Конкурс за краток хорор расказ: „Гулабарот“ – прва награда

фото: Clay LeConey на Unsplash

Утревечер се празнува „Halloween“ или „Ноќ на вештерките“, празник кој секоја година се одбележува на 31 октомври. „Ноќта на вештерките“ првенствено се одбележува во западните земји, но во последните неколку години стана глобален тренд кој се забележува и кај нас, особено помеѓу младите.

Вечерта на „Halloween“ се раскажуваат страшни приказни, најмладите се маскираат, а домовите се декорираат со хорор мотиви.

По тој повод, Новинската агенција Мета.мк во соработка со издавачката куќа „Култура“ втора година по ред го распиша Конкурсот за краток хорор расказ на кој можеа да учествуваат млади автори.

На годинашниот конкурс пристигнаа вкупно 21 труд, од кои наградени се три раскази.

Расказите беа оценувани од жири-комисија во која членуваа: Гордана Војнеска – уредничка во „Култура“, Горан Ризаов – главен уредник во Новинската агенција Мета и Гоше Николов – новинар-соработник во Мета.мк.

Наградените раскази беа одбрани според морничавоста на темата, оригиналноста на приказните, како и правилното користење на македонскиот литературен јазик. Сите пристигнати трудови жири-комисијата ги оцени како одлични.

Наградените автори ќе добијат ваучери за книги од страна на издавачката куќа „Култура“, кои ќе можат да ги искористат за да ја збогатат својата домашна библиотека со некои од возбудливите наслови во издаваштво на „Култура“.

Организаторите на конкурсот им се заблагодаруваат на сите автори кои земаа учество со свои раскази.

Трите наградени раскази ќе бидат објавени на Мета.мк вечерва, во предвечерието на „Halloween“.

Според гласовите на комисијата, првата награда ја добива авторот под псевдоним Тома Стеларов за расказот „Гулабарот“.

Истиот можете да го прочитате во продолжение.

Прва награда:

Гулабарот

автор: Тома Стеларов

фото: Ram Gopal на Unsplash

Одавде Вардар, под самиот нос на десеткатницата, еден исушен старец одгледуваше гулаби во две-три бараки (никој не знаеше колку точно) и како осмата клетва на Египет ги пушташе да прснат пругоре од сраснатата топка од дрвја, зелената ограда и разни лазечки растенија, за да се нафрлат врз балконите од трошната зграда. Кога се одлучи дека новоизбраниот домар ќе оди да му нареди на гулабарот да се исели, веќе имаше долга историја на несреќи, па така тој се упати кон дувлото на студенокрвникот за да се разбере. Беше толку ладна ноемвриска вечер што дури и пареата изѕемнуваше среде штуриот предел околу домот на гулабарот.

Мрачните ливчиња се нишкаа на ветрот и правеа портал од темнина низ кој домарот требаше да помине. Наместо тоа, тој поседе некое време како потонат со ѓонот во црвеницата, та езата му ги броеше прешлените – помини и бодни ваму, помини и бодни таму…

После неколку моменти тишина и троа собрана храброст, посегна по расклатеното вратниче направено од старо ‘рѓосано железо, го протресе неколку пати обидувајќи се да го отвори, но тоа не попушти. Беше приморан да одложи.

По малку раздразнет и смрзнат, мина низ излупениот ходник на првиот спрат каде што светилките не работеа, се заколна дека ќе ги поправи проклетите, и влезе дома. Кога зачекори внатре го пречекаа мрак и студенило. Она што беше неприродно беше студот, чиниш зачекорил повторно надвор на мразнината од ветерот и стои пред вратничето, и ете ја пак – помини и бодни ваму, помини и бодни таму…

Со трепет кој не сакаше да го прифати, го чкрапна прекинувачот, но сијалицата не светна. Го чкрапна и соседниот прекинувач за споредните светла, и дури тогаш ги здогледа.

