзино место, Владата на својата 94-та седница (04.08.2021) за в. д. директор на Инспекторатот го именува Сретен Стојковски од ДОМ.

Па, иако Владата ја спинува вистината и сака да претстави дека заради мир во владината коалиција, нешто најнормално на свет е „позицијата директор на државниот инспекторат за животна средина да е во политичка надлежност на партијата ДОМ“, тоа воопшто не е нормално. Тоа не е така ниту според уставните и законските рамки, ниту пак, е исправна перцепција. Се разбира, доколку говориме за здраво, праведно и правично општество во кое треба да има „живот за сите“, токму онака како што ветуваше оваа власт пред пет години, пишува „Вистиномер“ во својот најнов Контраспин.