fbpx

Контраспин: Џафери спинува – не е проблем роднинството туку (не)почитувањето на законите

-

Талат Џафери спинува кога вели дека сензацијата е затоа што тој е на висока функција и дека без оглед на тоа и неговото дете има право да конкурира и да добие работа (неспорно), а спинува и кога затворената постапка на Антикорупциска ја толкува како сè да било чисто. Во овој случај, интересот на јавноста е токму поради заштитата на јавниот интерес, односно дали законите и прописите важат за сите граѓани, а не поради потребата некој да прави сензација или да дискриминира нечии деца поради нивните татковци, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

На брифинг со новинарите претседателот на Собранието, Талат Џафери даде изјава во која може да се препознае спин:

Спин: Јас сум свесен дека моето семејство е на удар на јавноста поради функцијата што ја извршувам. Сензацијата секогаш е поголема кога станува збор за дете на висок функционер. Но, како и сите други, и моето дете има право да ги користи сите права, да конкурира и да биде примен на работа. Антикорупциската комисија имаше постапка и таа е запрена, односно не можеше да се утврди злоупотреба од страна на син ми. Работата на институциите е друга работа и тоа не нè засега ни мене ни мојот син

[Извор: 360 Степени – Т.Џафери/изјава – 22.02.2023]

Контраспин: Првиот човек на Собранието на РСМ, Талат Џафери зборувајќи за веста дека неговиот син е на списокот на положени кандидати од Академијата за судии и обвинители и наскоро ќе стане или судија или обвинител, даде изјава во која има извртување на вистината, односно спин, ставајќи го акцентот на тоа дека без оглед на роднинството и неговиот син има право да конкурира и да биде примен на работа.

За да го засили впечатокот дека не постои никаков проблем тој додаде дека „Антикорупциската комисија имаше постапка и таа е запрена, односно не можеше да се утврди злоупотреба од страна на син ми“.

Извртувањето на вистината или спинувањето е во два елемента. Најпрво, јавниот интерес не е во роднинските односи, т.е. во фактот што неговиот син наскоро ќе стане иден обвинител или судија, туку во фактот дали е почитувана процедурата, законските и подзаконските акти што ја уредуваат оваа материја, односно како Барлет Џафери конкурирал, бил примен и ја завршил Академијата.

Се разбира дека Џафери е во право кога вели дека и неговото дете има право како и секој друг граѓанин во државата да конкурира и да добие работа според стручните квалификации. А, тоа што е таткото на една од трите највисоки функции во државата носи зголемената етичка одговорност уште подоследно да се почитува целата процедура, законите и другите прописи.

Но, токму тука е вториот елемент околу кој Талат Џафери спинува. Тој, запрената постапка на Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси (ДКСК) ја толкува како „карт бланш“ за негова оценка, односно готов и завршен факт кој укажувал дека во случајот со неговиот син сè е чисто и нема никакво прекршување или злоупотреба.

Сепак, вистината е поинаква. Зашто и покрај запрената постапка од процедурални причини ДКСК ниту еднаш не рече дека случајот со Барлет Џафери не постои, ниту пак, дека во истрагата за овој случај  сè е чисто. Напротив, и во последните, вчерашните изјави околу случајот од ДКСК повторуваат дека постапката била запрена затоа што не можат да дојдат до документите во Министерството за правда со кои правно би ја завршиле постапката според Законот и според процедурата по која работат. Но, повторно нагласуваат дека синот на Џафери надвор од законските прописи полагал многу порано правосуден испит, пред магистратурата, испит што е првиот чекор за да може некој во државата да се занимава со адвокатура, судство или обвинителство или да се запише на Академијата.

Тоа го потврди во текот на вчерашниот ден на двапати и првиот човек на ДКСК, Билјана Ивановска:

Конкретниот предмет, да, заврши. Нас нè ни е толку таргет Барлет Џафери, туку нас ни е таргет како функционира целиот систем, кое службено лице му дозволило да може да полага првин правосуден испит, а потоа да брани магистратура. Во зависност од тоа какви резултати ќе добиеме и дали ќе утврдиме дали станува збор за појава и дали има други такви кандидати, понатаму останува прашањето што ќе направи државата како да се надмине овој проблем – изјави Ивановска за Канал 5.

Ивановска, првиот антикорупционер и во синоќешното гостување во дебатна емисија на ТВ Телма децидно го повтори ставот околу случајот, употребувајќи го и зборот злоупотреба:

Точно е дека ја запревме постапката за конкретниот случај отворен за Барлет Џафери. Ние утврдивме, тоа што утврдивме го обелоденивме во јавноста – дека неговиот правосуден испит му е дозволено да го полага пред да ги има добиено тие 300 кредити односно пред да има магистрирано, значи тука е проблемот. Да, имало злоупотреби во случајотмеѓутоа сето тоа се случува пред осум години и случајот се третира како веќе застарен и нема против кого да поднесеме било што“рече Ивановска.

И во ноември 2022 година кога овој случај беше актуелен во јавноста од ДКСК тврдеа дека времето кога го положил правосудниот испит не се совпаѓа со завршени додипломски студии како услов тоа да го стори, иако потврдија дека уписот на Академијата за судии и обвинители синот на Т. Џафери ги имал потребните документи: Единствено што можеме да потврдиме е дека лицето Барлет Џафери ги исполнил условите за на Академија оти имал положено правосуден испит, но како се стекнал со правото за правосуден испит не (извор: 360 Степени).

Според погоре изнесеното, јасно е дека Талат Џафери спинува кога вели дека сензацијата е затоа што тој е на висока функција и дека без оглед на тоа и неговото дете има право да конкурира и да добие работа (неспорно), а спинува и кога затворената постапка на Антикорупциска ја толкува како сè да било чисто.

Во овој случај, интересот на јавноста е токму поради заштитата на јавниот интерес, односно дали законите и прописите важат за сите граѓани, а не поради потребата некој да прави сензација или да дискриминира нечии деца поради нивните татковци.

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Контраспин: Силјановска не ги седна пензионерите во ложата на „Мапет шоу“

Контекстот во кој претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ја кажа репликата за „Мапет Шоу“, беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Самата реплика воопшто не се однесуваше на...