Константин Пејоски е балканскиот претставник во Европската аматерска е-спорт федерација

Фото: Компилација од фотографии од Фејсбук страницата на МЕСА

Константин Пејоски од Македонската Е-спорт асоцијација (МЕСА) е балканскиот претставник во Европската аматерска е-спорт федерација. Веста ја сподели Европската федерација на својата Фејсбук страница и му посакаа добредојде на Пејоски.

„Со огромно задоволство, ја имаме честа да Ви соопштиме дека официјално македонскиот е-спорт добива европски размери! Гордоста е голема да се биде членка и претставник на балканот во европската аматерска еспорт федерација под раководство на светската еспорт федерација“, напишаа од МЕСА на својот Фејсбук профил.

Инаку од неодамна, македонската е-спорт асоцијација започна со снимање и емитување на емисии насочени кон младите, нивните погледи кон електронските наспроти традиционалните спортови, психолошкиот развој и дали играњето игри претставува вид на зависност, залудно потрошено време или потенцијална професија и заработка.

Како што посочуваат од МЕСА за Мета.мк, плановите се од март годинава, секоја седмица во петок да се емитуваат видеата на нивните YouTubeFacebook и Instagram канали, како и на страницата на Europe House Skopjе.