Конкурсите за ученички и студентски стипендии ќе бидат објавени наскоро, нема да се кратат износите

Фото: Првиот академски час на студентите на ФИНКИ во октомври 2022 година во зградата на Филхармонија | Фото: Мета.мк

До крајот на месецов се очекува да биде објавен конкурсот за доделување на ученички стипендии, а потоа и конкурсот за доделување на студентските, вели за „Мета.мк“ министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Во однос на шпекулациите за намалување на стипендиите за студентите, Шаќири вели дека нема да бидат кратени ниту износите, ниту квотите, но додава оти ќе се менуваат критериумите за поддршката да стигне до оние студенти кои имаат најголема потреба.

„Промени во критериумите ќе има за да биде распределбата поправедна, односно поддршката да стигне до оние кои најмногу имаат потреба. Но, треба да се знае дека нема да има никакви кратења, ниту на квоти, ниту на износи. Сето тоа што и досега им следувало на учениците и студентите, ќе продолжи да се доделува и да биде достапно и понатаму“, вели Шаќири.

На последната седница Владата донесе одлука за тоа колку ученици ќе се стипендираат и колку ќе изнесува висината на стипендиите за средношколците. Така, предвидени се стипендии од 3.500 денари месечно за талентирани ученици – спортисти, талентирани ученици од областите на природните и техничките науки, уметностите, учениците со посебни потреби, децата без родители и за уште неколку категории. За учениците Роми, пак, се предвидени стипендии во износ од 800 до 2.200 денари месечно во зависност од постигнатиот среден успех.

Одлука за студентските стипендии нема сѐ уште, но Министерството за образование и наука најави дека, покрај досегашните категории, од годинава ќе бидат воведени нови стипендии за преведување и толкување и за студии од областа на уметноста.

Минатата академска година МОН го зголеми износот на стипендиите на 6.050 денари. Повисокиот износ важеше само за оние студенти што аплицираа на минатогодишниот конкурс, додека за пониските стипендии што ги земаа студентите кои правото го оствариле на некој од поранешните конкурси, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација му препорача на МОН да ги изедначи на повисокиот износ.

Од МОН за Мета.мк неодамна информираа дека дале предлог до Владата околу начинот на кој би се реализирало изедначувањето и дека се очекува потврда одлука.

Повеќе за стипендиите и за други актуелни прашања поврзани со образованието читајте во интервјуто со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири кое ќе биде објавено утре.