Денешните ученици се сè поагресивни, незаинтересирани, без чувство за другиот, имаат ниска емоционална интелигенција и висока нетолеранција. Тоа укажува на проблеми сврзани со воспитната улога на наставникот, но пред сè на родителската улога. Овие вредности се сè помалку развиени и непоттикнати и затоа мора да се менуваат, вели Марија Конеска, психолог и едукатор која секојдневно работи со наставен кадар, родители и деца.

Новиот Закон за основно образование е заснован на нешто што се вика „character education“, односно е насочено кон учење што ќе создава деца што ќе пораснат во здрави возрасни луѓе. Во наведените цели на законот стои дека намерата е да се работи на нивниот хармоничен, емоционален и социјален развој, на развивањето самодоверба, самосвест, меѓусебна толеранција, почит кон различниот од себе и слично.

Дали денешните ученици во основното образование ги негуваат вредностите што се наведени како цели на законот? 

-За да се негуваат некои вредности кај децата, истите тие треба да се негуваат кај нивните родители и да се поттикнати и да се пренесуваат од наставниците во основно образование. Човековите вредности првично треба да се развиваат од страна на родителите на децата. Училиштето има воспитна улога на поттикнувач, кој учествува во градењето на овие клучни вредности на човековото однесување воопшто. Имајќи предвид дека изминативе неколку години се оддалечивме од негувањето на воспитната компонента во основното образование, преку која треба да се воспитуваат нашите деца токму на овие вредности, свесното граѓанско општество преку иницијативи на невладини организации, зачестени реакции од родители и наставниот кадар, и други организациски тела кои поттикнуваа на важноста на оваа компонента, реагираше, и овие цели станаа поширока потреба кај граѓаните на нашата земја. Вредностите се сметаат за скоро изгубени не само кај учениците, туку и во начинот на пренесувањето на знаењето од страна на наставниците. Огромно влијание има и фактот дека сè повеќе ученици во прво одделение доаѓаат непотковани со домашно воспитание за соодветен начин на однесување, односно, со неразвиено чувство за грижа, почит, разбирање и толеранција. А токму овие вредности се учат од најмалите нозе. Денешните ученици се сè поагресивни, незаинтересирани, без чувство за другиот, ниска емоционална интелигенција, висока нетолеранција. Тоа укажува на несоодветна примена на воспитната улога на наставникот, покрај родителската улога, која доаѓа првично на рангирањето на причинители.

Дали училиштата низ годините ја изгубија воспитната улога која ја имаа, а е подеднакво важна како и образовната?  

-Училиштата по закон имаат воспитно-образовна улога. Тоа значи дека имаат две компоненти, коишто треба соодветно да се развиваат кај децата од страна на наставниот кадар. Се сеќавам кога јас учев основно училиште, учителот секој дел за кој требаше да нè образува ни го пренесуваше преку лични примери. Имавме неверојатна дисциплина и стравопочит кон наставниците. Затоа, ден денес скоро сите ние паметиме од тие наставници што нè научиле и како сето тоа ние сме го примениле понатаму во животот, затоа што многу често нè учеа на соодветно однесување. Однесувањето беше најбитно. Тоа е воспитнатата улога во воспитно-образовниот процес, којашто низ годините, за жал, ја намали својата вредност. Потребата е огромна, но зголемувањето на административните обврски на наставникот, измените во наставните програми и намалувањето на влијанието на наставникот врз водењето на процесот на учење, намалувањето на квалитетот на соодветен кадар во образованието, зголеменото влијание на политичко ниво во образованието, претрупаност од стандарди за настава, оценување, чести промени на наставни планови и програми, зголемени административни барања од наставниците и слично, доведоа до губење на оваа особено важна компонента во воспитно-образовниот процес. Она што е од особена предност на новиот предлог закон е што во своите цели се насочува кон оваа компонента преку развивање самодоверба и свест кај ученикот за сопствената индивидуалност и одговорност за своите постапки, како и кон воспитување за меѓусебна толеранција, соработка, почитување на различноста, основните човекови слободи и права. Остварувањето на овие цели во воспитно-образовниот процес заедно со другите, ќе доведе до унапредување на воспитната компонента на училиштата во нашата земја. Тоа подразбира развој на вештини и компетенции кај децата кои ги градат кон подобри личности. Но ова со себе влече и измени на пошироко ниво во поглед на реализирањето на наставни програми и планови или воведување на нови наставни или воннаставни единици.

Кон овие нешта се фокусирани и развиените држави. Колку работата на јакнењето на децата како личности од најрана возраст, е од суштинско значење за понатамошниот нивен развој?

-Работењето на емоционален, когнитивен и социјален план кај луѓето е наејфективно во раната возраст, односно, тоа е периодот во кој мозокот може да ги впие овие суштински вредности најлесно и со најмногу интерес и внимание. Секаде во развиените држави имаме минимум 30 отсто од воспитно-образовниот процес посветен само на развивање на одредени вештини, компетенции и човекови вредности кај децата. Од најмали нозе се гради самодовербата, од најмали нозе се гради почитувањето. Ако немаме таква подлога кај луѓето од најраната возраст, во подоцнежните години многу е потешко да научите млад човек на почитување, а дотогаш се темелел само на она што го гледал и слушал од околината која го опкружувала.

Дали очекувате овие цели, кои се наведени во новиот закон, со текот на времето да бидат исполнети?

Знаете, закони има многу секаде во секоја држава. Сите закони и измени кои им се додаваат се добри и се создадени за да се направи позитивна промена и подобрување на пошироко ниво во државата. Но, во нашата држава подолг период се поставуваат прашањата колку законите и измените во законите се реализираат на практично ниво и колку тие се почитуваат. Ако се спроведат овие измени на соодветен начин со уште други пропратни начини на реализација на овие цели преку посебни програми, низ кои ќе се обрне сериозно внимание на овие цели, да, сметам дека со текот на времето ќе дадат многу добар резултат во новите генерации што доаѓаат. Очекувам овие цели да бидат основа за создавање поквалитетно образование во кое воспитната компонента ќе заземе важен заслужен простор во воспитно-образовниот процес. Развојот на овие цели бараат големи промени и подобрувања во образовните практики.

Што да прават наставниците и родителите, која е Вашата препорака?   

Улогата на воспитување е нивна/наша, на нас како родители, наставници, психолози. Овие цели на кои обрнавме внимание во Законот за основно образование, треба да поттикнат свесност кај наставниот кадар и родителите за нивната улога во воспитувањето на личноста на детето, односно, какви луѓе и граѓани ние сакаме во нашата држава да растат и влијаат. Целите не е само да се напишат на лист хартија, тие треба да имаат јасна слика како да се спроведат во пракса. Воведувањето прво на свесност од потребата на развивање на вештини и компетенции на развој на личноста кај децата, а потоа и сериозност во спроведувањето на соодветен начин и преку соодветни експерти на овие вештини и компетенции кај децата, ќе доведе до развој на пошироко ниво. Остварувањето на секоја цел не значи само чекорење по одредени правила и стандарди, користење на пропишани курикулуми и програми, туку значи и сознание за тоа зошто се унапредуваат токму овие цели во воспитно-образовниот процес и каде истите не водат како граѓани на нашата земја. Мораме да се подобруваме и да се развиваме на многу пошироко ниво во однос на образованието, бидејќи образованието е тоа кое ја движи државата напред.