fbpx

Контраспин: Ако не чувствува одговорност Филипче требаше јасно да каже

-

Министерувањето на д-р Венко Филипче може да се оценува од многу аспекти. И од справување со ковид пандемијата (тука има и многу позитивни, но и негативни елементи, како бројот на починатите, на пример) и од аспект на фактот што стори многу за лекарите и од аспект што во времето на неговото министерување започнаа трансплантациите на срце. Но, тој спинуваше околу неговата одговорност во врска со пожарот во Тетово. Одлуката за оставка или не е негова и одлука на премиерот што го именувал, нагласува новиот Контраспин на „Вистиномер“, што го пренесуваме во целост:

Министерот за здравство д-р Венко Филипче на прес конференција зборуваше за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, при што во делот на одговорноста го детектиравме следниот спин:

Од одговорност ниту бегам, ниту ќе бегам, но ќе инсистирам на тоа и ќе чекам да заврши истрагата. Поради тоа што и во овој период има потреба од менаџирање на дел од кризата, поточно околу од пациентите во Тетово, сето тоа што значи процес на завршување на обдукционите наоди и дека апсолутно, по завршување на истрагата ќе ја донесам оваа одлука, за тоа  дали ќе поднесам оставка.

[Извор: Влада на РСМПрес на В. Филипче (од 7.40 до 8.25 мин.), датум: 09.09.2021]

 

Контраспин: Изјавата на министерот за здравство Венко Филипче околу личната негова одговорност за трагедијата во Тетово е извртување на вистината, т.е. спин поради неколку причини.

Првата и најјасна причина е тоа што голем дел од јавноста од Филипче не бара поднесување оставка или каква било друга одговорност поради тоа што тој лично е виновен за пожарот и трагедијата, туку оставка, т.е. одговорност од морални причини, т.е. чувство на вина, зашто како прв човек на здравството не сторил сè што е во негова моќ, овластување по функција и слично, за да не дојде до таква трагедија. А, тоа нема врска или има, ама не директна, со завршувањето на истрагата.

Самиот министер, бидејќи соопшти дека не бега од одговорност, но ќе решава по истрагата, упатува порака до јавноста дека тој не ја чувствува во моментот таа т.н. морална одговорност, односно, де факто, кажува: јас мислам дека сум направил сè и дека кај мене нема таква одговорност, па затоа за мојата и за одговорноста на другите ќе чекам да видам што ќе покаже истрагата.

Но, министерот, сепак, така и требаше да ја соопшти својата одлука, зашто вака кажано, со истрагата на прво место како причина за одговорност, тој ја спинува во јавноста причината за морална, т.е. политичка одговорност. Зашто таа одговорност, ќе повториме, нема голема врска со истрагата, освен во една специфична инстанца – ако истрагата утврди дека пожарот бил подметнат. А, во таков случај, ако не цела Влада, тогаш барем неколку министри, вклучувајќи и неколку директори на безбедносни институции, треба да си поднесат оставка зашто не прибавиле информации дали такво нешто се подготвува и не ја спречиле навреме таквата трагедија.

Ако не сум јас нема кој да менаџира!?

Вториот елемент на спин во изјавата на министерот е во вториот дел од изјавата, т.е. зошто нема да поднесе оставка – менаџирањето со пациентите, пред сè од Тетово, со завршувањето на обдукцијата и слично.

Ова, пак, е повеќе од јасен спин, затоа што министерот се произнесе дека без него нема кој да ги менаџира процесите и постапките вообичаени за ваков тип несреќи. Значи, ако поднесе оставка нема кој да се погрижи како и каде ќе се лекуваат преживеаните пациенти од трагедијата, ниту, пак, како и за колку време да завршат обдукционите протоколи!? Ова е апсурдно образложение, чист спин, но, тој се најде во изјавата на Филипче околу одговорноста.

Повеќе одговорности, не само една

На крајот, за да станат нештата појасни, треба да се наведат уште неколку причини поради кои не само министерот, туку и најмалку уште две лица треба да чувствуваат одговорност.

Првата е сврзана со системот за детекција и гаснење на пожари, систем за кој од одговорот на Филипче повеќе произлегува дека го немало, отколку дека го има во модуларните болници, вклучувајќи ја и онаа во Тетово.

Некаде во 9-тата минута во видеото, веднаш по одговорот на Филипче, новинарката од Канал 5 поставува прашање дали имало таков систем во болницата.

