Транспарентоста на различните категории на власта во голем дел од Западен Балкан е во опаѓање. Кога нема примена на она што е регулирано со прописите или на она на што лицата се обврзале со стапување на јавна функција, не може да се зборува за политичка волја за почитување на законите. Корона кризата, пак, ги соголи недостатоците и лошите практики на институциите кога е во прашање објавувањето на податоците, беше посочено на конференцијата „Отвореноста како предуслов за контрола и одговорност на власта“ на Центар за демократска транзиција (ЦДТ) од Црна Гора, со поддршка од Националната фондација за демократија (НЕД) од САД.

На виртуелната конференција зборуваа претставнички на граѓанското општество и на централните власти од Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, кои посочуваа на речиси идентични проблеми во сите држави.

Отворајќи ја конференцијата, Милена Гвозденовиќ од ЦДТ ги презентираше наодите од проценката на состојбата на добро владеење на собранијата и извршните гранки на централните власти на четири држави од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, која заеднички ја направија Фондацијата Метаморфозис од Северна Македонија, Центар за демократска транзиција, Центар за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) од Србија и Здружението на граѓани „Зашто не?“ од БиХ, во рамките на регионалната мрежа „Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“ (ACTION SEE), со поддршка од Проектот за граѓанско учество на УСАИД и НЕД.

Според Гвозденовиќ, во Црна Гора политиката на отвореност сега најчесто зависи од добрата волја на извршните власти.

Ќендреса Сулејмани од фондацијата Метаморфозис кажа дека извршната власт во Северна Македонија остварила успех и е рангирана најдобро во однос на другите држави каде е направена проценката, но дека има работи на кои треба да се обрне внимание.

-Во споредба со другите држави, извршната власт во Северна Македонија е најдобро. Сепак, ние и овие резултати ги користиме за да научиме нешто и да дадеме препораки властите дополнително да се поправат. Од четирите области на оценување, извршната власт има најдобри резултати во областа Транспарентност, а најлоши во областа Свесност, каде што се следи колку институциите имаат воспоставен систем за мониторинг и евалуација, стратешко планирање и поднесување извештаи – што според мене е најважното нешто во процесот на добро владеење.

Ние ги споредивме резултатите на сите институции со нивните буџети и притоа утврдивме дека не сите институции што имаат големи буџети се рангираат високо. Друга интересна работа е тоа што кога ги споредивме резултатите на единиците што се под надлежност на министерствата, видовме дека не сите единици коишто спаѓаат под министерствата што се рангирани добро имаат подобри резултати од останатите во нивната категорија. И како заклучок, недостига вертикалното спроведување на политиките за добро владеење, што може да се реши со Стратегијата за транспарентост на владата на Северна Македонија, во чија изработка директно се вклучи и фондацијата Метаморфозис, која се залага оваа стратегија редовно и целосно да се спроведува – порача Сулејмани.

Сања Божовиќ, советник за истражувања, анализи, транспарентност и одговорност во Владата на Северна Македонија, порача дека добрите резултати на извршната власт во Северна Македонија во поглед на транспарентноста во голем дел се должи и на соработката со граѓанските организации. Таа посочи на порталот „Отворена влада“, каде се објавуваат податоците за буџетското трошење.

Според Миша Бојовиќ од ЦРТА, во Србија состојбата е влошена во однос на претходната година.

– Достапноста на информациите за буџетите на министерствата падна в однос на претходната година и не можеме да следиме како се планираат и трошат парите -објасни таа.

Гордана Чомиќ, министерка за човечки и малцински права и општествен дијалог во владата на Србија, посочи дека проблемот со транспарентноста се зголемува како што се спушта хиерархијата, оти пониските ешалони не се толку под лупа на јавноста како високите ешалони.

– Што повисоко одите, отчетноста е подобра, а што подолу одите, толку е полоша, оти тие луѓе се подалеку од контрола од јавноста, а некогаш сакаат да „направат“ повеќе од тој горе… Моја препорака е во соработка со граѓанските организации да се прави едукција, да се наметне вредност на самообврзување за отчетност пред граѓаните, затоа што тие го полнат буџетот – рече Чомиќ.