Јавната расправија меѓу претседателот Доналд Трамп и конгресменката Марџори Тејлор Грин продолжи овој викенд по остри обвинувања во пресрет на гласањето за објавување на Епштајн досиејата, објави Би-би-си.

Трамп во петокот ја нарече Грин луда и рече дека треба да биде поразена на следните избори. Во саботата тој ја нарече „предавник“.

Грин изминатата недела го критикуваше претседателот прашувајќи дали и понатаму го следи принципот „Америка прво“ и изјави дека Трамп има лош пристап кон документите поврзани со Џефри Епштајн.

Претставничкиот дом треба да гласа за таканаречениот Закон за транспарентност на досиејата за Епштајн, кој би ги обврзал институциите да ја објават целата некласифицирана документација поврзана со Епштајн. Спикерот Мајк Џонсон најави дека гласањето би можело да се случи уште во вторник.

Според американскиот „Политико“, расправијата меѓу Трамп и Грин е директно поврзана со овој процес. Грин е една од само четворицата републиканци што се приклучија на демократската иницијатива за објавување на материјалите. Таа тврди дека Трамп врши притисок врз партиските колеги да не гласаат за објавување на досиејата.

„Тој жестоко ме напаѓа за да им послужам како пример на другите републиканци пред гласањето следната недела“, напиша Грин на платформата X, додавајќи дека е „зачудена колку силно се спротивставува претседателот на објавувањето на досиејата“.

Трамп, пак, возврати дека Грин „само се жали“ и дека неговите напади следеле откако таа се навредила од неговиот совет да не се кандидира за гувернер или сенатор. Тој додаде дека ќе го поддржи секој републиканец што ќе се кандидира против неа на изборите следната година.

Грин вели дека нападите на Трамп ја направиле цел на нови закани и дека како пратеничка која најчесто гласа во согласност со неговите политики, е шокирана од агресивниот тон.

Политички аналитичари наведуваат дека конфликтот е индиректен показател за чувствителноста на темата околу Епштајн. Роберт Моран изјави дека Трамп „јасно не сака“ документите да бидат објавени, но дека тоа на долг рок е неизбежно.

Трамп и Епштајн со години биле дел од истите социјални кругови, но Трамп тврди дека престанал да има контакт со него во раните 2000-ти. Тој негира каква било поврзаност со незаконските активности на Епштајн.