fbpx

Конференција „E-Society.mk – Отворени институции и отчетност“: Транспарентноста е клуч за довербата во институциите

-

Во организација на Фондацијата „Метаморфозис“, денеска започна 15. Меѓународна конференција „E-Society.mk – Отворени институции и отчетност“.

Конференцијата која продолжува и утре се одржува во „Холидеј Ин“ е завршен настан на четиригодишниот проект ACTION SEE (Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа) во кој седум организации од Западниот Балкан и Обединетото Кралство ги соединија своите напори за промовирање и обезбедување одговорност и транспарентност на властите во регионот на Југоисточна Европа.

Основната цел на проектот е да се зголеми вклученоста на граѓанското општество и медиумските организации во процесите на донесување одлуки и креирање на јавното мислење и политики, како и да се зголеми капацитетот на граѓанските општества за решавање на чувствителни проблеми.

На отворањето на конференцијата учествуваше и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, кој истакна дека преку отвореноста и отчетноста на институциите, Владата се обидува да ја врати довербата на граѓаните, за намалување на корупцијата и неправилностите во работата и штедење на нивните пари. Тој потенцираше дека Стратегијата за владина транспарентност 2020 – 2021, која утре подетално ќе биде презентирана, е подготвена со невладиниот сектор и има широк опфат, односно, не постои институција која одговара пред Владата, а не е опфатена со неа.

„Врз спроведувањето на стратегијата ќе има мониторинг од страна на работна група во која ќе членуваат луѓе од невладиниот сектор, медиумите и бизнис заедницата“, рече Поповски.

Фани Каранфилова Пановска од Фондацијата Отворено општество Македонија рече дека Стратегијата за владина транспарентност има за цел да ги консолидира напорите на институциите да ги надградат инструментите, алатките за да обезбедат поголема транспарентност и пристап до информации од јавен карактер.

Според Каранфилова Пановска, Работната група која ќе го мониторира спроведувањето на Стратегијата ќе даде поттик граѓанските организации и медиуми независно да ја следат имплементацијата, да даваат предлози за надградба, бидејќи документот е жива материја кој треба да се надградува.

Во однос на транспарентноста и отчетноста на владините институции, Каранфилова Пановска побара поголема транспарентност во доделувањето на државни средства кон граѓанските организации, бидејќи како што рече, постои недостаток на транспарентност и отчетност во процесот на донесување на одлуки на кои граѓански организации министерствата ќе ги доделат, како се трошат тие пари и сл.

Како втора важна работа Каранфилова Пановска го истакна тоа што институциите назадуваат во однос на давање на информации според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.Тие не одговараат на барањата, па така во втората половина од 2018 година, една петина од барањата останале неодговорени.

„Тоа се должи на тоа што Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер која треба да одговара на жалбите е нецелосно екипирана и не функционира цела година, со што има застој во процесот на одлучување по жалбите. Не е формирана ниту Агенција за слободен пристап до информации од јавен карактер која треба да ја контролира отвореноста на институциите за пристап до информации од јавен карактер и апелирам Комисијата за избори и именување да профункционира и да ја формира Агенцијата“, рече Каранфиловска Пановска.

Раководителот на секторот за соработка при Делегацијата на Европската унија, Никола Бертолини, рече дека граѓаните не го добиваат тоа што го бараат и она што во ЕУ е нормално тука не е.

„Ние сме во ситуација во која Парламентот не поставува раководство на Агенцијата. Зошто не го прави ова? Знам дека директор или раководител на Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер не е назначен. Министерот за информатичко општество и админситрација Дамјан Манчевски ми рече дека мора да назначи прв човек за да се исплатат плати. Зошто ова не функционира?“ праша Бертолини.

Директорот на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари, потенцираше дека освен што отвореноста и отчетноста на институциите е многу важна, сепак многу поважни се конкретни акции, промена на закони, промена на процедурите во институциите, за граѓаните да ги почувствуваат бенефитите од таа отвореност и да добијат квалитетни услуги и подабар живот.

Тој додаде дека не е доволно само да се констатира туку да се преземат конкретни акции, па затоа потенцираше дека е важно да се прават квалитетни анализи на локално ниво, а властите таму се најзатворени.

Затоа, како што истакна Јашари, за да се подобрат улугите на локално ниво, важна е грантовата шема која се дава на 35 невладини организации на локално ниво, бидејќи тие најдобро ги знаат проблемите на локално ниво и оттука со помош на медиумите да работат на конкретни проблеми и да се подобрат принципите на добро владеење.

На вториот панел од конференцијата насловен „4 години лобирање за отворени институции и отчетност“, Милена Гвозденовиќ од Центарот за демократска транзиција која што е дел од регионалниот проект на ACTION SEE рече дека резултатите покажуваат дека на регионално ниво Парламентите исполнуваат 65 отсто од критериумите на отвореност, потоа извршната власт 49 отсто и локалната самоуправа 36 отсто, судовите 42 отсто.

Препораката од овој панел е дека сите држави од регионот треба да обезбедат пристап до информации и не треба да имаат монопол врз нив.

Конференцијата се поклопува со прославата на 15-годишниот јубилеј на Фондацијата „Метаморфозис“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Убиецот зад кочанскиот фемицид доби доживотна казна

Лицето кое ја уби 46-годишната Танкица Маладеновска во Кочани на 25 септември доби доживотна затворска казна, соопшти Јавното обвинителство. Основниот суд во Кочани донесе пресуда за злосторникот за кривичното дело...