Коњичкиот спорт е идеален за сите генерации, домашни јавачи ја закитуваат земјава со злато на меѓународни натпревари

Љупка Аврамовиќ | Фото: Мета.мк

„Коњичкиот спорт е единствениот во светот каде не постои машка и женска конкуренција одделно, туку сите се натпреваруваат заедно во зависност од возрасната граница. Притоа, е спорт што нѐ учи дека треба да коегзистираме заедно со животното, тоа може да донесе одлука којашто не е секогаш во согласност со нашите барања, и нашиот перформанс денес колку што зависи од мене, зависи и од него“, раскажува Љупка Аврамовиќ, која што неодамна како национален претставник освои прво место на тридневен натпревар организиран од Светската коњичка федерација во Бугарија.

Аврамовиќ е сопственик на коњичкиот клуб „Бравадос“ основан во 2018 година, каде што Мета.мк при неодамнешната посета кон крајот на јуни годинава, имаше можност да биде дел од државното првенство во трето коло прескокнување пречки, организирано од страна на Федерацијата на коњички спортови на Република Северна Македонија.

Непосредно пред почетокот на натпреварот, односно неколку мигови пред да се качи на коњ подготвена да прескокнува пречки во висина од 1,05 метри, Аврамовиќ нѐ прошета низ „Бравадос“, ранч-рајот за коњи.

„Јавам од најмала возраст, уште од седум години. Поседувањето коњ значи целото слободно време да му се посвети на коњот и јавањето. Во клубот си имаме интерна шега, дека коњите ни го земаат сето слободно време, но тоа е всушност вистина. Се работи за многу здрава и убава опсесија и сепак мислам дека сѐ си доаѓа со време“, објаснува вљубеничката во коњи.

Аврамовиќ досега зема учество во повеќе меѓународни натпреварувања каде ја претставувала земјава, а последната победа ја носи од меѓународниот турнир во Бугарија којшто традиционално се одржува секога година. Заедно со грлото „Колпо Гросо“ во категоријата Бронзена тура, Аврамовиќ зеде прво место во височина на пречките од 1,1 до 1,2 метри.

„Во Бугарија два пати гласно одекна македонската химна, еднаш за мојата победа и претходно за победата на Самир Реџепи со кого секојдневно јаваме заедно и кој успеа да победи во категоријата Сребрена тура, со височина на пречките од 1,25 до 1,35 метар“, раскажува Аврамовиќ.

Како што објаснува таа, зголемувањето на висина од 5 сантиметри има особено значење за јавачите што се натпреваруваат во коњичката дисциплина прескокнување пречки.

Третото коло претставува значаен натпревар, каде учесниците скокаа на 105 сантиметри висина. Од нив, првото место го освои младиот Петар Милошевски со грлото „Надја“, кој прв влезе меѓу поставените пречки.

„Денес заедно со „Надја“ победивме, прескокнавме 105 центиметри. Надја има 9 години и таа е девојка, се надевам дека заедно ќе имаме уште многу успеси“, вели тој.

Младеновски има седумнаесет години, а љубовта кон јавањето е поврзана со неговото семејство, уште од мал се качил на коњ и полека се привикнува на потребната рутина за нега и љубов што ова животно ја бара.

„Јавањето е одлично, ме смирува кога и да сум нервозен. Коњот го чувствува тоа, но потоа заедно се смируваме. Сепак, бара многу нега и работа. Вообичаено доаѓам тука околу пет часот попладне и си одам околу десет навечер, бидејќи мора, тоа е дел од процесот. Пред да јавам треба да ја исчистам, да ѝ ги средам копитата, јавањето трае најмногу еден час и потоа повторно чистење“, раскажува Младеновски кој пред „Надја“ имал друг коњ, со кого се натпреварувал на позначајни меѓународни натпревари и за кого сѐ уште се грижи.

Според Љупка и Петар, јавањето е зависен спорт од кој никој не сака да се откаже, независно од тоа кога ќе започне да се бави со него.

„Идеалната возраст за дете да почне да се натпреварува е 9 до 10 години, но ова е спорт погоден за луѓе од 7 до 77 години. Во последно време луѓето учат дека во Македонија постои овој спорт и дека е доста популарен. Ние имаме добар тренер и добро обучени коњи во школата за јавање, а во последниот период се забележува сè поголем интерес за школата“, посочува Аврамовиќ.

Во Македонија во моментов има две натпреварувачки дисциплини, прескокнување пречки и дресура, додека во Европа, како што вели Љупка, популарни се и јавањето во далечина и коњички трки. Јавањето во далечина се одвива во природа со природни пречки, а од „Бравадос“ се надеваат дека наскоро во земјава ќе се воведе и оваа дисциплина.