Три темнокрилести гулаби со неприродно светкав поглед го гледаа – еден на полицата на ѕидот, еден на ламбата на работната маса, и еден на лебот на трпезариската маса. Балконската врата беше ширум отворена, домарот не можеше јасно да се сети дека ја подоставил, а засенетите гулаби само го гледаа како препарирани. Тој дури се зачуди, како може гулаб да седи врз леб а да не го колва? Дали студот или помислата на бактерии видно го наежија домарот, тој со брз потег ја грабна перницата што му беше на дофат и почна да ги брка гулабите. Триото се раскрили и се разлета низ дневната соба, пердувите летаа и фрлаа огромни сенки врз ѕидовите.

После неколку мафтања, трите стрелнаа низ отворениот балкон. Неочекувано, светлото се вклучи. Домарот задишано го погледа светлото некое време пред сијалицата и ѕидните светла да распукаат во ужасен хор. Помини и бодни ваму, помини и бодни таму…

Со допирање на ѕидовите домарот се догреба до две свеќи и ги запали. Втренчено се запули во треперливиот пламен и ја размисли ситуацијата повторно, меѓутоа неговата запустена рационалност го остави пред помислата дека нешто не е во ред со струјата, и со едната свеќа в рака реши да ја провери разводната табла над влезната врата. Само што сакаше да се качи на столот кој го донесе, некој тивко почука на вратата и го преплаши до смрт.

Домарот беше толку сраснат со темнината, тишината и разните интерпретации на вечерта, та се извади од памет, дотолку повеќе што кога ја отвори вратата беше затекнат од старото испиено лице на гулабарот под светлината на свеќата. Изгледаше како страшен светец.

„Пријателе, моите гулаби ми се пожалија”. Домарот несвесно отстапи пред злокобната фигура и се стаписа. Проретчената долга коса му ги затскрваше очите, а гласот звучеше како отелотворена болест. Помини и бодни ваму, помини и бодни таму…

Сега немаше храброст да му нареди на гулабарот да се исели.

„Моите гулаби ми се пожалија”.

„Беа влезени внатре, ми направија неред. Тоа го прават во секој стан, ние одлучивме, од куќниот, ова, совет, одлучивме дека треба да се иселите, не може повеќе… ”

„Моите гулаби ми се пожалија”, слушна домарот баш во моментот кога неговата синхронизирана пета нагази врз тепихот и листот од ногата уште толку затрепери и го наежи телото при допирот со мебелот. Ете ја езата пак, се мешка со темнината и потскокнува при секој збор од гулабарот кој сакаше да биде сослушан; неговите гулаби се пожалиле.

*        *        *

Станот насилно го отворија двајца полицајци после неколку  дена (никој не беше сигурен колку точно) од непојавувањето на третиот домар на зградата. Балконската врата беше ширум отворена, како да била подзаборавена, та го вдишила сиот ладен воздух од приквечерината. Прекинувачите не работеа, но последните поздрави на сонцето помагаа со крајни сили. Подот и сè што постоеше од хоризонтална и дијагонална површина во местото беа оросени со сиви пердувчиња и закоравен измет од гулаби, па предизвикуваа таква онесвестувачка реа да беше неподносливо. Но, она што беше најстрашно од сè беше крвавата форма на ѕидот.

Распрскани меури темна крв врз варосаниот раскопан ѕид оцртуваа човечка фигура која наликуваше на распнат Витрувијански човек. Едниот полицаец чисто од љубопитност пукна еден меур со мало џебно ноже, кој силно му експлодира в лице и го испрска, а потоа како некој внатрешен ланец сите меури на фигурата се распрскаа.

Дури кога проценија дека е безбедно да погледнат накај фигурата, макар што едвај ја гледаа без батериски ламби, полицајците здогледаа како крвави пердуви се слизнуваат од отворените рани на ѕидот и лигаво се тркалаат надолу.

И овој домар никогаш не се вратил, но гулабарот конечно се иселил, некаде исчезнал без трага сосе гулабите кои ја тероризирале зградата.