Се очекува Претставничкиот дом (Долниот дом) на Конгресот на САД денеска да го отповика од функцијата американскиот претседател Доналд Трамп, на само една седмица пред истекот на неговиот мандат. Причината се неговите изјави кои минатата седмица доведоа до насилствата и упадот во Конгресот, при што пет луѓе ги загубија животите. Инаку, вчера Претставничкиот дом исто така изгласа Резолуција со која го повика потпретседателот Мајк Пенс да се повика на 25-от амандман на Уставот на САД и да му ги одземе овластувањата на Трамп под оправдание за неможност за извршување на функцијата.

Се очекува Претставничкиот дом, во кој мнозинството и контролата се на Демократската партија на САД, без многу дискусии да го изгласа отповикувањето, посебно затоа што многу пратеници од Републиканската партија, која на претходните избори го кандидираше Трамп како свој претседателски кандидат, исто така сметаат дека Трамп мора да биде отстранет од функцијата.

Со денешната седница фактички ќе почне второто отповикување на Трамп во текот на неговиот мандат. Трамп беше отповикан во Претставничкиот дом во декември 2019 година, под обвинување дека ги прекршил законите со барањето Украина да го истражи однесувањето на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, во изборите. Сепак, за да се заврши постапката, тогаш требаше и Сенатот да го потврди отповикувањето, но Горниот дом на Конгресот тогаш го ослободи Трамп од обвинението.

За денеска да се случи отповикувањето, ќе биде потребно освен пратениците од Демократската партија, „за“ да гласаат и уште најмалку 17 Републикански пратеници.

Инаку, вчера Претставничкиот дом изгласа Резолуција со која го повика потпретседателот Мајк Пенс да се повика на 25-от амандман на Уставот на САД и да му ги одземе овластувањата на Трамп под оправдание за неможност за извршување на функцијата“. Резолуцијата беше усвоена со 223 спрема 205 гласа, а само еден Републиканец, Адам Кинцингер од Илиноис гласаше „за“. Пред изгласувањето на резолуцијата, Пенс испрати писмо до претседавачката со Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, во кое рече оти не верува дека треба да го искористи 25-от амандман за да ги одземе моќите на Трамп, а речиси сите републиканци, освен Кинцингер, иако не го бранеа однесувањето на Трамп, сепак порачаа оти не е работа на Претставничкиот дом да му кажува на потпретседателот што да прави.

Според споменатиот амандман, во постапката за одземање на овластувањата на Трамп треба да учествува и потпретседателот и мнозинството од Кабинетот во Белата Куќа. Тие би требало да го прогласат Трамп за неспособен за вршење на функцијата и привремено да му ја одземат власта. Трамп потоа би можел да се пожали во Конгресот со писмо, по што Пенс и Кабинетот би имале четири дена да одговорот. А Конгресот би можел да го потврди тоа со двотретинско мнозинство, односно 290 гласа во Претставничкиот дом и 67 гласа во Сенатот.