fbpx

Контраспин: Два спин наратива околу европското знаменце на законите за Договорот со Бехтел и Енка

Првиот е дека е нужно усвојувањето на предложените законски измени за да се изграделе пократко за две години, т.е побрзо и поевтино за 150 милиони евра и тој го форсираат СДСМ и ДУИ. Вториот е дека договорот е криминален, со вградена корупција и незаконски, додека со европското знаменце се загрозува евроинтеграцијата на РСМ и овој наратив доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ и други опозициски партии. И во двата наратива има елементи на спин, пишува „Вистиномер“.

-

Два наратива се градат во моментов околу измените на законските решенија поврзани со договорот со Бехтел и Енка за изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10-д. Првиот е дека е нужно усвојувањето на предложените законски измени за да се изграделе пократко за две години, т.е побрзо и поевтино за 150 милиони евра и тој го форсираат СДСМ и ДУИ. Вториот е дека договорот е криминален, со вградена корупција и незаконски, додека со европското знаменце се загрозува евроинтеграцијата на РСМ и овој наратив доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ и други опозициски партии. И во двата наратива има елементи на спин, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Пишува: Теофил Блажевски

Двете најголеми партии во државата на власт и во опозиција изградија два спинувани наратива за предложените измени на неколку закони поврзани со договорот со Бехтел и Енка за изградба на автопати во државата. Во мини анализа може да прочитате каде сè може да се детектираат спиновите:

Спин: Предлог измените и дополнувањата законите што влегоа во собраниска процедура имаат за цел унапредување на ефикасноста во изградбата на патната, железничката и енергетската инфраструктура во државата. Коридорите 8 и 10 Д се од национален интерес со што нашата држава конечно ќе стане вистинска балканска крстосница.

Со измените на предвидените закони, се обезбедува побрза, поевтина и квалитетна изградба не само на коридорите, туку и за сите идни национални и стратешки инфраструктурни проекти, меѓу кои спаѓаат и проекти финансирани од ЕУ, од меѓународни финансиски институции.

Сите предложени законски измени се во согласност со Уставот и со нивното донесување ќе се заштедат 150 милиони евра и две години изградба за коридорите 8 и 10Д.

[Извор: 24 Инфо.мкСоопштение на СДСМ; Датум – 11.05.2023]

Контраспин: Владејачката партија, СДСМ, но и ДУИ (бидејќи го говорат истото), не грешат воопшто кога кажуваат дека „коридорите 8 и 10 – д се од национален интерес, со што нашата држава конечно ќе стане вистинска балканска крстосница“. Но, тврдењето дека со предвидените измени се обезбедува поевтина и квалитетна изградба не само за овој договор, туку и за сите идни национални и стратешки инфраструктурни проекти, меѓу кои ќе биле и оние финансирани од ЕУ и меѓународни институции, е извртување на вистината, т.е. спин.

Спин е затоа што можеби со вакви изменети закони ќе се дојде до заштеда на време (со измени на Законот за работни односи и на оној за експропријација), но, дека ќе се добиело на квалитет, е крајно паушално тврдење. Квалитетот произлегува од квалитетот што го нуди самата компанија или конзорциум како составен дел од сопствено реноме, но и од гаранцијата што се спремни да ја дадат – банкарската и гарантниот рок за изграденото (член 41 од Законот за градење од 2018 г.), како и од надзорот за време на градењето. Бехтел и Енка се голем конзорциум, релативно брзо градат, но квалитетот е толку специфична работа за којашто ќе може да се проценува дури откако ќе започне и кога ќе заврши изградбата.

А она што може да се слушне неофицијално дека даваат само една година гаранција на изграденото, односно да се отстрануваат недостатоците, ако е точно, не ветува многу. Исто како што не ветуваат ниту сите сомнежи кои медиумите ги истражија и ги објавија околу надзорот. Инаку, колку е важно ова прашање регулирано со подзаконски акти, може да се види од историјатот на дел од изградениот автопат „Милош Велики“ во Србија, каде со подзаконскиот акт е предвидена минимална гаранција од три години (член 26 од Правилникот). Во подзаконските акти кај нас не можевме да најдеме гарантен рок за државните патишта од прва категорија, освен што е предвидено тој да го определува Агенцијата за патишта ако има договор со странски инвеститор (види член 6 и 7 од Правилникот).

Исто така, паушално е тврдењето дека ако се усвојат законите со тоа ќе се помогнело за сите идни други инфраструктурни проекти од национално значење, меѓу кои и оние финансирани од ЕУ. Секој проект е приказна за себе и за секој одделен проект можеби ќе треба измена на некој друг закон.

Конечно, самото тврдење дека предложените измени се во согласност со Уставот е извртување на вистината. Пред сè, затоа што ако така мисли Владата или оние пратеници кои предложија дел од измените, тоа не мора да е вистина, туку таа ќе се утврди дури откако ќе се произнесе Уставниот суд. Според досегашните анализи на експертите, посебен предизвик се измените на ЗРО за работното време и за експропријација. А дури и за самата постапка, прво потпишување договор, а потоа измени на закони за да се усогласат законите со договорот, за дел од партиите (опозициските) и за некои пратеници и експерти е рушење на правниот систем и е противуставна процедура. (Види го на пример ставот на професорката Мирјана Најчевска тука и тука).

