fbpx

Контраспин: Без критериуми за „истакнат правник“ секој избор на уставни судии ќе биде спинуван

-

Целиот проблем во изборот на уставните судии се наоѓа во непрецизната уставна одредба дека судиите ги избира Собранието „од редот на истакнати правници“. Се додека не се донесе посебен закон што ќе го регулира ова прашање, секој избор на уставни судии ќе се проблематизира и ќе се спинува, пред се од политичарите и на власта и на опозицијата, како впрочем и во примерот што го прикажуваме во овој контраспин, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Околу прашањето на избор на уставни судии, пратеничка на СДСМ даде изјава на прес конференција во која се препознава спин, односно извртување на вистината:

Спин: „Пред денешната седница на комисијата за прашањата за изборите и именувањата важно е да се потенцираат две работи:

Прво, добро е што по неколкумесечен застој денеска ќе се разгледуваат предлозите за уставни судии, Второ, лошо е што ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од партиски инсталации во судството, нешто што беше нивна одлика за време на 11 годишниот режим.

Тоа се гледа и по нивните предлози за нови уставни судии…Важно е да се изберат докажани, професионални личности кои ќе бидат чувари на уставниот поредок…“

[Извор: СДСМ/Собрание на РСМ – изјава/прес – датум, 02.06.2022]

 

Контраспин: Фаница Николоска, пратеничка на СДСМ во Собранието на РСМ во врска со седницата на Комисијата за прашањата од изборите и именувањата, одржа прес конференција на која искажа два типа на спин околу предлозите на опозицијата и на мнозинството за избор на нови уставни судии на испразнетите места во Уставниот суд.

Првиот тип на спин е во предлозите на опозицијата, каде што Николоска најпрво оценува дека добро било што конечно продолжува расправата на оваа тема, но „лошо е што ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од партиски инсталации во судството, нешто што беше нивна одлика за време на 11 годишниот режим“. И притоа, издвојува неколку примери кои во најмала рака се дискутабилни од аспект на еднаквоста на граѓаните пред Уставот.

Доколку и може да се разбере логицирањето на Николоска и СДСМ дека професорот во пензија и поранешен претседател на Собранието Саво Климовски го врзуваат за политики на ВМРО-ДПМНЕ зашто бил говорник и на протестите што претходеа на настаните од 27 април 2017 година, воопшто не е во ред и е еден вид спинување, дека доказ за тоа било и поведението на неговиот син кој бил „стратешки соработник на Христијан Мицкоски. Во потполно ист манир се логицира и околу професорката Родна Живковска од правниот факултет „Јустинијан Први“, која е партиски предлог – според СДСМ, затоа што нејзиниот син бил претседател на Советот на Општина Кисела Вода избран од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Зошто е ова спин? Затоа што Комисијата што расправа за потенцијалните идни уставни судии не расправа за Алекесандар Климовски и Иван Живковски, децата на споменатите, туку расправа за кандидатурите на нивните родители, Саво Климовски и Родна Живковска.

Кој е критериумот за „истакнат правник“?

Вториот тип на спин е во реченицата „важно е да се изберат докажани, професионални личности кои ќе бидат чувари на уставниот поредок“, што не доведува до суштинското прашање – како се избираат членовите на Уставниот суд и како можеме да утврдиме дали трите предлози на опозицијата се навистина професионалци?

Иако и самата опозиција и пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски исто така спинуваат, кога ги споредуваат државната службеничка и правничка Тања Васиќ-Бозаџиева и Родна Живковска само на тој начин што Васиќ – Бозаџиева, кандидат на СДСМ, пред извесно време магистрирала кај Родна Живковска, па затоа професоркава била поквалитетен предлог, факт е дека и ВМРО-ДПМНЕ, како и СДСМ, од секогаш имале проблем со докажување пред јавноста кој е „истакнат правник“, а зад тоа, праксата така покажала, се наоѓале предлози кои иако не мора формално да бидат членови на партиите, имале улога на партиски симпатизери. Оттаму, секогаш во стручната и не само стручнат а јавност останувал сомнеж дека зад некоја од одлуките на Уставниот суд преовладал партискиот интерес на онаа партија која моментално е на власт.

Тоа е така, зашто изборот на членови на Уставниот суд се извршува само според еден член на Уставот, 109, кој го регулира ова прашање многу општо:

Уставниот суд го сочинуваат девет судии.

Собранието ги избира судиите на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор.

Уставниот суд избира претседател од своите редови за време од три години и без право на повторен избор.

Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници.

Крајно време е за закон за Уставен суд

Токму поради оваа непрецизност, како да се увери јавноста кој е истакнат правник, како и лошата пракса, повеќе пати до сега и од страна на поранешни уставни судии и од страна на невладиниот сектор и од страна на универзитетски професори, а сега и од страна на политичката партија Левица, се предлага начинот на избор да биде прецизиран во посебен закон за Уставен суд.

Пред овој предлог на Левица, Хелсиншкиот комитет во 2021 година поднесе предлог да се почне подготовка на закон до Министерството за правда, а во образложението се наведува:

„Досегашната практика на избор на уставни судии недвосмислено укажува на крајна политизираност, односно партизираност на постапката за избор, која како своја последица го има изборот на уставни судии што многу повеќе се истакнуваат со својата лојалност кон партиите или одредени центри на моќ, отколку како правници. Поради тоа конечно треба да се стави крај на ваквата практика која целосно го урива и онака ниското ниво на авторитетот и углед“.

Со ова се согласува и истот став го застапува универзитетскиот професор Денис Прешова, кој на повеќе излагања го повторува ставот што го изнесува и како активист на Хелсиншкиот комитет:

„Се чини дека на моменти Уставниот суд повеќе им штети на владеењето на правото и на правата и слободите отколку што може да ги заштити. Затоа треба да се утврдат прецизни критериуми за избор на уставни судии, да се прецизира што точно значи истакнат правник, затоа што во минатото имавме случаи кога се избираа за уставни судии дури и личности кои не се правници. Со утврдување законска рамка за избор на уставни судии, веројатно нема да се избегне политизација при изборот на кадрите, затоа што тој е врзан со политичките институции. Сепак, ќе се овозможи во преден план при изборот на кандидатите да бидат нивните компетенции и интегритет, што ќе влијае позитивно и на угледот и на авторитетот на Уставниот суд“ – вели Прешова.

Конечно, тогашниот министер за правда, инаку кадар на СДСМ, Бојан Маричиќ, не само што ја потврдува оправданоста, туку информира дека посебен закон со кој ќе се уреди оваа материја е и став на Венецијанската комисија:

„Во таа насока е и мислењето на Венецијанска комисија, која е на став дека би било корисно да се донесе посебен закон за Уставниот суд, со кој би се уредиле прашањата што се однесуваат на статусот на уставните судии, основните услови за поведување на постапка пред Уставен суд и правно дејство од пресудите на Уставниот суд“ – вели Маричиќ.

Имајќи предвид дека потребата од ваков закон денеска ја потврди и Антонио Милошоски од ВМРО – ДПМНЕ и пратеникот од СДСМ Дарко Каевски (гледај видео од 3:24 – 3 часа и 24 минути), претходно и Маричиќ, сосема е јасно дека решението на проблемот е во носење на таквиот закон.

Се друго и толкувањата на опозицијата и толкувањата на власта, како ова што денеска го оценуваме е спин.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...