fbpx

Контраспин: Ако нема консензус, не значи дека СДСМ и ДУИ ќе го фалсификуваат пописот

-

Консензусот за законот за статистичка операција како попис е добра работа. Но, немањето консензус не значи дека предложениот закон не ги гарантира потребните елементи тој попис да се спроведе според бараните стандарди, ниту, пак, дека станува збор за однапред договорен фалсификат меѓу владејачките партии, пишува Вистиномер во последниот контраспин кој го пренесуваме во целост:

Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ во врска со пописот истакнува повеќе аргументи зошто таа партија бараше повлекување на предлог-законот од Собранието, при што во тие аргументи може да се препознаат спинови:

Спин: СДСМ има коалициски договор со ДУИ за фалсификат попис, ВМРО-ДПМНЕ ќе собира граѓански потписи за негово поништување.
СДСМ и понатаму продолжува да го турка пописот на сила и со тоа да спроведе фалсификат попис.
Нема попис во кој може да се има доверба кога власта ги одби сите забелешки од опозицијата. Со ова однесување се покажа само колку насилнички се користи власта. Попишување без никакви докази со диктирање на матични броеви и врзани потписи го нема никаде во светот, тоа може само да им одговара на коалициските апетити на расипничката власт и ништо друго.
Додека СДСМ и Заев тераат попис по секоја цена, голем број на држави од Европа го одложуваат пописот поради пандемијата се со цел да се заштити здравјето на граѓаните. Но, со ова СДСМ и Заев уште еднаш докажаа дека не им е битно здравјето на граѓаните…

Контраспин: Се разбира дека самиот факт што мнозинството од власта одбило 40-тина амандмани на текстот за законот за попис на населението, е причина од ВМРО-ДПМНЕ, која ги поднелз амандманите, да изразат незадоволство, да протестираат и да бараат предлог-законот да не се процесуира. Но, сепак, тоа не значи дека во аргументите со кои комуницираат со јавноста треба да вградуваат спинови.

Во сопштение/изјава, во која се бара вакво повлекување, можат да се детектираат неколку спина за позначајните прашања.

Првиот спин или извртена вистина е дека „СДСМ има коалициски договор со ДУИ за фалсификат попис“ и дека „СДСМ и понатаму продолжува да го турка пописот на сила и со тоа да спроведе фалсификат попис“. Тоа што владејачкото мнозинство не прифатило ниту еден амандман на опозициската партија воопшто не е никаков доказ дека станува збор за договор за фалсификат или дека пописот ќе биде фалсифициран. Со кој аргумент ѝ се нуди на јавноста таквото скандалозно обвинување навистина не е јасно и може да се оцени дека станува збор за спин, т.е. извртување на вистината.

Еден од поглавните аргументи, што се наведуваат во соопштението, е дека „попишување без никакви докази со диктирање на матични броеви и врзани потписи го нема никаде во светот“.

Но сепак, вистината не е целосна, т.е. е извртена. Во предлог-законот (кој во меѓувреме може да биде веќе усвоен), никаде не се наведува дека државјаните на РСМ ќе се попишуваат и ако не бидат во земјава, со тоа што лицето кое е најблиску поврзано со нив, односно најмногу знае за нив ќе го диктира само матичниот број на отсутните државјани! Имено, таква одредба постои во член 8 став 1, но притоа во тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ се заборава член 10, став 1

Еве што вели член 8 став 1:

(1) За лицата – државјани на Република Северна Македонија, кои се на привремена работа или престој во странство податоците од член 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот.

А еве што вели член 10, став 1, што ВМРО-ДПМНЕ не го споменува:

За лицата од член 6 точка 1 од овој закон, што ќе бидат опфатени со Пописот ќе се обезбедат податоци за: географски карактеристики, демографски карактеристики, економски карактеристики, образовни карактеристики, миграциски карактеристики, етнички карактеристики, културолошки карактеристики, религиозни карактеристики и инвалидитет/функционална попреченост.

Ова се, всушност, сите основи по кои ќе се пополнува прашалникот, што попишуваното лице треба да го пополни, а тој, како што вели директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, се состои од 50-60 прашања. Симовски тврди дека оној што за друг ги дава податоците, ќе мора да одговори на сите прашања од прашалникот, бидејќи нецелосен прашалник не може да влезе во системот за некое лице да се смета за попишано.

Се наметнува прашањето, дали е можно друго лице што ги дава податоците за отсутното лице да направи ненамерна или намерна грешка и тоа да биде основа за тврдењето дека пописот ќе бил фалсификуван?

Според Симовски, контролата на дадените податоци е таква што намерна или ненамерна грешка веднаш би требало да биде откриена. Еве што кажа точно во интервјуто за Сител од 13 јануари 2021 година:

Сите тие прашања треба да бидат одговорени. Вие не можете да дадете само име презиме, матичен број и еве етничка припадност…Со внесувањето на матичниот број, бидејќи користиме комбиниран систем на проверка – веќе во друга база ги имаме сите матични броеви – (ако во прашалникот го нема точниот матичен број-н.з.) од таму нема повлечеме ништо…Тоа е сигнал дека ова лице треба да се провери. Проверуваме во сите бази, дали е во Агенцијата за вработување, дали е во процес на образование, во базата на МОН, дали ова лице е примател на некаква социјална помош од базата на податоци во МТСП, дали е пензионор, во базата на ФПИОМ. Ако го нема никаде, ова е сега фаза на проверка, проверуваме во Фондот за здравство, дали ова лице е здравствено осигурано или не. (види од 16.20 минута во видеото)

Според Симовски, во преодните и завршните одредби на законот постојат членови кои одредуваат прекршочна и/или кривична одговорност за лажно давање податоци, а таквите пријави е лесно да бидат покренати, бидејќи во Заводот за статистика ги имаат матичните броеви и на лицата што за други лица ќе даваат податоци.

Според тоа, аргументите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе се дава само матичен број и име и презиме за лице што е отсутно, се извртена вистина, т.е. спин.

Конечно, спин е и тврдењето дека неколку или повеќе земји во Европа и во регионот ги одложиле пописите за следната година поради пандемијата со ковид-19, па затоа треба и РСМ да го стори истото. Самиот податок е точен, но не може да се генерализира.

Прво, споменатите земји ги имаат направено пописите од пред 10 години, па може да си го дозволат тој „луксуз“ да го наречеме, да прескокнат една година од редовниот попис од 2021, за разлика од РСМ каде последниот попис бил во 2002 година.

Второ, состојбата од земја до земја е различна. Во моментов, на пример, состојбата со корона вирусот во Франција е многу полоша од Северна Македонија во однос на бројките и можеби нивната проценка за огромната статистичка операција што треба да ја спроведат, исто така во април, е поризична од кај нас.

И трето, спроведените парламентарни избори во јули минатата година и резултатите од новозаразени од корона вирусот потоа, како и спроведените локални избори во Штип во декември 2020 и бројката на новозаразените случаи потоа, не укажуваат на директна поврзаност на процесите доколку се почитуваат протоколите.

Заклучокот од аргументите што се презентирани погоре би бил дека тврдењето оти СДСМ и ДУИ имаат договор за фалсификуван попис, врз основа на она што е истакнато во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ е спин.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
ФИНКИ

ФИНКИ бара Владата да ги ослободи бараките на Техничкиот кампус, во спротивно најавува протести и штрајк

Најбројниот факултет во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бара од Владата решение за просторниот проблем со кој се соочува институцијата. Со повеќе од 5.000...