Зоран Заев и Христијан Мицкоски по средбата кај претседателот Пендаровски | Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Лидерите на двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, конечно денеска успеаја да ги усогласат различните ставови околу датумот за одржување на парламентарните избори. Гласањето ќе се одржи на 15 јули. Заев на прес-конференција порача дека државата и народот мора да се спасат од каков било ризик од дополнително влошување на ситуацијата и дека со оваа техничка влада и без Собрание, нема да може да се издржи поголема криза.

– Знам дека преку глава му е на секој граѓанин од партиските игри и од фамозниот датум за избори, време е ова да го расчистиме. За да не страда народот и за да им се овозможи на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ на дело да ја покажат својата одговорност, го заклучуваме 15 јули како конечен, последен и единствен датум за избори на кои гарантирано ќе учествува опозицијата. Ја информирам јавноста дека денес повторно разговарав со Мицкоски и тој ми потврди дека е согласен да учествува на избори на 15 јули – рече Заев.

Тој изјави дека 15 јули, среда, ќе биде неработен ден за сите граѓани и дека ќе се гласа до 21 часот. Во понеделникот и вторникот ќе гласаат болните и изнемоштените лица, како и позитивните на корона вирусот.

Заев додаде дека овој пат барањето за вонредна состојба од претседателот Стево Пендаровски ќе биде само заради усогласувањето на 15 јули како конечен датум за избори и дека со Мицкоски се договориле заедно да го информираат за тоа, а исто така да ги информираат и сите своите членови на ДИК, за да нема застој во организирањето на изборите.

– Сите сме крајно свесни дека се наоѓаме во комплициран момент кога треба да носиме важни одлуки. Ни треба активно Собрание, домот на демократијата, домот на народните претставници ни треба да биде функционален. Ни треба активна влада. Само на тој начин есента ќе ја дочекаме спремни со сите институции за борба со опасниот вирус – рече Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил напиша дека партијата ќе учествува на изборите на 15 јули и заедно со народот ќе го победи изворот на кризата, Зоран Заев и СДСМ.

– Двата услови кои ги баравме се прифатени, прво протоколи за заштита на здравјето на граѓаните, второ мисија на ОБСЕ и ОДИХР за заштита на волјата на граѓаните – напиша Мицкоски.