fbpx

Контраспин: Дури ни Груевски не си дозволи пи-ар „рекреaција“ во канцеларија како Груби

И тој се жалеше дека работи 24/7 – 365 дена, дека повеќе од 12 часа минува со своите премиерски обврски, но кога сакаше да прави пи-ар или се „рекреираше“ со велосипед покрај кеј, каде што камерите „случајно го уловиле на дело“, или, пак, шутираше и даваше голови во мал фудбал во спортска сала , пишува „Вистиномер“.

-

Груби може да се запраша зошто дури ни „мајсторот“ за пи-ар, каков што беше премиерот Никола Груевски, никогаш не си дозволил да прави реклама од своето работење во канцеларија. И тој се жалеше дека работи 24/7 – 365 дена, дека повеќе од 12 часа минува со своите премиерски обврски, но кога сакаше да прави пи-ар или се „рекреираше“ со велосипед покрај кеј, каде што камерите „случајно го уловиле на дело“, или, пак, шутираше и даваше голови во мал фудбал во спортска сала , пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Вицепремиерот Артан Груби, гостувајќи на ТВ интервју коментираше негови објави на официјалниот ФБ профил, при што изрече спин:

Спин: Пораката од играњето беше дека сме одличен тим, многу сложни заедно, дека сме млади и полетни, желни за резултати и дека само што почнавме со работа…

Не гледам ништо неморално и неетички, едноставно шутираваме, си игравме малку фудбал, пет минути, и баскет. Зошто да не играме внатре? На мало голче игравме фудбал, во тоа не гледаме ништо спорно“…„Сме станале општество на хистерични реакции за сè и сешто“

[Извор: 360 Степени и 24 Анализа – Груби/интервју (од 2-9 минута); датум: 07.03.2023]

Контраспин: Првиот потпретседател на Владата на РСМ, Артан Груби не гледа зошто јавноста и општата и упатената, неговата пи-ар рекреација во канцеларија со игри со топка ги доживува непримерни и скандалозни, па преку спин кажува дека нема ништо спорно, ниту неморално и неетички што малку шутирале, a целото општество го карактеризира како „хистерично“.

Постојат повеќе елементи преку кои би можело да се полемизира со проценките на Груби за тоа што е морално и етички кога си еден од врвните политичари во извршната власт, но темата не е оценување на етиката и моралот, туку на спинот дека „нема ништо спорно“ и дека „сме станале „општество на хистерични реакции за се и сешто“.

Запрашан во студиото уште еднаш и уште еднаш „и не гледате ништо спорно“, Груби повторува не! На прашањето зошто некаде надвор, во парк не го правеле тоа, Груби логицира – „зошто надвор во парк, па ние игравме на мали голчиња а не на големи“.

Спинот на Груби е во основната премиса – канцеларијата, па и онаква каква што ја има Груби, служи за работа, а не за рекреација. Спорното е во тоа што Груби „рекреирајќи“ се во канцеларијата, дури и не ја употребува за вистинска рекреација, туку за испраќање на пи-ар порака, која ако се погледне видеото што го емитуваше на својот ФБ официјален профил измонтирано со музика од ленгендарната нумера од Quin – „We will rock you“ и не ќе да е баш дека се „млади и полетни желни за резултати“, туку дека се „многу сложни заедно“. И оваа порака многу повеќе личи дека е упатена кон „Огнената група“, фракцијата во ДУИ која бара разрешување токму на Груби и на Османи, отколку кон севкупната јавност.

Османи Груби и другите министри од ДУИ во канцеларијата на Груби. Фото: скриншот

Спорното е и во тоа што Груби на овој начин врши и дискриминација, пред сè, на вработените во неговото министерство, а потоа и на сите други вработени во државата што работат во канцеларии, зашто на сите нив не им е дозволено да си играат фудбал на мали голчиња или да играат баскет, или да се рекреираат некако поинаку. И тие вработени имаат тешки и напорни денови, додуша можеби не толку колку Груби, бидејќи тој ден му бил преполн со состаноци – де информација за тоа до каде е работата со Бехтел и Енка, де да ја ислуша амбасадорката на Шведска, де другите многубројни точки од седницата на Владата…

Навистина, досега постоеле такви обиди за воведување на некои позитивни „порелаксирачки“ практики во државната управа и администрација во однос на вработените, но главно немале успех. Еден таков имаше  во Министерството за финансии, преку проектот „Ручај и учи“, кога министер  беше Зоран Ставревски. Но, не е во канцеларии, туку во посебна просторија и кога вработените користат пауза.

Наследниците во овој ресор, професорот Драган Тевдовски и Нина Ангеловска, кои, исто така, имале тешки и напорни денови, посебно кога се носеле буџетите, се рекреиарале преку за нив омилениот спорт – трчањето, што може да се види тука и тука, но, исто така, во слободно време и, се разбира, надвор од канцеларии.

Конечно, спорно е поради ефектот што пи-ар игранката на Груби ја остава кон јавноста. За тоа доволно е само да се погледнат коментарите под неговата објава на Фејсбук со видеото како Груби и другите министри се „рекреираат“. Еве само еден од коментарите:

Срамота. Несериозно, невкусно, неодговорно па дури и малоумно во сериозни и одговорни државни институции, било кој вака да се однесува. Ајде и во Собрание, во судовите, во операционите сали и слично да се прави вака. На што личи. Па во нивни приватни фирми да се, па не би го правеле ова (најмалку е битно дали се овие или други актери).

Со овој коментар најдобро се покажува зошто е спин тоа што го вели Груби дека нема ништо спорно, но се разбира и зошто е спин дека „сме станале општество на хистерични реакции за се и сешто“. Груби со тоа што не гледа ништо спорно, делува како да се одвоил од реалноста и дека не може да разбере дека јавноста е составена и од граѓаните од кои огромен дел мака мачат да ги усогласат потребите за нормално живеење и недоволните ниски примања и реагираат „хистерично“, ама не за сè и сешто, туку токму кога некој со такви пи-ар постапки буквално им „брца со прст во око“.

Груевски, „уловен случајно“ како се рекреираше на Кеј, зад Владата. Фото: скриншот

Впрочем, Груби може да се запраша зошто дури ни „мајсторот“ за пи-ар, каков што беше премиерот Никола Груевски, никогаш не си дозволил да прави реклама од своето работење во канцеларија. И тој се жалеше дека работи 24/7 – 365 дена, дека повеќе од 12 часа ги минува со своите премиерски обврски, но кога сакаше да прави пи-ар или се „рекреираше“ со велосипед покрај кеј, каде што камерите „случајно го уловиле на дело“ или, пак, шутираше и даваше голови во мал фудбал во спортска сала.

Токму затоа, спин е дека немало ништо спорно во објавата на Груби и дека негативните коментари биле резултат на тоа што „сме станале општество на хистерични реакции за сè и сешто“.

Пишува:Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...