Лидерот на ДУИ Али Ахмети, на почетокот на судската постапка против поранешниот вицепремиер Артан Груби во случајот поврзан со Државна лотарија, изјави дека Груби е невин. Во интервју за А2 Си-Ен-Ен, пренесено од „Тетова Сот“, Ахмети изразува уверување дека судската постапка против Груби ќе заврши без осудителна пресуда за него. Во оваа изјава на Ахмети може да се препознае спин, пишува Вистиномер.
Спин: Артан Груби е невин и ќе биде прогласен за невин, бидејќи не ги прекршил законите на земјата.
[Извор: Инбокс 7 Ахмети: Артан Груби е невин и ќе биде ослободен од обвинението; Датум – 18.09.2026]

Контраспин: Изјавата на Али Ахмети доаѓа во период кога пред судот се води постапка за случајот „Државна лотарија“, а во кој поранешниот вицепремиер Артан Груби е меѓу обвинетите. Ахмети може да дава изјави во духот на презумпцијата на невиност, како основно човеково право во правосудниот систем – која претпоставува дека секој е невин сè додека неговата вина не се докаже со правосилна судска одлука, а товарот на докажување е на страната на обвинителството, а не на обвинетиот – но во неговата изјава се препознава манипулација и извртување вистината околу одговорноста на обвинетиот, кого предвреме ги прогласува за невин, бидејќи „не ги прекршил законите на земјата“.
Судењето за случајот „Државна лотарија“ започна на 07.09.2026 г. со поднесување на обвинението застапувано од јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски. Обвинението се однесува на дејствија преземени во текот на 2023 и 2024 година, со кои обвинетите ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари (близу 10 милиони евра), и тие се се товарат за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека со незаконски дејствија поврзани со работењето и набавките во Државна лотарија била предизвикана значителна финансиска штета.
Конкретно, обвинението тврди дека Груби заедно со поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, и уште шест други лица (Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски), во текот на 2023 и 2024 година ги пречекориле своите службени овластувања во врска со спорните јавни набавки и договори за набавка на ВЛТ апарати, кои според Обвинителството воопшто не биле потребни и не се искористиле.
Груби и останатите обвинети веднаш на почетокот на судењето на 7 септември се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, а одбраната ги оспорува обвиненијата и најавува дека во текот на постапката ќе докажува дека Груби не сторил кривично дело. И додека одбраната на Груби најавува дека ќе ја докажува невиноста на Груби, Ахмети уште на почетокот на судската постапка тврди дека „Груби е невин и ќе биде прогласен за невин, бидејќи не ги прекршил законите на земјата“.
Ако ја вратиме хронологијата на настаните поврзани со обвинението против Груби година и пол наназад, фактите велат дека на 23.02.2026 г. Министерството за внатрешни работи (МВР) го уапси Артан Груби, поранешен пратеник и вицепремиер, на граничниот премин Блаце, по неговото бегство кое траеше повеќе од една година. Груби на неговиот Фејсбук профил тврдеше дека не е во бегство, туку дека е во приватна посета на територија на Косово, но МВР не го пронајде на двете локации во земјава пријавени како негови престојувалишта/домови, па по него беше распишана меѓународна потерница. Иако додека беше во бегство на Груби му беше пропишана мерка притвор, по неговото апсење заради безбедносни причини таа беше заменета со куќен притвор.
За време на неговото бегство, Груби се најде на „црната листа на САД“ поради други сомненија за сторен криминал. Тој заедно со апелацискиот судија Енвер Беџети беа ставени и на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 09.12.2025, поради „вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството“, односно сомнението дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков за предметот „Таргет“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство(СЈО), а се однесуваше на масовното прислушување, еден од најголемите политички скандали кој ескалираше во јавноста во февруари 2015 година.
Инаку, за случајот „Државна лотарија“, Јавното обвинителство во оваа фаза на судската постапка најави изведување на 231 материјален доказ, вештачења и сослушување на седум сведоци. Претходно, Обвинителство го намали степенот на квалификацијата на обвинението – од проневера на 10 милиони евра во злоупотреба на службената положба и овластување.
Категоричното прејудицирање на судска одлука – кога постапката фактички само што влегла во фазата во која обвинителството допрва треба да ги презентира материјалните докази и сведоци – од страна на Али Ахмети како лидер на политичката партија ДУИ, чиј истакнат член беше Артан Груби, е политичка манипулација и извртување на вистината околу одговорноста на обвинетиот. Според презумпцијата на невиност, Груби е невин сè додека неговата вина не се докаже со правосилна судска одлука, а не кога ќе каже „судијата“ Али Ахмети.
Пишува: Стојан Синадинов
