Берлинскиот процес за четири години создаде позитивни моменти во односите на Западен Балкан со Европската Унија и донесе извесни резултати, но за да се постигне целосниот потенцијал, потребно е да се зголеми видливоста на процесот во јавноста.

Ова е заклучокот од денешната конференција „Иднината на Берлинскиот процес“, организирана од Институтот за демократија „Сосиетас цивилис“, на која учествуваа и амбасадорите на Италија и на Велика Британија, Карло Ромео и Чарлс Гарет.

Игор Бандовиќ од „Европскиот фонд за Балкан“ рече дека политичарите декларативно се посветени на евроинтеграциите, но ако се прашат граѓаните колку од тоа гледаат на дело, одговорот е дека „не ги чувствуваат промените“. Тој истакна дека сите земји од регионот, имајќи предвид дека имаат заедничко минато, се борат со исти проблеми, односно реформи во правосудството, независност на судството и борба против корупцијата.

Координаторот на Центарот за ЕУ-интеграција, Зоран Начев, рече дека во Берлинскиот процес треба да се вклучат повеќе актери, не само владите на државите од Западен Балкан, односно парламентите, граѓанските организации и вработените во администрацијата. На тој начин ќе се поттикне забрзувањето на имплементацијата на предвидените мерки.

Амбасадорот Ромео повтори дека Берлинскиот процес не е сам по себе цел, туку механизам за забрзување на ЕУ-интеграциите на земјите од Западен Балкан, преку нивна поголема меѓусебна соработка, а со тоа и со зголемена соработка на регионот со ЕУ. Тој го спомена самитот во Трст кој се одржа во јули годинава, а на кој беа дефинирани проекти и обезбедени финансии за транспортна и за енергетска поврзаност на земјите, за зголемена безбедносна и прекугранична соработка.

Британскиот амбасадор Гарет рече дека земјите од Западен Балкан треба да го искористат следниот период за забрзување на евроинтеграциите, истакнувајќи дека и во европските институции и во земјите членки на ЕУ се свесни дека е потребно придвижување на процесот.

Следниот самит посветен на Берлинскиот процес ќе се одржи во Лондон, во јули следната година. Гарет рече дека се работи на подготовка на самитот и оти четирите клучни точки на кои ќе се фокусираат се: транспортна и енергетска поврзаноста на шесте земји од Западен Балкан, дигитално-технолошкото претприемништво, младите и нивна едукативна професионална обука и безбедноста, која овојпат ќе се однесува на борбата против фискалниот криминал и корупцијата.