Кој бара повисока цена на водата за пиење, а кој се противи? Оваа дилема се наметна во јавноста, откако ЈП „Исар“ испрати официјално барање до Советот на Општина Штип да одобри нова, повисока цена за водата за пиење од 37,77 денари за кубик вода. Во објаснувањето, „Исар“ се повика на одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), со предлози и за следните две години, кога се предвидува кубик вода во 2023 година да изнесува 40,16 денари. Меѓутоа, од РКЕ информираа дека од ЈП „Исар“ барале дури 46,68 денари за кубик за тековната 2021 година, а тие препорачале дека има основа да се задржи истата цена како 2020 година.

„Во нашата одлука максималната цена е пониска од цената којашто ја побарале од ЈКП „Исар“. За домаќинства ЈП „Исар“ побарале 46,68 денари, а минимална според нас може да биде иста како и сегашната, а максималната 46,39 денари. Дополнително ЈКП „Исар“ побараа зголемување на цената на отпадните води, но Регулаторна комисија предложи да се намали, соопшти РКЕ.

Меѓутоа, градоначалникот Сашко Николов вели дека Регулаторната комисија со решение бара покачување на цената на водата и ако не се почитува тоа решение, ќе има санкции.

„За жал, според решението на РКЕ, се покажа дека цената треба да порасне за 20 денари по домаќинство. Ние се обидуваме, разговаравме и со РКЕ меѓутоа, законската регулатува нè обврзува да ја почитуваме таа одлука. Дури разговаравме и со советниците на Општина Штип да ја одбиеме таа одлука. Но, тоа ќе се рефлектира со казнена политика од РКЕ и повторно враќање од сила што ја наложува Комисијата. Како одговорна компанија ЈП „Исар“ изготвува тригодишен план, а РКЕ носи одлука, решение што Исар треба да ја спроведе, изјави градоначалникот Николов.

„Во 2009 или 2010 година, цената на водата била покачена за 39 отсто, па немаше вакви реакции“, потсети тој.

Во решението на РКЕ за определување на највисоки тарифи за ЈП „Исар“, објавено на интернет страната на Комисијата, предлог максималната тарифа изнесува 38,70 денари за кубик вода.

Се утврдува минималната и максималната просечна тарифа согласно минималниот и максималниот опсег од точка 2 на ова Решение:

3. За 2021 година:
минимална просечна тарифа 36,84 ден/m3
максимална просечна тарифа 38,70 ден/m3

За 2022 година:
минимална просечна тарифа 38,05 ден/m3
максимална просечна тарифа 40,48 ден/m3

За 2023 година:
минимална просечна тарифа 38,90 ден/m3
максимална просечна тарифа 41,41 ден/m3

4. Се задолжува давателот на водната услуга од точка 1 на ова решение да ги исполни условите од Планот за прилагодување на тарифи за водни услуги согласно кои се пресметува минималниот и максималниот опсег на висината на тарифата за водната услуга.

Директорот на ЈП „Исар“ Живко Тасев остана на ставот на градоначалникот Николов дека тоа го бара РКЕ. Сепак, зголемувањето на цената на водата го оправда со намалените активности на некои од комерцијалните дејности на јавното претпртијатие поради пандемијата.

„Во година на пандемија, имавме многу трошоци, а ги немавме планираните приходи. Поради неработењето на Градскиот пазар и Бањата, наместо пет милиони во овие девет месеци, имаме приход од три милиони. Во однос на трошоците за електрична енергија, ние имаме 4,5 милиони денари месечно. За илустрација, велешкото ЈП „Дервен“ годишно за електрична енергија плаќа четири милиони денари“, изјави Тасев, кој сепак негираше дека работат со загуба.

Од РКЕ објаснуваат дека сите општини кои имаат над 10.000 жители добиваат тригодишни предлози за цената на водата за пиење од страна на оваа Комисија. Со предлозите за следните три години, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги им овозможи на претпријатијата при определување на крајните цени да ги задржат постојните цени, кои ги наплаќаат во 2020 година, а комуналното претпријатие понатаму одлучува дали ќе достави предлог до општината за покачување на цената или не.