fbpx

Контраспин: ДУИ како и ВМРО-ДПМНЕ – епидемијата им е ринг за изборни цели

-

Контроверзните тврдења на д-р Арбен Зибери, кандидат за пратеник од ДУИ, дека издејствувал(ле) отворање на границите „без протоколите од СЗО“ за да дојдат Албанците од дијаспората и да гласаат за ДУИ, се директно подривање на довербата во Комисијата за заразни болести и здравствено-политичките власти, со што се создава опасност по јавното здравје

Д-р Арбен Зибери, директор на скопскиот Центар за јавно здравје даде изјава во која се детектира спин:

Спин: Точно е тоа што Филипче го тврди, дека не сум член на Комисијата за заразни болести официјално. Но, многу пати сум присуствувал на нивните состаноци и сум придонесувал, а нашата институција има свои редовни претставници во Комисијата. Јас бев запрепастен. Не ја ни гледав прес конференцијата, туку новинарите почнаа да ми се јавуваат. А, запрепастен сум, зашто ние толку професионално ја вршиме работата во Центарот за јавно здравје Скопје, до толку што министерот сам ме фалел. Многу непотребно влегоа во ова. А зошто да бидам разрешен? За приватен Фејсбук статус во кој што не сум изнел ниту една лага? Ова е смешно. Ова не е за границите, туку за чичко ми Насер, којшто е кандидат за премиер Албанец, значи, ова е политичка пресметка со чичко ми, врз мој грб.

[Извор: Слободен печат – Арбен Зибери: На Филипче…, датум: 26.06.2020]

 

Контраспин: Претставнци на ДУИ, исто како и ВМРО-ДПМНЕ, досега неколу пати потврдија дека борбата со корона вирусот и состојбата со новозаболени во земјата ја ползуваат за партиски цели и изборни поени. Најчесто во тоа се истакнуваше потпретседателот на Владата и шеф на Кризниот штаб, Бујар Османи, иако тој тоа остро го демантира. Но, јавноста досега е запозната со неколкуте, да ги наречеме испади на Селмани, од кои ќе ги издвоиме неговите изјави при посетата на Струга на крајот на мај, кога рече дека отворањето на џамиите за Рамазан Бајрам е готова работа и дека „никој не треба верниците да ги гледа како криминалци“, а потоа и неговиот предлог да се формирала комисија која ќе ги преиспитала начините на лекување во болницата „8 Септември“, бидејќи таму многу пациенти умирале (овој предлог се совпадна со зголемениот број пациенти кои починаа по бранот што се јави во Чаир, Сарај, Липково, Студеничани, и.тн, седум до десет дена по верскиот празник).

Сега, јавноста е сведок на нов пример за користење на епидемијата за изборни цели од Арбен Зибери, директор на ЦЗЈ Скопје, кој со невистинито тврдење на 23.06. им се обрати на Албанците во дијаспората, да дојдат слободно да гласааат за ДУИ („за премиер Албанец“) и дека тој лично помогнал да се отворат границите од денеска.

Добре дојдовте иселеници. Родното место ве чека. Сега можете да си дојдете дома без тестови и 14-дневна изолација благодарение на нашиот придонес во здравствените политики на Владата. Јас како член на Комисијата за заразни болести и другите членови помогнавме да се отворат границите и луѓето да се движат слободно без протоколите препорачани од СЗО. Зошто да не, дојдете дома за премиер Албанец (види линк тука).

Откако, одоговарајќи на новинарско прашање вчера на 25.05., министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека станува збор за некоректна изјава во политички цели и дека Зибери не е член на Комисијата за заразни блести, како и тоа дека ако нема законски пречки ќе биде разрешен, најпрвин Зибери, а потоа и од ДУИ го предупредија Филипче дека ја користел говорницата за политички изјави и дека директорот на ЦЈЗ-Скопје, како кандидат за пратеник имал право на политички ставови. Еве ја реакцијата од ДУИ:

Д-р  Арбен Зибери е кандидат за пратеник во Првата изборна единица и како и секој друг има право да изразува политички ставови во предизборни кампањи, заштитувајќи ја институцијата што ја води од какво било политичко инволвирање. Тој беше столб на Владата и Министерството за здравство во борбата против пандемијата и сите сме горди на неговата работа (види линк тука).

И после сè, денеска, д-р Арбен Зибери излегува со нов став – На Филипче му пречел не Арбен Зибери, туку чичко му Насер Зибери, кого ДУИ го промовираа како кандидат за премиер Албанец во новата Влада!?

Можеби не се најјасни сите работи околу тоа кој какво влијание имал околу датумот за отворање на границите или, пак, за некои други препораки на Комисијата за заразни болести кои биле видоизменети од страна на Кризниот штаб, а потоа и од Владата. Но, затоа, секому му е јасно дека два плус два се четири. Со други зборови, статусите/изјвите на д-р Арбен Зибери се делумно невистинити (тој самиот денеска признава дека не е член на Комисијата).

Но, најважно, такви изјави во поглед на мерките за справување со епидемијата, каква што е отворање на граници „без протоколите на СЗО“, како што вели Зибери, ем не се точни во целост, ем ја подриваат борбата со епидемијата, со тоа што директно се намалува довербата во посветеноста на здравствено-политичките власти. Демек, Комисијата и Владата работат тоа што ќе побара ДУИ! Тоа, пак, уривањето на довербата, може да доведе до натамошно непочитување на мерките и препораките, а со тоа и зголемување на бројот на заболените, т.е. директно подривање на јавното здравје на луѓето. Сето тоа, пак, е казниво и по Кривичниот законик на Македонија, во доста употребуваните членови 205 и 206 во изминатиот период.

И згора на сè, Зибери вели дека на Филипче му пречело тоа што чичко му е кандидат за премиер, демек затоа нетрпеливост кон внукот Арбен!? Тврдење со сосема јасно извртување на вистината, поради што, таквата изјава може слободно да се оцени како спин од страна на д-р Арбен Зибери.

Пишува: Теофил Блажевски

Оригиналниот текст може да се види тука.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Појавата на болести сѐ поголема закана за жителите на Газа

Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, UNRWA денеска соопшти дека заканата од појава на болести во Газа станува сѐ поголема, бидејќи температурите почнуваат да растат. „Нашиот страв е...