И последно, ако се усвојат законите ќе се заштеделе 150 милиони евра. И во ова тврдење има доза на спин. Прво, никој не знае колку ќе се заштеди бидејќи Договорот и натаму е „забрането овошје“ и Владата одбива да го објави во целост или барем овие ставки околу цената. Во крајна линија, Договорот очигледно има „рамковна цена“ и тоа го признаа и вицепремиерот Артан Груби и министерот Фатмир Бесими на прес-конференцијата во петокот на 05.05.2023 година, повторувајќи дека вредностите во Договорот се внесени според пресметки во физибилити студија колку би требало да чини километар. Но, често, според онаа народната „сметката дома и на пазар не е иста“, така е и со инфраструктурни проекти, особено со Договор за кој јавноста не знае каков е, освен што е контрадикторен според официјалните изјави. Впрочем, огромна лекција за сите граѓани, но и за сите власти, треба  да биде судбината и реализацијата на договорот со Синохидро за автопатот Кичево – Охрид , како што анализираше неодамна „Вистиномер“и цената која кога е склучен требаше да биде нешто 370 милиони евра, а според анексите достигна речиси 600 милиони!

 

Криминалот не може да се проценува според мирис, а евроинтеграцијата нема да зависи од еден случај

Вториот спинуван наратив доаѓа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тој наратив најдобро го отсликува актуелното соопштение

Спин: Ковачевски, Груби и Маричиќ ја загрозуваат ЕУ интеграцијата на Македонија, и евроамбасадорот потврди дека го злоупотребуваат европското знаменце.

Системот на европско знаменце се користи кога ја усогласувате вашата легислатива со легислативата и стандардите на ЕУ. Нè загрижува означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ, кажа евроамбасадорот Гир во изјава за медиумите.

Ковачевски, Груби и Маричиќ свесно го злоупотребуваат европското знаменце за да прават криминал и гласаат закони кои се и противуставни.

[Извор: Сител – Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ: Датум –  11.05.2023]

Контраспин: Вистина е дека е загрижувачка употребата на европско знаменце на законските измени или на нови закони во Собранието, исто како што е вистина дека таа техникалија е смислена за да се употребува само за усогласување на домашното законодавство со европското. Исто како што е вистина дека за предложениве закони од Влада со европско знаменце реагираше уште истиот ден и Канцеларијата на ЕУ Делегацијата во Скопје, а подоцна и самиот евроамбасадор Дејвид Гир.

И исто така е вистина дека Владата и владејачките партии СДСМ и ДУИ да не беше таквата промптна реакција на ЕУ и натаму ќе ја пласираа (дез)информацијата изговорена од Груби, дека потребата за ЕУ знаеменце била и од причини што ЕУ го додала и Коридорот 8 во коридори многу значајни за ЕУ, бидејќи тој факт опстојуваше долго и пред Договорот со Бехтел и Енка, а тоа беше така и кога првпат беа предложени вакви законски измени. Впрочем и заменик премиерот, Бојан Маричиќ, само ден подоцна призна дека основната причина за европското знаменце е политичка, т.е блокадата на предложените законски измени, пред сè, од Левица, а потоа и од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, да се тврди дека со европското знаменце на овие пет законски измени е загрозена евроинтеграцијата, е претерување, извртена вистина и спин. Впрочем, спинот е со идентична тежина со оној на власта кога тврди дека евроинтеграцијата е загрозена ако опозицијата не се согласи да ги вметне Бугарите во Уставот веднаш. Ништо не се случува веднаш и ниедна последица не мерлива од една причинско-последична постапка. Евроинтеграцијата на земјата и во двата случаи на спин може само да биде забавена, а не загрозена. Забелешките во годишните или периодичните извештаи на ЕК за напредокот на Македонија повеќе години наназад, вклучувајќи го и времето на Владите на Никола Груевски после 2012 година, постојано имаат забелешки во делот за Собранието за брзите процедури по кои се носат измените, за неквалитетните предлози без проценка на влијание на регулативата или за злоупотребата на скратената, итната и постапката со европско знаменце. Така беше и во последниот извештај за РСМ, така што сосема сигурно е дека тврдењето дека европското знаменце за овие пет закони ќе ја загрози евроинтеграцијата е спин.

Исто како што тврдење со доза на спин е и дека Ковачевски, Груби и Маричиќ свесно ја злоупотребуваат процедурата за да прават криминал и гласаат закони кои се и противуставни.

Криминалот е пречесто употребуван квалификатив не само од ВМРО-ДПМНЕ, туку од сите политички парти. Но, исто како што „не е злато се што сјае“, не е криминал и се што мириса на криминал или корупција. Тој треба прво да се докаже, а тоа започнува од политичката волја и од способноста на институциите задолжени да го гонат и да го процесуираат. Затоа и во ова тврдење има извесна доза на спин.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Синдикатот на Пошта бара нова систематизација, најавува протести и штрајк

Синдикатот на Македонска пошта најави дека во соработка со вработените и со ангажирање на експерти ќе подготви нова систематизација што ќе ја достави до новата влада со барање истата...