Филипче одговора (од 9.53 во видеото):

Во однос на менаџирањето со болницата, во однос на целокупниот тој процес, сертификатите во делот на огноотпорноста и сите други материјали, сè тоа што го има во документацијата, во делот на системот на гасење на пожари, сето тоа ќе почекаме да произлезе како резултат на истрагата.

Не одговарајќи директно на јасно поставено прашање дали имало систем за детекција и гаснење од пожари, споредувајќи и со ТВ снимки од модуларни болници, пред и по нивно предавање, сето тоа упатува на заклучок дека таков автоматизиран систем модуларните болници немаат. А, тоа е веќе прашање и за одговорност. Најпрво морална, политичка, затоа што имаме јавни установи кои немаат таков систем за намалување на опасноста од пожари, кој е составен дел од законските процедури за безбедност, а дури по истрагата и за кривична одговорност, ако се утврди и во случај да немало таков систем и во случај да имало, а не се активирал.

Втората голема причина зошто Филипче, но не само Филипче, треба да чувствува одговорност (таа моралната), е веќе утврдениoт факт дека и во време на пожарот и многу пред него, во тетовскиот ковид центар имало цивили. Станува збор за роднини на заболените на кои им било дозволувано посета или, според сведочењето на членови на семејствата од дел од заболените, посетата била и придружба на болните поради недостиг од медицински персонал.

Впрочем, ова го потврдува и самиот директор на ковид центарот, доктор Гзим Нуредини:

Обично по протокол, тоа е забрането, посета на ковид пациенти каде било во пандемија, па и кај нас во ковид центарот. Овде пациентите имаат роднини коишто биле надвор од објектот и при пожарот стрчале да помагаат. Формираме комисија во болницата да видиме кои вработени ги пуштиле роднините внатре да ги чуваат пациентите. Сите сега го зборуваат тоа, а цела година не ме прашал никој за таа работа (Извор – Слободен печат).

Оттука, министерот Филипче, бидејќи и на прес конферецијата рече дека има информации оти двајца цивили биле внатре во време на пожарот, директорот на ковид центарот, д-р Нуредини, но и директорката на ДСЗИ, д-р Ирина Бухова, сите тие треба да чувствуваат одговорност и да размислат да поднесат (понудат) оставки поради таквата недозволена пракса.

Уште полош, во овој поглед, е последниот дел од оваа изјава на д-р Нуредини, каде што вели дека цела година никој не го прашал „за таа работа“ (дали е дозволено присуството на роднините во и околу ковид центарот), со што јасно става до знаење дека тој не бил запознат со ваквата пракса. Само ваквата неинформираност на одговорното лице на ковид центарот, чии вработени или криеле или избегнале да го информираат својот претпоставен за постоењето и толерирањето на ваквата недозволена пракса, е показател дека тој или ја немал довербата на своите вработени или тие не биле обучени за своите обврски и начинот на работа на болнички оддели, чии пациенти се заболени од заразни болести, дека не презел чекори да се информира и да се запознае со состојбите во институцијата со која раководи, што само по себе е доволна причина за одговорност, настрана пожарот.

Доктор инфектолог, Фадил Цана од Клиниката за инфективни болести во Скопје, е дециден дека таква работа е недозволива и дека за тоа треба да одговараат сите надлежни.

Шокантно е да се дознае дека во тој ковид центар имало и роднини на пациенти. Тие внатре влегувале и излегувале кога сакале и тој ковид центар не служел само за лекување и од негова гледна точка тоа било жариште за проширување на инфекцијата. Сметам дека сето тоа се одвивало со знаење на персоналот и министерството и затоа треба да сносат морална и правна одговорност. (Извор – 24 Анализа).

***

Венко Филипче, односно неговото министерување може да се оценува од многу аспекти. И од справување со ковид пандемијата (тука има и многу позитивни, но и негативни елементи, како бројот на починатите, на пример) и од аспект на фактот што стори многу за лекарите, барем во делот на нивните примања и специјализациите и од аспект што во времето на неговото министерување започнаа трансплантациите на срце, а живнаа и другите трансплантации, како и целата таа позитивна кампања околу донирањето на органи од кадавери. Но, поради одговорените и уште повеќе неодговорените прашања, оценка е дека тој вчера спинуваше околу неговата одговорност. Одлуката за оставка или не, е негова и одлука на премиерот што го именувал, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...